Почетна Вести Европа По „Света Софија“ И познатиот византиски храм „Хора“ во Истанбул претворен во џамија
По „Света Софија“ И познатиот византиски храм „Хора“ во Истанбул претворен во џамија

По „Света Софија“ И познатиот византиски храм „Хора“ во Истанбул претворен во џамија

1.09K
0

Речиси четири години по претворањето на „Света Софија“ во џамија, друг византиски храм – симбол на Константинопол ќе почне да функционира како џамија. Тоа е познатиот манастир Хора, кој е музеј веќе седумдесет и девет години.

Како што објави провладиниот весник Јени Шафак, се очекува манастирот Хора да ги отвори вратите како џамија за петочната молитва на 23 февруари. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја донел одлуката за ова уште во 2020 година, заедно со решението за „Света Софија“, но плановите беа „замрзнати“ за да се извршат некои реставраторски интервенции.

Предметната црква, која е најважниот храм во Истанбул по „Света Софија“, Османлиите ја претвориле во џамија, а подоцна, по наредба на Мустафа Кемал Ататурк, станува музеј.

Меѓутоа, во 2019 година турскиот Врховен суд донесе одлука да се претвори во џамија. Во 2020 година беше одлучено надлежноста врз споменикот да премине на Управата за верски прашања, на турски Дианет.

Според турските медиуми, „историската џамија, опремена со специјално изработени црвени килими, се очекува да биде отворена за богослужба во петок, на 23 февруари“. Исто така, беше објавено дека „мозаиците и фреските зачувани за време на реставрацијата, ќе бидат достапни за посетителите“.

Манастирот Хора се наоѓа во северозападниот дел на историскиот центар на Истанбул.

Именувањето го должи на својата локација – надвор од ѕидините издигнати од императорот Константин Велики. „Хорион“ или „Хора“, Византијците ја нарекувале земјата надвор од ѕидините на тврдината. Кога императорот Теодосиј II ги изградил новите ѕидини на Константинопол, манастирот го задржал традиционалното име „во Хора“, иако повеќе не бил надвор од утврдувањето. Манастирот е познат по своите вредни мозаици – меѓу најпознатите е мозаикот со еден од ктиторите на храмот, Теодор Метохит, кој Му го подарува новиот храм на Христос. Црквата имала две предворја кои биле украсени со мозаици и фрески. Мозаиците на егзонартексот (надворешниот трем) се во форма на шест полукругови кои Го прикажуваат Христос како исцелува разни болести. Бројни претстави ги красат и куполите и ѕидовите. Овие дела се меѓу најубавите византиски изображенија. Боите се светли, пропорциите на екстремитетите се хармонични, а изразите на лицата се природни.

Раната историја на манастирот не е со сигурност потврдена. Преданието го говори дека манастирот е основан во 6. век од страна на свети Теодор, но ктиторството, исто така, му се припишува и на Крисп, зет на императорот Фока (VII век). Денес е докажано дека црквата била изградена помеѓу 1077-1081 година, во времето на императорот Алексиј I Комнин, на местото од постари градби од 6. и 9. век. Манастирот претрпел сериозни оштетувања, најверојатно поради земјотрес, а бил возобновен во 1120 година од Исаак Комнин. Теодор Метохит, византиски државник, теолог и мецена, придонесува за неговото обновување (1316-1321) и бил покровител на градењето на егзонартексот, на јужната капела и на украсувањето на храмот, а од тоа време се познатите мозаици и фрески што се зачувани до денес. Покрај тоа, тој му остава на манастирот во завештание значителен имот, а истовремено изградил болница и му ја подарил својата извонредна збирка книги, која подоцна привлекува познати научници во овој центар. Манастирот бил претворен во џамија по наредба на големиот везир на султанот Бајазид II (1481-1512) и станува познат на турски како Кахрије џамија. Значаен дел од уметничкото богатство на храмот е уништено. Во 1948 година е спроведена програма за реставрација, а од 1958 година споменикот функционира како музеј.

/dveri.bg

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *