Почетна Анализа За Божикните каланди и пештера
За Божикните каланди и пештера

За Божикните каланди и пештера

835
0

 

Вечниот Бог слезе и во Дева се всели: свет, свет, свет си и пресвет Господи. Царот на сите и Господ, дојде Адам да го преобрази: свет, свет, свет си и пресвет Господи…

Ова е една од бројните Божикни песни, кои се пееле во деновите на празнувањето на Рождеството Христово и се нарекувале „каланди“. Самиот збор ’кάλαντα‘ (грч.), ’каланъди‘ (ст.сл.), доаѓа од византиското ’кαλένδες‘ (календес), кое, пак, происходи од латинското ’кalendae‘ (календае), што кај старите Римјани го означувало првиот ден од месецот. Римјаните го презеле овој збор од Хелените и тој е етимолошки поврзан со старогрчкиот глагол ’καλέω‘ (калео), што во превод значи ’викам, повикувам, нарекувам‘.

Зборови оформени од овој корен се појавиле и кај словенските народи, така што од старословенското ’каланъди‘, кај нас денес се зачувала формата ’коледа‘ или ’коледе‘, кај Русите ’коляда́, колядка‘, кај Бугарите ’коледа, колада, коленда‘, кај Србите ’коледа‘, кај Словенците ’kolednica‘, кај Чесите ’koleda‘ и тн. Коледето било стар народен обичај на празнувања, веселби и панаѓури во чест на доаѓањето на новата година, или, пак, на некој друг поголем празник. Но во православното Ромејско Царство, христијанската светоотечка мисла ја вознела науката за човекот до божествени височини и на тој начин празнувањата добиле нова смисла. Светите отци и учители на Црквата, вдахновени од Светиот Дух, мудро ги обмислиле христијанските празници и ги украсиле со неизмерна богољубива и човекољубива длабочина и значење. Тогаш старите коледарски песни им го отстапиле местото на побожните христијански песни и химни, во кои се славел Единиот вистински Бог.

badnik-pesКаландите во Византија, со текот на времето добиле облик на празнувања ограничени на деновите помеѓу Божик и Богојавление и се состоеле од милосрдна дејност на собирање подароци за сиромашните семејства, проследена со похвални и благодарствени песни во чест на воплотувањето на Спасителот Господ Исус Христос – Единствениот Човекољубец.

Пеејќи ги Божикните каланди, верниците, особено најмладите, го објавувале насекаде со радосно ликување Рождеството Христово, славејќи ја побожно Богомајката и нејзината света Рожба. Божикната небесна радост, луѓето ја изразувале на разни начини. Некаде се изработувало украсено бротче, кое ја претставувало Црквата Христова и со него се одело од дом во дом, каде што домаќините принесувале во бротчето разни дарови. На други места Христовото Рождество се објавувало со ѕвезда, која ја означувала Витлеемската ѕвезда што ги водела тројцата Мудреци до Богомладенецот. Овој обичај и денес е запазен во Крушево, а во Струга, пак, се носела и пештера и ѕвезда.

Но, можеби, највпечатливо пред Бадник било во Битола и Охрид. Таму најмладите, се разбира, со помош на повозрасните, со особена љубов и радост правеле мала пештера, која ја симболизирала Витлеемската пештера, и собрани во дружини ја носеле од куќа во куќа, тропајќи со дрвено чеканче по вратите и со песна им возвестувале на сите за воплотувањето на Божјото Слово. Битола и Охрид, кои некогаш биле примери за христијанската соборност и каде што, поради многубројните цркви и манастири, животот прилегал на вистинска заедница, со особена ревност се негувала оваа убава традиција. Можеби и затоа тие беа единствените градови во Македонија каде ваквото навестување на Божик се задржало и до наши дни, макар и само како бледа сенка на некогашното торжество. За слава Божја, од пред неколку години беше возобновена оваа прекрасна Божикна манифестација, и тоа не само во Битола и Охрид, туку и во други градови од нашата земја, каде што може да се види како многу дечињата, собрани во своите маалa, носат импровизирани пештери, т.н. ’спилеони‘, украсени со икони на Рождеството, свеќички, кандила… Самиот збор ’спилеон‘ сведочи за старото, византиско потекло на оваа традиција, бидејќи доаѓа од старогрчкиот збор ’τό σπήλαιον‘, што во превод значи ’пештера‘. Но, за жал, поради губењето на ревноста и врските со преданието, се изгубила духовната димензија и на ова славење, кое произлегувало од светопреданиското православно наследство, и освен што било израз на радосната Божикна атмосфера, ги поттикнувало жителите и кон вистинско христијанско милосрдие – вредните домаќинки правеле посни колачиња во вид на бебе, како симбол на Богомладенецот, а некои имале обичај да подаруваат и парички, кои подоцна се разделувале на сиромашните семејства и на храмовите Божји. Освен тропарот и кондакот на Рождеството Христово, во Битола и Охрид се пееле и многубројни народни каланди, од кои некои се зачувале и до денес. Во продолжение наведуваме две од нив:

Иде ѕвезда јаснаја, јаснаја,

Показуе краснаја, краснаја,

цар Ирод смушташесја, смушташесја,

Ерусалим жаљашесја, жаљашесја,

на колена падоха, падоха,

Христу Богу мољаха, мољаха…1

Разбуди се, разбуди се, домаќине, не спиј ти,

зашто Христос во Витлеем денес се роди, денес се роди;

Ангелите со свирките свиреа, свиреа,

весел глас по цели свет разнесоа, разнесоа…2

Појавата на Божикната пештера (на старословенски: врътъпъ, ’вертеп‘) и обичаите поврзани со неа, се многу древни и потекнуваат уште од времето на раното Христијанство3. Рускиот истражувач Борис Голдовски пишува дека во V век, во времето на римскиот епископ Сикст Трети, во храмовите се правеле панорами налик на Рождественските јасли: „Отците на Црквата разумно расудиле дека кон срцата на простите луѓе, што не знаеле ни староеврејски, ни старогрчки, ниту латински, имало непосреден и достапен пат – илустрација на библиските настани. Панорамата во тоа време ја претставувала Витлеемската пештера (вертеп), во која се наоѓале јасли со кукла-младенец. Над јаслите се надвиснувале бик и осле, покрај легнатата Богомајка и замислениот Јосиф“4. Со текот на времето, Божикните пештери зеле силен замав ширум христијанскиот свет, источен и западен. Кај словенски народи се развиле дури и цели театарски претстави, чија сцена била токму Божикната пештера. Пред верниот народ се одвивала Рождественската драма: Раѓањето на Богомладенецот од Дева Марија, поклонувањето на пастирите и мудреците, гневот на Ирод, клањето на Витлеемските младенци, смртта на Ирод и конечната победа Христова. Најнапред, претставата започнувала со хорско пеење:

За пеење време и за молитва час,

Христе родени, спаси нè сите нас!…

Потоа на „сцената“ се појавувала кукла-клисар и се обраќала кон публиката:

Станете од сон и добро направете,

Раѓањето на Христа насекаде да го возвестите;

Ова вам, луѓе, радосно ви го велам,

Благословете: ќе појдам и ќе ѕвонам.

По тие зборови, тој одел кон камбанчето што висело покрај пештерата, и заѕвонувал. Веднаш штом заѕвонел, се палела свеќа и блеснувала Витлеемската ѕвезда што го осветлувала легнатиот Богомладенец. Хорот пеел:

Бог од Дева се раѓа,

Со небото земјата ја исполнува,

Треперат архангели,

Му служат Нему сите ангели.

