И самата анатема не значи ништо друго, туку дека човекот на кој Црквата му суди – го предава на Бог, Он понатаму да се грижи за него и неговото спасение. Ваквиот чин, не е некаков болен триумфализам над грешникот, како што си го замислуваат религиозните социопати, туку признание на луѓето од Црквата за својата слабост и неуспех, дека немале доволно љубов да допрат до најдлабокото битие на човекот, дека немале доволно светост да го ослободат човекот од демоноопседнатоста.
Пишува: Митрополит Струмички Наум
Она што сакам да ви го кажам за денешното евангелие, се надоврзува на тоа што вчера ви го кажав. Вчера ви објаснив дека Бог ни ги дал црковните правила лично и единствено за нас и за наше духовно растење – преку нивното исполнување. Сѐ дотогаш, тие правила немаат и никогаш нема да имаат, ама баш никаква врска со нашите ближни; нам поединечно, ниту ни е дозволено да ги мериме преку нив, ниту ни е дозволено да им судиме и да ги осудуваме преку нив.
И се надоврзува на предвидената евангелска и црковна судска процедура, што ја спомнав, во случај некој нешто да згреши. А еве како изгледа таа: „Ако згреши против тебе братот твој, оди и укори го насамо; ако те послуша, си го придобил брата си. Ако ли не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор. Ако ли, пак, не ги послуша и нив, кажи ѝ на Црквата; па, ако и Црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и митник“.
Сум го објаснувал ова и порано: кога некој нешто ќе ни згреши, најнапред се трудиме да ја побараме и воспоставиме Божјата правда во себе, а потоа во зависност од околностите – на пример, ако се предизвикува штета на заедницата за која се грижиме, на пошироката заедница или на Црквата, ја бараме и човечката правда – но со крајна цел, да се воспостави Божјата правда на Царството Небесно.
Но, сосема е друго, кога Божјата правда ја воспоставуваш прво во себе – свесен си дека си виновен за сѐ, дека немаш смирение, дека немаш љубов за оној што ти врши неправда, свесен си дека не си сличен на Христос, па потоа кротко му се обраќаш на тој што те онеправдал – наместо нервозно и со гнев, и се обидуваш мирно и со молитва да допреш до најдлабокиот него, со цел да му го освестиш гревот што го прави пред Бог – не, толку, кон тебе.
На овој начин се зачувува, од наша страна, личниот однос кон човекот и тој на енергетско ниво – поради благодатта Божја што ни содејствува, не чувствува нарушување на личниот однос од наша страна, туку вниманието му се насочува кон неговата постапка и, ако има доволно совест да ја увиди грешноста на својата постапка, има голема можност да се поправи и, ние, да го придобиеме ближниот – за Бог.
А ако му се обратиме разгневени, без да ја воспоставиме најпрвин Божјата правда во нас, неговото внимание ќе се насочи кон нарушениот личен однос, а не кон неговата неправедна постапка, па дури ќе му дадеме и оправдание за неговата постапка кон нас – види каков лош човек бил овој, арно што му направив така. Физичката далечина или близина, во ваков случај, не се битни; нашите срца се енергетски примопредаватели.
Истово ова, ако не нѐ послуша од првпат, го повторуваме заедно, во присуство на уште еден или двајца сведоци – со потполно ист молитвен и смирен пристап и од нивна страна, како и првиот пат од наша страна. Ако не нѐ послуша и тогаш, ѝ кажуваме на Црквата. И постапката на одговорните лица на Црквата, за вакви случаи, треба да биде во истиот Дух. Рековме: и црковната процедура е предвидена да го приволи грешникот, пред сѐ на покајание, а не да го анатемиса и одлачи вечно од Црквата.
И самата анатема не значи ништо друго, туку дека човекот на кој Црквата му суди – го предава на Бог, Он понатаму да се грижи за него и неговото спасение. Ваквиот чин, не е некаков болен триумфализам над грешникот, како што си го замислуваат религиозните социопати, туку признание на луѓето од Црквата за својата слабост и неуспех, дека немале доволно љубов да допрат до најдлабокото битие на човекот, дека немале доволно светост да го ослободат човекот од демоноопседнатоста. Секоја таква одлука, на пример, за расчинување или за одделување од Црквата и забрана за причест е еден најобичен наш пораз – ако сме нормални. И секоја таква одлука треба да биде педагошка, односно, нејзината цел треба да биде враќање на грешникот во Црквата, а не негова вечна екскомуникација. Вечно може да се екскомуницира од Црквата – од Бог, секој само самиот себе, со своите безбожни постапки – никого друг.
А дека непокајаниот грешник ќе ни биде како незнабожец, тоа значи дека тој не ќе може да доаѓа со нас во Црква и да се причестува, но тоа не значи дека ние нема да се молиме, да плачеме и да си наложиме дополнителен пост и покајание за него. И нема да значи дека нема да му помогнеме, ако му треба помош, или дека нема да го поздравиме и слично… „Оти Синот Човечки дојде да го спаси загубеното“.
Така, душички мои; ве молам, не се поведувајте по делата на религиозните социопати – кои и на најмалото нешто што ќе им се пристори грев, осудуваат и фрлаат клетви на социјалните мрежи и по другите електронски и пишани медиуми, и не ги поддржувајте, оти ќе имате ист удел во наплатата на штетата што ѝ ја прават на Црквата.
Верувајте во одлуките на Светиот Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Јустинијана Прима и во расудувањето на нејзиниот свет Поглавар – дедо Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски; и не се плашете!
Мир на сите!

