Голем шумски пожар попладнево избувна во атарот на селото Бајково, во Општина Ново Село, при што огнената стихија се прошири кон црквата „Свети апостоли Петар и Павле“, ставајќи го во опасност овој православен храм.
Пожарот бил забележан околу 16:30 часот на падините на планината Огражден, а поради силниот ветер и сувата вегетација брзо се проширил кон црковниот комплекс.
На терен интервенираат пожарникари од Територијалната противпожарна единица Струмица, доброволци од Доброволното противпожарно друштво „Рис“, како и локални жители, кои заеднички се обидуваат да го запрат огнот пред да го зафати храмот.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека поради сериозноста на ситуацијата е побарано да бидат ангажирани и два ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување, со цел да се спречи натамошното ширење на пожарот.
Според информациите од терен, главен приоритет на сите екипи е да се одбрани црквата „Св. апостоли Петар и Павле“ и да не се дозволи пламените јазици да го зафатат храмот и околниот простор.
Подоцна, градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, соопшти дека благодарение на брзата и пожртвувана интервенција на граѓаните од селото Двориште, пожарникарите од ТППЕ Струмица, доброволците од ДПД „Рис – Оперативци“ и Дирекцијата за заштита и спасување, црквата „Св. апостоли Петар и Павле“ во Бајково е спасена од огнената стихија.
Тој јавно им се заблагодари на сите учесници во акцијата и упати апел до граѓаните за максимално совесно и одговорно однесување при престој и движење во природа, особено во услови на високи температури и зголемен ризик од пожари.
До моментот на објавување на информацијата не беше соопштено дали има повредени лица, колкава површина е зафатена од пожарот и дали тој е целосно ставен под контрола.