И навистина, во пештерата се појавувале два ангела со свеќички во рацете. Тие се поклонувале кон јаслите и на заминување повикувале:

Станете и славете Го насекаде,

Да дознаат за Него и луѓето наоколу…

Во продолжение се одигрувала целата драма за Рождеството Христово5. Вакви слични претстави со Божикната пештера биле широко распространети во Русија, Украина, Белорусија, Полска…, а на Балканот во Македонија, Бугарија, Србија и Хрватска. Во нашата земја, со феноменот на вертепите посебно се занимавала фолклористот проф. д-р Катерина Петровска-Кузмановска6. Пишувајќи за оваа тематика, професорката, меѓу другото, нагласува:

„Во Македонија е позната Вертепската игра во својата подоцнежна варијанта каде што учесниците се живи актери… Таа се изведувала во некои поголеми градови во Р. Македонија: Скопје, Охрид, Битола, Струга. Обичајот Вертеп и песните што се пееле за нив траеле подолго во граѓанската средина; токму тука векот им е продолжен преку граѓанската лирика во смисла на утврдување и чување на божиќните ритуали и обреди‘7. За постоењето на оваа игра и нејзината изведба во рамките на Божиќните празнувања потврда наоѓаме во еден нотиран зборник во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје, кадешто постои драмски текст со наслов ’Вертеп‘ или ’Ѕвезда‘… Во изведбата учествувале и играле групи од по десеттина деца. Вертепот (куќичка што ја носеле изведувачите, направена од сандаче покриено со хартија во боја, од едната страна отворено, а внатре украсено со слама и лелејка. Во него биле сместени ликовите на Пресвета Богородица, свети Јован Крстител, овци, овчари итн.), за време на изведбата се ставал на маса или друго поиздигнато место за го гледаат сите. Вертепот се изведувал во црквите пред верниците, а подоцна тој се изведувал по домовите, кафеаните и други места каде што во тоа време, односно околу Божиќ се собирал народот. Најпрвин се пеел тропарот ’Рождество Твое‘, а потоа се изведувала драмата со постојани монолози и дијалози, особено на тројцата кралеви, по што настапувал овчарот и другите учесници, од кои двајца ја носеле куќичката (т.е. пештерата – б.н.), а другите пееле или ги изведувале дијалозите, со поделени улоги меѓу себе и со определен текст, кој според податоците што ги имаме е во стихови. Текстовите што ги говореле, всушност, претставувале три слики: во првата се раскажува библиската историја за постанокот на светот, во втората се предава ликот на кралот Ирод, а третата го претставува доаѓањето на трите кралеви од Исток. Учесниците во изведбата биле облечени во соодветни облеки и носеле реквизити.

Во Битола и Охрид, спроти Божиќ група момчиња ја носеле Исусовата куќичка (т.е. Витлеемската пештера – б.н.) и оделе по куќите пеејќи религиозни песни или изведувајќи драмска игра во врска со раѓањето на Исус. Најчесто била пеена песната (т.е. кондакот на празникот – б.н.) „Дева днес пресуштественаго раждает…“ Во Скопје се пееле следните стихови: „На колена паднавме/Христа Бога молевме/тие нам ни рекоа/дека Христос се родил“. Во Охрид и Струга е забележан малку поинаков обред наречен ’Со ѕвезда‘, за време на кој учесниците носеле ѕвезда направена од картон и соодветно украсена ја ставала на долг стап или, пак, во некои случаи, се носела во сито, во кое имало икона со Христовото раѓање. Стиховите што се исполнувале во текот на оваа игра, носат и карактеристики од црковнословенскиот јазик, со примеси од локалните говори на исполнителите“8.

За древноста на обичајот да се пеат Божикни каланди спроти празникот на Рождеството Христово, во Македонија сведочи и Зборникот на браќата Миладинови, во кој е запишана и следнава песна:

 Христосово Рожање

 Збила ми се Божја Мајка, Марија,

 Никој ми се по крај неа не згоди

 Згодила се Аламанка девојка,

 Сопасала свилен појас от себе,

 Го повила Риста Бога малего9.

Друга попозната коледарска песна од нашите простори е таа за тројцата мудреци:

Три цареви од Персија појдоа

водени од сјајна ѕвезда небесна

водени од сјајна ѕвезда Деница.

