Нова контроверзна одлука донесоа турските власти во пресрет на Божествената Литургија во манастирот на Пресвета Богородица – Панагија Сумела во Трабзон, Понт. Годинашното богослужение, закажано за 23 август, за првпат ќе се одржи без присуство на претставници на медиумите.
Според турскиот информативен портал „61saat“, а потоа и повеќе турски медиуми, настанот кој во изминатите години го следеа десетици турски новинари и странски дописници, годинава ќе биде затворен за медиумско известување од внатрешноста на манастирот.
Со одлуката се забранува телевизиско снимање и фотографирање на богослужението во храмот.
Ограничен пристап и за верниците
Но, тоа не е единствената мерка донесена непосредно пред Литургијата.
Како што претходно објави pontosnews.gr, годинава ќе биде применет и ограничен пристап за верниците и посетителите, официјално „од безбедносни причини“.
Во утринските часови во внатрешноста на манастирот ќе можат да влезат исклучиво лицата кои се наоѓаат на претходно одобрениот список на гости за богослужението.
За останатите посетители и туристи, манастирскиот комплекс ќе биде затворен во текот на утрото, а повторно ќе биде отворен по 14 часот.
Реакции во Турција
Одлуката за забрана на присуството на медиумите доаѓа во атмосфера на зголемени реакции од националистички кругови во Трабзон.
Според „61saat“, претседателот на синдикатот Türkiye Kamu-Sen во Трабзон, Џошкун Дилбер, јавно се спротивставил на одржувањето на богослужението.
Тој тврди дека Панагија Сумела е регистрирана како музеј, а не како црква, и побарал дозволата за одржување на Божествената Литургија да биде поништена.
Трета година без Литургија на 15 август
Турските власти и оваа година, трета по ред, не дозволија Божествената Литургија да се одржи на 15 август, на празникот Успение на Пресвета Богородица.
Наместо тоа, дозволено е богослужението да се одржи на 23 август, на Одданието на празникот Успение на Пресвета Богородица.
Поради промената на датумот, Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј нема да присуствува во Панагија Сумела.
На истиот ден тој ќе чиноначалствува со Божествената Литургија кај урнатините на манастирот „Панагија Фанеромени“ во Артаки, Кизик.
/crkovenzurnal.com

