Фотоволтаична електрана со капацитет поголем од 10 мегавати ќе се гради на земјиште во сопственост на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија кај Неготино, откако Владата донесе одлука за усвојување на урбанистичкиот план за реализација на проектот, објави фактор.мк.
Според владината одлука донесена на 30 јуни, се усвојува Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за уредување на земјиште со намена Е1.13 – површински соларни и фотоволтаични електрани со моќност над 10 мегавати на делови од катастарските парцели 3038/1, 3099/1 и 3135/1 во Катастарската општина Неготино.
Како што објави „Фактор“, според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, земјиштето на кое ќе се реализира проектот е во сопственост на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, односно на манастирот „Свети Ѓорѓи Великомаченик“ и Повардарската православна епархија.
Опфатените парцели зафаќаат околу 140 хектари ниви и пасишта. Според документите на Министерството за транспорт, за дел од ова земјиште ќе биде склучен договор за закуп меѓу МПЦ-ОА како сопственик и компанијата „Градаб 2022“, која ќе го реализира проектот.
Според истите документи, постапката за изградба на фотоволтаичната електрана започнала уште пред 2024 година, кога бил склучен договорот за закуп меѓу МПЦ-ОА и „Градаб 2022“.
Две недели пред Владата да ја донесе одлуката за усвојување на урбанистичкиот план, била извршена промена во сопственичката структура на компанијата „Градаб 2022“. За нов управител и сопственик бил назначен Алтин Малиќи, еден од синовите на покојниот бизнисмен Енвер Малиќи, поранешен сопственик на „Гемак Трејд“, „Хотел Парк“ и поранешен заменик-градоначалник на Град Скопје.
Меѓу сопствениците на компанијата се водат и Александар и Димитри Влахо од Скопје. „Градаб 2022“ е основана во 2022 година со дејност изградба на станбени и нестанбени објекти, а според финансиските извештаи за минатата година немала приходи ниту вработени.

