Една суштинска димензија од неограничениот капацитет на нашата личност, во Христос, е царското, есхатолошко и новозаветно свештенство – што секој еден христијанин потенцијално го има. Од ова свештенство се отпаѓа само со отфрлање на вината и одговорноста за злото во светот – како што отпаднал и Адам. Ова свештенство е и единственото внатрешно духовно покритие за видливиот и официјален свештенички чин што некои од мажите го добиваат преку Апостолското Преемство, во Црквата.
Со други зборови, секој оној кој што го добил дарот на умно-срдечната молитва, т.е. секој оној чиј ум може да влезе и застане пред олтарот на неговото срце и таму да Му благодари и да Го славослови Бог, значи дека го активирал тоа свештенство во себе, како и дека се удостојува да го прими и официјалниот свештенички чин – ако е и маж.
Само заради тоа што во овој свет постојат совршени носители на ова внатрешно свештенство, кои најчесто и немаат официјален свештенички чин и почесто се жени, во овој свет постои и Црквата и нејзиното официјално свештенство и луѓето сѐ уште можат да се спасуваат, да се преобразуваат и да се осветуваат преку Нејзините Свети Тајни. Жените, во Богородица, го исполнија својот удел во Тајната на Свештенството, а Свети Јован Крстител е прв од машкиот род кој ни ја објави великата Тајна на ова внатрешно свештенство, во овој свет.
Истото ни го сведочи и самиот Богочовек Христос преку Своето Евангелие: „Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител!“. Токму ова новозаветно, царско и есхатолошко свештенство е единственото свештенство кое ќе продолжи и во Царството Небесно, просто, тоа е неодземлив дар Божји.
Верувам дека сега е многу појасно зошто свети Јован Претеча можеше да Го крсти Христос, а што Господ Христос ни подари со Своето Крштение и ни остави во Црквата.
Свети Јован Крстител, моли го Бог за нас!
Пишува: Митрополит Струмички Наум

