Почетна Коментар За епископите
За епископите

За епископите

745
0

А кога се врати, ги најде пак како спијат, оти очите им беа натежнале; и не знаеја што да Му одговорат.  (Марко 14, 40)

Светите Отци забележале три нивоа или стадиуми, или степени на духовниот развој, предавајќи ни ги како свој духовен опит: чистење на срцето од страстите, просветлување на умот и обожение (боговподобување).

Светите Отци, степените на духовниот развој ги одредуваат според видот на молитвата. Оние што се молат само со уста и со разум се на првиот степен – очистување на срцето, оние на кои им е откриено местото на духовното срце и аскетски се молат со умот внатре во него се на вториот степен – просветлување на умот. Обожените ја имаат непрестајната (благодатна) умно-срдечна молитва.

Но, ова учење за трите степени на духовниот развој го среќаваме и на друг начин објаснето. Овојпат, на пример, ќе видиме како Отците го поврзуваат со трите степени на  свештеничкиот чин. Обрнете внимание и на терминологијата што ја користат при нивното  објаснување, која е истата како и при објаснувањето на степените на духовниот развој.

Свети Максим Исповедник ги поврзува трите стадиуми на духовниот живот со трите степени на свештенството. Тој пишува: „Делото на ѓаконот го врши оној што го вежба својот ум за свештени подвизи и ги изгонува од себе страсните помисли [чистење на срцето од страстите], а делото на презвитерот – оној што го просветлува својот ум во познание на создадените битија и со тоа го уништува лажно нареченото знаење [просветлување на умот]; додека, пак, делото на Епископот го има оној што го восовршува својот ум со светиот мир на познанието на обожуваната и Пресвета Троица [обожение]“.

И свети Дионисиј Ареопагит го вели истото: „Епископите во потполност ја поседуваат моќта на просветлувањето… Нивната задача не е само да просветлуваат, туку и да восовршуваат [бидејќи обожени – обожуваат]. Презвитерите се просветлени и просветлуваат [бидејќи просветлени – просветлуваат], додека ѓаконите очистуваат и знаат да расудуваат“.

Што се случува со нас, денешните епископи на Православната Црква?

Ние, денешните епископи – во добар дел, не ни обрнуваме внимание на епископскиот идеал што од нас го бара Богочовекот Христос во Светото Евангелие, ниту на прецизниот опис на истиот идеал што Светите Отци на Црквата ни го предале во наследство од свој личен опит. Со други зборови, ние го немаме тоа внатрешно духовно покритие – обожение, за епископскиот чин што го носиме. Може слободно да си признаеме дека дури мнозина од нас не се ниту на првиот степен од духовниот раст – очистување на срцето од страстите, туку пребиваат во религиозна невроза, а некои пребиваат дури и во религиозна социопатија – се обидуваат да направат големи штети во единството на Црквата, како и во чистотата на Православната вера.

Најотворено да си кажеме – ние, речиси сите, поради немање внатрешно духовно покритие за нашиот епископски чин, Го предадовме Богочовекот Христос, исто како што и Јуда, Петар и останатите Апостоли Го предадоа и се откажаа од Христос, а некои од нас и Го прогонуваат. Сите, освен светиот Апостол Јован – значи, секоја чест на исклучоците! Затоа, неколкупати досега ви имам напоменувано: тешко нам ако Преданието на духовниот живот во Православната Црква зависеше само од светоста на свештенството, а посебно на високото – Апокалипсата ќе беше одамна завршена.

Што ни преостанува сега?

Имаме два примера: првиот, на светиот Апостол Петар и на останатите Апостоли, кои сите се покајаа за предавството и маченички пострадаа за Христос; и вториот, на Јуда, кој во очајание се обеси. Вториот пример ќе го отфрлиме како неподобен, иако во Евангелието пишува: А кој соблазни едно од овие мали, за него е поарно да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина (Матеј 18, 6). Што конкретно би требало да значи првиот пример за нас денес?

Како прво, треба да ја освестиме бедната состојба во која се наоѓаме и да се однесуваме смирено пред верниот народ – и така не сме му никаков пример. Како второ, отсега па натаму, смирено и правилно да си одработиме тоа што ни останува – најмногу до моментот кога и сите останати одат во пензија; а што порано, толку подобро за нас. И трето, да не дозволиме смртта да нѐ затекне како грчевито се држиме за епископскиот престол, туку, откако ќе оставиме достоен наследник на помесната Црква што ја возглавуваме, да си најдеме некое мирно место каде во молитва и во покајание ќе го поминеме остатокот од нашиот живот. Ако случајно за време на нашето епископствување се случи отворен прогон на Црквата, само тогаш треба да останеме на своето место, под услов да сме подготвени да претрпиме мачеништво – ова, последново, чисто теоретски.

Бидејќи често ги поучуваме другите околу тоа што е лага, а што вистина, сметав дека, денес, на Прочка, правилно е да напишеме еден потсетник и за самите себе – соодветен и на духот на самата Света Литургија, како и да поставиме здрави основи за нов почеток во нашиот живот и подвиг. Да заокружиме накратко: нашиот главен грев е лажно претставување, кое пак, со себе носи и недоволно, млако или лажно сведоштво. За ова ве молам сите да ми простите и ви благодарам што со љубов ме трпите.

mitropolit-naum-2Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *