Почетна Коментар Помирувањето да почне во Мелбурн
Помирувањето да почне во Мелбурн

Помирувањето да почне во Мелбурн

347
2

Глетката која деновиве ја видовме, како австралиската полиција спроведува македонски владика заради сослушување во рамките на истрагата за кражба и лажно сведочење, никому не може да биде пријатна. Што и да испадне на крај, дали ќе се потврди дека такво нешто имало или не, јасно е дека ваквите глетки не се потребни никому. Kако на македонската заедница на петтиот континент која одамна станала респектабилен општествен фактор меѓу многуте етнички заедници кои ги има, така и на самата Македонска православна црква.

Не дека е реткост црковните достоинственици да се расправаат со законот и да имаат работа со полицијата, туку дека ваквите ситуации не можат а да не се одразат на угледот на Црквата која бара свое признавање од другите православни цркви. Сега, нема друго туку да се почека на крајот на полициската истрага. Тогаш ќе се види дали, кој и како го прекршил законот. Но, не треба да се има дилеми дека коренот на овој случај се наоѓа во кавгата која речиси две децении се водела и изгледа се уште се води меѓу две македонски групации во Австралија. Познато е, суштината на проблемот беше врзана околу сопственоста врз имотите на тамошните црковно-народни општини, кои се јадрата на македонското организирање и живеење. Две децении беа исполнети со многубројни кавги, тешки зборови, навреди, меѓусебни обвинувања, подметнувања, што не друго… За среќа, пред две години разумот надвладеа и се дојде до компромис содржан во поделбата на Австралиско-новозеландската епархија на два дела. Со едниот остана да управува владиката Петар кој таму е администратор, а со другата Светиот Синод преку митрополитот Тимотеј. Откако тоа се направи состојбите многу се смирија, се подобрија и не се случуваа нови конфликти. Дури и префрлувањето на црквата „Света Петка“ од Сиднеј која првично беше определена да биде во рамките на епархијата на владиката Петар, во другата епархија помина мирно и без поголеми проблеми. Значи, работите беа тргнати во правец на смирување и добро ќе биде кон тоа да се и продолжи.

Но, ете, се случи и полициското приведување на владиката за кој случај коренот сигурно треба да се бара во оние конфликти кои се воделе претходно, пред да се најде компромисно решение со поделбата на епархијата. Тогаш, не треба да се има дилеми, имало многу работи и постапки за кои е сигурно дека биле проблематични, спорни и при што секоја од страните тврдела дека е во право а дека онаа спротивна е сторител на престапот. Добро е познато колку по австралиските судови имаше судски процеси меѓу владиката и црковните управи кои му се спротивставуваа. Се знае и колку милиони австралиски долари чинеа судски и адвокатски трошоци, заради кои некои од црквите се доведени до банкрот. Некои од споровите се завршени, некои не, исто како што очигледно не е завршен и овој предмет кој го расчистува полицијата од Мелбурн. Kолку утре, повторно може да се случи приведување на владиката или на некој друг свештеник, член на црковната управа или слично, за да се расчистат меѓусебните обвинувања од минатото. Kаков одраз по угледот на македонската заедница тоа може да има не треба да се зборува.

Затоа, сега единствено прашање за македонската црковно-народна заедница таму е што натаму? Дали да се продолжи со меѓусебните кавги и обвинувања и во што ќе се вклучуваат и имињата од Македонија, односно достоинственици од Светиот синод или да се најде решение сето тоа да запре и да се смири? Изборот не е многу голем и нема дилеми дека на тамошните конфронтации треба да им се стави крај. Едноставно, некој мора да иницира сеопшто помирување меѓу тамошните Македонци кое ќе се спроведе преку откажување на двете страни од стари и нови тужби, од судења, меѓусебни клеветења и слично. Фактот дека таму епархијата е поделена на два дела очигледно не е доволен за да се смират духовите. Останаа уште повеќе други прашања кои уште ги засегаат носителите на конфликтите и кои мораат сами да се воздигнат над нив и во име на интересите на македонската заедница да се откажат од сето она што ќе значи продолжување на меѓусебните навреди и обвинувања.

BrankoСликата од полициското спроведување на владиката е доволно предупредувачка за да сите страни се поттикнат на меѓусебното помирување. Сега е прилика помирувањето и да се направи, без оглед колку некого тоа ќе го заболи и ќе чувствува дека е навреден и неправедно обвинет. Ако на крајот добиеме две македонски заедници кои меѓусебно не комуницираат не сме добиле ништо.

Пишува: Бранко Ѓорѓевски (ДНЕВНИК)

Коментар(2)

  1. Г-дине Ѓорѓевски, убави се Вашите желби да за помирување и подостојно претставување и на Македонската Православна Црква и на македонската заедница во Австралија, и истите ги делат голем број Македонци и верници од Австралија. Меѓутоа, во вашата колумна правите огромна грешка кога велите дека коренот на сегашниот проблем се дведецениските поделби и групации. Сосема погрешно и неверодостојно. Коренот на моменталниов проблем е токму прогонувањето и наводното расчинување на игуменот Гаврил од завист поради неговата популарност меѓу народот. А тоа прогонување заткулисно е почнато пред 10 години, а јавно се изложи минатата година. Ве молиме да не ги мешате двете ситуации, бидејќи ретроспективно по првите објави по медиумите можеме да видиме каде лежи коренот на проблемот:

    http://preminportal.com.mk/266-vesti/16913-2015-11-12-11-29-46

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *