Бигорски го враќа богослужбениот живот во древниот манастир „Св. Архангел Гавриил“

Date:

Share post:

По години запустеност, во древниот манастир „Свети Архангел Гавриил“ во Долни Дримкол, познат меѓу народот како Манастирец, повторно ќе биде отслужена Света архиерејска литургија. Богослужбата ќе се одржи на 26 јули, по повод празникот Собор на светиот архангел Гавриил, со што Бигорскиот манастир продолжува со оживувањето на оваа значајна македонска светина.

Светата литургија ќе започне во 8:30 часот, а ќе чиноначалствува епископот Антаниски Партениј.

Според Бигорската обител, литургијата ќе се служи откако во изминатите две години беа реализирани обемни активности за отворање пристапен пат, расчистување на манастирскиот комплекс и создавање услови за повторно богослужбено користење на оваа древна светиња.

Работите биле иницирани од игуменот на Бигорскиот манастир, епископот Антаниски Партениј, а претставуваат прв чекор кон идната обнова на манастирот, кој со децении бил запуштен.

Манастирот „Свети Архангел Гавриил“, сместен во Дебарскиот, односно Долни Дримкол, има богата историја. Според податоците на Бигорскиот манастир, неговото постоење датира уште од ромејскиот период, пред XIV век, додека остатоците од сегашниот храм потекнуваат од почетокот на XX век. Со векови оваа светина била духовен центар, место на молитва и значајно културно средиште во западниот дел на Македонија.

Од Бигорскиот манастир посочуваат дека целта на претстојната Света литургија е не само молитвено да се прослави светиот архангел Гавриил, туку и оваа древна светина повторно да се врати во богослужбениот живот на Македонската православна црква.

Воедно, од манастирот упатија покана до верниците да присуствуваат на литургијата и заеднички да се помолат во обновената манастирска обител, која постепено се подготвува за својата целосна обнова и повторно духовно оживување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img