Митрополитот Германски Григориј од Српската православна црква им порача на Србите дека треба да ги напуштат теориите за „злиот Запад“ и односите со Европа да ги градат врз разум, дијалог и меѓусебна почит.

Говорејќи на оваа тема, митрополитот оцени дека во јавноста често се појавуваат неточни претстави кои не одговараат на реалноста. Како што наведе, не е можно да се зборува за некаков единствен Запад кој има истоветен став кон Србија и Србите.
„Често слушам како луѓето велат: ‘Западот нè мрази’. Како да постои некаков колективен Запад каде сите мислат исто. Како таму да не постојат поединци, луѓе кои размислуваат со своја глава“, изјави митрополитот Григориј.
Тој истакна дека за време на својот престој во Германија имал можност да запознае голем број образовани луѓе кои добро го познаваат српскиот народ и кои не ја гледаат Србија низ призмата на предрасуди. Митрополитот нагласи дека Србите немаат причина себеси да се доживуваат како народ што е надвор од Европа или спротивставен на европските општества.
„За секој образован човек овде, ние сме дел од Европа. Не сме нешто надвор од Европа. Ние сме Европејци“, потенцира тој.
Осврнувајќи се на состојбата во српското општество, Григориј оцени дека последици оставиле и антисрпската и антизападната пропаганда. Како што наведе, приказната за „злиот Запад“ кој сака да ја уништи Србија не помага во разбирањето на реалноста ниту во решавањето на проблемите.
„Постојано слушаме: ‘Злиот Запад нè мрази, сака да нè уништи, да ни ја одземе земјата’. Мислам дека тоа повеќе не е одраз на реалната состојба и на сериозното размислување“,рече митрополитот.


“Секој образуван човек” не е политичар. Напротив, има огромна разлика меѓу политичките владеачки гарнитури кошто не го претставуваат светогледот на “секој образуван човек” и поединечните перцепции на личности кои како и нивните предци од памтивек се родиле, израснале, работат и живеат на Запад и имаат интегритет да си изградат сопствен поглед на светот и животот. Епископите, архимандритите, игумените, монасите треба да имаат предвид дека мнозинството луѓе во средба со нив како со конкретни носители на Божествената благодат не разговараат и не се однесуваат на својот секојдневен начин, туку напротив доживуваат една моментална преобразба (која не мора долго да ги држи) и пред нив ја пројавуваат својата најсветла можна икона. Значи, можно е тоа да се крие зад констатацијата “секој образуван човек е србољубив” на пример.
Не дека велам дека српскиот народ треба да биде заколнат непријател на Западот, но би било чудно да остане непретпазлив после огромниот погром што го доживеа кон крајот на минатиот век. Впрочем денес на Ратко Младиќ во неговата старост и изнемоштеност истиот тој Запад не му дозволува да си умре утешен од своите најблиски, во својата родна земја. Јасно е дека неговото враќање во Србија не би претставувало никаква опасност за никаков Запад или Исток, се работи за злоба, којашто Србинот не може да не ја препознае. Ратко Младиќ е херој во очите на српскиот народ, а воен злосторник за колективниот Запад (кој се надеваме нема да остане толку негативно колективен ни на политичко-административно ниво). Српските заедници во западните земји главно се добро прифатени од локалното население, (впрочем добро и се интегрираат во тие општества), што секако ја посведочува констатацијата дека не секаде е се’ црно-бело. Но официјалната политика на западните владеачки гарнитури кон Србија до денес е репресивна и ултимативна во смисла на притисоци кон нејзиниот државен суверенитет, кон нејзината надворешна политика итн. И “секој образуван човек” на Запад би морал и тоа да го гледа јасно.