Епархијата рашко-призренска на Српската православна црква објави едно од своите најобемни и најостри соопштенија во последните години, во кое предупредува дека положбата на Српската православна црква и на српскиот народ на Косово драматично се влошува. Од Епархијата оценуваат дека, доколку продолжи сегашниот однос на косовските институции и изостане реакција од меѓународната заедница, постои опасност од „целосно исчезнување на српскиот народ од овој простор“.
Во соопштението се наведува дека, по долг период на воздржаност и обиди проблемите да се решаваат преку разговори со меѓународните претставници и косовските институции, Црквата чувствува морална обврска јавно да проговори за, како што наведува, „систематската ерозија на правата“ на Српската православна црква и српската заедница.
Епархијата особено ја критикува работата на Косовската полиција, оценувајќи дека кај српската заедница таа повеќе не се доживува како институција што ги штити сите граѓани еднакво, туку како инструмент на притисок.
„За сѐ поголем број Срби, Косовската полиција повеќе не претставува мост на доверба, туку средство за притисок, селективна контрола и систематско заплашување“, се наведува во соопштението.
Како пример се посочуваат случувањата за време на овогодишното одбележување на Видовден на Газиместан, кога, според Епархијата, биле приведени 37 Срби, меѓу кои и едно малолетно лице, иако, како што наведуваат, самата полиција признала дека немало инциденти што го нарушиле јавниот ред.
Од Епархијата тврдат дека приведувањата биле поврзани со пеење патриотски песни и јавно изразување на српскиот национален идентитет, што, според нив, е дозволено со закон, но во пракса се санкционира само кога станува збор за Србите.
Голем дел од документот е посветен на положбата на православните светињи на Косово.
Епархијата предупредува дека Законот за специјалните заштитни зони не се применува доследно и дека во последната година биле забележани сериозни нарушувања на заштитните зони околу испосницата на Свети Петар Коришки, манастирот Богородица Хвостанска и манастирот Грачаница.
Посебно внимание е посветено на манастирот Високи Дечани. Од Епархијата наведуваат дека продолжуваат притисоците поврзани со изградбата на магистралниот пат покрај манастирот, иако Европската унија и ОБСЕ претходно оцениле дека таквиот проект е незаконски.
Во документот се наведува дека бројни кражби, провали и сквернавења на православни храмови останале без соодветен судски и полициски епилог.
Како пример е посочена црквата „Свети Архангел Михаил“ во Ракитница, каде, според Епархијата, полицијата двапати одбила да прифати пријава за провала, дури и во присуство на претставници на ЕУЛЕКС.
Споменат е и случајот со албанскиот државјанин Никола Џуфка, кој, според Епархијата, незаконски влегувал во православни храмови и јавно се претставувал како архиепископ на непостоечка црква, без да сноси последици.
Епархијата ја критикува и забраната за богослужби во Храмот „Христос Спасител“ во Приштина. Иако храмот е впишан како сопственост на Српската православна црква и нема судска одлука што го забранува пристапот, според соопштението, полицијата во повеќе наврати не им дозволила на митрополитот Теодосиј, свештенството и верниците да влезат во храмот и да служат Литургија.
Епархијата оценува дека правата гарантирани со Ахтисариевиот план и законите што произлегуваат од него постепено се поткопуваат, а институционалниот притисок е проследен со медиумска кампања во која Српската православна црква се претставува како политички непожелен фактор.
Воедно, се упатува апел до меѓународната заедница да не го намалува своето дипломатско и безбедносно присуство на Косово, нагласувајќи дека присуството на КФОР, особено околу манастирот Високи Дечани, останува клучно за безбедноста на Српската православна црква и на српската заедница.
„Српската православна црква останува определена за мир, дијалог и владеење на правото, но мир не може да се гради врз стравот на една заедница, селективната примена на законите и дискриминацијата“, се наведува во заклучокот на соопштението.

