Германците беа сосема богобојазлив христијански народ. Дури и на токите од ремените на војниците на Вермахтот беше изгравиран натписот: „Со нас е Бог!“.
Можно е такви натписи да имало и кај војниците што ги чувале логорите на смртта и испраќале милиони невини луѓе во гасните комори. Барем многумина од нив себеси се сметале за христијани.
Преживеаниот од Аушвиц, Ели Визел, еднаш забележал:
„Христијаните го предадоа Исус многу повеќе отколку Јудеите.“
Петнаесет векови пред Визел, за истото зборувал и свети Јован Златоуст:
„Христијаните го погубуваат она што Му припаѓа на Христос повеќе од непријателите и противниците.“
Но ми се чини дека и Визел и Златоуст не биле во право.
Христос на оној што испраќа луѓе во гасна комора и Христос на оној што оди таму – се два различни Христа.
Можеби проблемот е во тоа што некој се обидува да си создаде Христос по свој образ и подобие, а некој Го прифаќа Оној – живиот, евангелскиот, каков што Го исповедаа апостолите?
Кога гестапо го уапси отец Димитриј Клепинин, кој заедно со мајка Марија (Скобцова) спасуваше Евреи од гасните комори, германски офицер му ветил дека ќе го ослободи ако даде збор дека повеќе нема да им помага на Евреите.
Отец Димитриј му го покажал својот граден крст: „А овој Евреин го познавате ли?“ И веднаш добил удар по лицето.
Загинал во Бухенвалд. Умрел од воспаление на белите дробови на валканиот под, во аголот на таканаречената „приемна соба“ на логорот, каде што немало ни лекови, ни нега, ни постели. И бил изгорен заедно со другите затвореници во крематориумот.
Не мислам дека германскиот офицер и свештеномаченикот Димитриј Клепинин Му се молеле на ист Христос.
Во 1944 година астрономката Елена Казимирчак-Полонска, духовна ќерка на отец Сергеј Булгаков, за време на полицискиот час во Варшава паднала во рацете на германска патрола. Ѝ се заканувало стрелање на лице место.
Тогаш им се обратила на војниците: „И вие сте христијани. На вашите ремени пишува ‘Со нас е Бог’. Дома ве чекаат мајки, ќерки, сопруги. Како можете да убиете беспомошна жена која, за да спаси маж и дете, едноставно дошла да земе топли облеки од својот стан?“ И војниците ја пуштиле.
Ми се чини дека Христос на тие војници беше поблизок до Христос на отец Димитриј и до евангелскиот Первообраз, отколку Оној кому му принесуваше жртви офицерот на гестапо.
Веројатно не е случајно што Господ ни остави два маркера, кои ни даваат можност да разликуваме.
Првиот: „Не секој што Ми вели: ‘Господи, Господи’, ќе влезе во Царството Небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец Небесен. (…) И тогаш ќе им изјавам: ‘Никогаш не сум ве познавал; одете си од Мене, вие што правите беззаконие’“ (Мт 7:21, 23).
Вториот: „Пазете се од лажни пророци, кои доаѓаат при вас во овча облека, а внатре се грабливи волци. По нивните плодови ќе ги познаете“ (Мт 7:15).
Затоа, да не се залажуваме од тоа како човек се нарекува: неговите дела сведочат за него. Тие и се неговиот вистински „символ на верата“.
Презвитер Јоан Бурдин
преземено од: Црковен Журнал

