Реакции по писмото на патријархот: Даниил се однесува како Папа

Date:

Share post:

Писмото што бугарскиот патријарх Даниил го испрати до украинските власти, во кое изразува поддршка за Украинската православна црква (УПЦ), предизвика силни реакции во црковните кругови. Откако во бугарските медиуми беше објавено дека писмото најверојатно не е официјален став на Светиот синод на Бугарската православна црква, туку иницијатива на патријархот Даниил и двајца митрополити, следуваа бројни критики.

Меѓу најострите реакции е онаа на д-р Михол О’Херли, канонист, правник со меѓународен углед и секретар на Митрополијата на Ирска при Вселенската патријаршија.

Во својот коментар тој оценува дека доколку писмото навистина не било одобрено од Светиот синод, тогаш станува збор за сериозно нарушување на соборниот принцип на управување во Православната црква.

„Бугарската црква се управува соборно – преку заеднички одлуки на нејзините архиереи. Не знаеме Светиот синод да донел одлука да ја изрази поддршката на Бугарската православна црква за Украинската православна црква. Колку што ми е познато, Синодот е на летен одмор и нема објавено ништо во таа насока“, наведува О’Херли, пренесува hristianstvo.bg.

Тој поставува прашање дали бугарскиот патријарх може самостојно да дејствува во име на целата Црква и дали со тоа не се однесува како да има овластувања слични на оние на римскиот папа.

„Можно ли е бугарскиот патријарх да постапува без овластување од Синодот? Дали постапува како ‘папа’, кој има поголема власт од останатите архиереи? Ние, како православни, немаме поим за ‘непогрешливост’, ниту нашите епископи треба да се мешаат во други јурисдикции“, пишува тој.

Канонистот оценува дека писмото нема правна тежина во Украина, бидејќи бугарскиот патријарх нема процесна легитимација во украинските судски постапки, па затоа го смета за политички, а не за црковен акт.

Според него, доколку писмото биде разгледувано во судска постапка, патријархот Даниил би можел да биде повикан лично да сведочи за неговото потекло, да објасни дали станува збор за личен став или за одлука на Светиот синод, како и да открие кој учествувал во неговото подготвување.

Во коментарот О’Херли предупредува дека ваквите постапки можат дополнително да ги продлабочат поделбите во Бугарската православна црква.

„Ако еден или двајца архиереи можат да ги користат своите лични ставови за да зборуваат во име на целата Бугарска православна црква, тогаш православието и традицијата, какви што ги познаваме повеќе од две илјади години, ќе ја изгубат својата смисла“, наведува тој.

Осврнувајќи се на украинското црковно прашање, О’Херли повторува дека според Вселенската патријаршија канонска црква во Украина е Православната црква на Украина (ПЦУ), која доби Томос за автокефалност од Вселенската патријаршија.

На крајот тој истакнува дека очекува дополнителни докази кои би покажале дека писмото било овластено од Светиот синод, но засега, како што наведува, „изгледа како дејствување по сопствена иницијатива, наменето да ја убеди јавноста дека станува збор за официјален став на Бугарската православна црква“.

Писмото на патријархот Даниил последните денови предизвика бројни реакции и дебати во православната јавност, особено поради прашањето дали тоа претставува официјален став на Бугарската православна црква или лична иницијатива на неколку архиереи.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img