Ми дојдоа во град Витлеем Јудејски,

Го најдоа Исус Христос во ајерот.

Го најдоа Исус Христос во ајерот,

во прегратка на Мајка Му Марија.

И на Христос тие Му се поклонија,

темјан, злато и ливанто Му подарија.

Сите овие Божикни манифестации, кои во потполност биле христијански и црковни, без елементи на паганизам и пренагласена театралност, се јавувале своевиден израз на длабоката побожност на народот, но, притоа, во никој случај не ги заменувале богослуженијата, односно не претставувале некакво централно торжество за одбележувањето на Рождеството Христово; напротив, тие само повикувале на литургиско соборно празнување во храмовите Божји.

Во денешно време, световното живеење надвор од Бога остави трага и врз славењето на христијанските празници. Наместо пост и воздржување – гозби и прејадувања. Неопаганизмот зазема сѐ поголем размер во духот на новото време. Дури и христијанските обичаи се облекле во примитивно руво, губејќи ја својата вистинска суштина. Имено, поради непочитувањето на постот, воведувањето на нехристијански коледарски песни и некои други пагански елементи, Бадник во потполност ја загубил својата христијанска смисла. Впрочем и самиот збор ’бадник‘ води потекло од старословенскиот глагол ’бъдѣти‘ што во превод на современ македонски значи ’бдеам, стојам буден, не спијам, бодар сум, стојам со напрегнато внимание‘10. Следствено, Бадникова вечер буквално значи ’вечер во која се бдее‘11. Затоа нашиот христољубив народ го дочекувал раѓањето на Богомладенецот Христос собран по црквите и манастирите на сеноќно бдение, проследено со молитвословија и срдечни благодарења. Оттука, сметаме дека навистина е банална и непотребна тенденцијата на некои новинари и медиуми да даваат преголем нагласок на тоа како, со враќањето на древните православни обичаи и манифестации поврзани со празнувањето на Рождеството Христово, ќе бидат истиснати наводно „традиционалните“ коледарски песни, од типот: „Коледе леде, паднало греде, утепало деде…“ и слични примитивни и бесмислени зборореди во рима, што немаат никаква поврзаност со празникот. Всушност, воскреснувањето и обновувањето на старите и суштински православни празнични обичаи, значи  и возвишување на човечкиот дух и негова подготовка за достоен пречек на раѓањето на Витлеемскиот Богомладенец, единствениот вистински Спасителот на светот; значи и продолжување на апостолската мисија за постојана и предана проповед на вистинските и вечни вредности, кои произлегуваат од Христовото Евангелие и Светот Предание, а од кои верниот народот со текот на времињата, поради разни причини се одделил.

  1. 1. Запишано според пеењето на баба Нада Христова од Битола.

  2. 2. Запишано од м-р Виктор Недески, според пеењето на баба Фила (Филипина Момироска) од Охрид.

  3. 3. Андрей Кулаков, Вертеп, „Живая история: журнал“ Государственный центральный музей современной истории России, № 7, 2015, 16.

  4. 4. Б. П. Голдовский, Очерк истории вертепа в России, „Традиционная культура: журнал“, № 4, Москва 2003, 8.

  5. 5. Исто, 10.

  6. 6. Катерина Петровска-Кузмановска, Вертепот во македонската и во украинската традиција, „Украинско-македонски научен зборник“, број 5, Киев 2011, 130-135.

  7. 7. Внатрешен навод според: Миодраг Матицки, Вертепите како особен вид граѓанска поезија, „Спектар“, бр. 9, Институт за македонска литература, Скопје 1987, 195.

  8. 8. Катерина Петровска-Кузмановска, Цит. дело, 133-134.

  9. 9. Зборник на народни песни собрани од браќата Миладиновци, Загреб 1861, 32.

  10. 10. Этимологический словарь славянских языков, выпуск 3, Москва 1976, 109, 112-113.

  11. 11. Български етимологичен речник, Том I (А – З), София 1971, 38.

/БИГОРСКИ

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *