Вселенскиот патријарх Вартоломеј, за време на неодамнешната посета на Литванија, го заокружил процесот на воспоставување на Православната Црква во државата под јурисдикција на Вселенската патријаршија, оценува авторот Пол Гобл во анализа објавена во „Евроазија ривју“.
Според руско-украинската експертка за верски прашања Лера Фурман, со ова практично се ограничува долгогодишната доминација на Московската патријаршија врз православниот живот во оваа балтичка држава. Таа наведува дека Вселенската патријаршија никогаш целосно не ги признала претензиите на Москва врз православните заедници во Литванија, но во периодот на Советскиот Сојуз немала можност активно да дејствува во земјата.
Во изминатите години Константинопол примил под своја црковна заштита повеќе свештеници кои биле отстранети или казнети од Руската православна црква поради нивниот антивоен став. Меѓу нив се наоѓа и група литвански клирици.
Пред три години патријархот Вартоломеј ја основа Егзархијата на Вселенската патријаршија во Литванија. Во неговиот состав, покрај литванските свештеници, влегоа и клириците Георгиј Рој и Александар Кухта, кои ја напуштија Белорусија, како и познатиот руски теолог, ѓаконот Андреј Кураев.
На 31 мај патријархот Вартоломеј го назначи архимандритот Панарет, кој претходно се грижел за православните заедници од словенско и турско потекло во Константинопол, за епископ Тамасоски и егзарх на Литванија. Неговото свечено востоличување се одржа на 7 јуни во храмот „Света Троица“ во Вилнус, во присуство на Вселенскиот патријарх. На богослужбата присуствувале и голем број украински и белоруски бегалци.
Обраќајќи им се, патријархот Вартоломеј ја истакнал гостопримливоста на Вилнус и христијанскиот повик човекот да остане верен на вистината, дури и кога таквата верност го нарушува неговиот дотогашен начин на живот.
На востоличувањето присуствувал и Денис Кучински, советник на белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја. Тој ја нагласил историската поврзаност на Белорусија со Вселенската патријаршија.
Според авторот на анализата, ваквата изјава може да укажува дека прашањето за црковна независност од Москва би можело да биде отворено и во Белорусија, особено во случај на идна политичка промена во земјата. Сепак, оценката дека со овие настани целосно завршила контролата на Москва врз православието во Литванија претставува став на авторот и на експертката цитирана во текстот.
Во Литванија и натаму дејствува православна црковна структура поврзана со Московската патријаршија, паралелно со новата егзархија на Вселенската патријаршија.


Тажно за самиот Вартоломеј. Отсекогаш ли бил Патријарх на Соросоидите? Но кај Соросоидите има се’ само богољубивост и вера не. Да го собираш сиот олош по “Вселената” и со него да правиш егзархии, користејќи го славното име константинополско…
Не по географија, не по историски традиции, не по цивилизациско-културна профилираност, Литванија по суштина немала, нема и ќе нема допирни точки со Цариград, а нема многу ни со Москва.
Вистинскиот архипастир мора да е свесен за богодадените квалитети на еден народ, а не да стреми да подјарми за инает и ќеф.
Ако некој е есенцијално самобитен во Европа, тогаш тоа е Литванија: не по геополитичка поставеност или моќ (секако не во денешниот свет), туку според нејзината најсамосвојна богодарувана духовна природа. Што ќе прави егзархот на Вартоломеј таму? Ќе егзархува над банда отпадници и велепредавници од околните држави, агитирајќи колку е бездушен Кирил Московски? Ќе се надева некако да гризне и во Белорусија? Што ќе и’ е на Белорусија Вартоломеј! Знае ли тој каков народ, каква Црква живее таму!
Сепак, сонот знае да стане и кошмар. И “Вселенскиот” ќе го однесат неговите соништа низ литванските води. Чекајте и гледајте како една “мала” бара голта еден “голем” Одисеј/Патријарх.