Почетна Интервју Вистинскиот верник знае што е послушание и благослов
Вистинскиот верник знае што е послушание и благослов

Вистинскиот верник знае што е послушание и благослов

1.90K
1

Разговор со отец Бобан Митевски за пандемијата и црквата

Општата ситуација со ширењето на коронавирусот во земјава и рефлексиите врз црковниот живот на верниците не треба да поттикнуваат страв, туку треба да ни бидат мотив да се трудиме, да се бориме, да нѐ поттикнат да продреме во себе, да ги видиме грешките и да се измениме, како и да се подготвиме да го сретнеме Бога и да останеме при него. Вака отец Бобан Митевски, свештеник од скопската епархија при Македонската православна црква, ја опишува новонастанатата состојба, пред сѐ, поврзана со ограничувањата што државата ги налага во поглед на практикувањето на верата во следниот период.
Отец Митевски смета дека мерките не се насочени како удар кон црквата, туку се за заштита на здравјето на луѓето.

– Не би се согласил со констатацијата дека црквата е најпогодена во оваа ситуација, туку дека сите сме најпогодени, секој поединечно и сите ние како народ и народи, како општество и држава. Мерките што ги пропишуваат Владата и здравствените власти се и разбирливи и потребни. Потребно е сите чинители во општествената заедница да се вклучиме со поддршка, одговорно да го правиме тоа, особено зашто овде не станува збор за поддршката како цел што треба да се исполни, туку целта е општото добро и доброто на секој од нас.

За помалку од еден месец сме пред чествувањето на најголемиот христијански празник Велигден. Ако продолжат мерките, како ќе го одбележат овој празник црквата и верниците?

Отец Бобан: Верувам дека ќе се изнајде решение, односно ќе се постапи така како што условите и мерките налагаат. Светиот архиерејски синод или секој архиереј поединечно ќе дадат соодветни насоки. По однос на вакво можно сценарио на одвивање на работите, свое расудување даде деновите и отецот Захариј, опитен духовник и богослов од Есекс, Англија: „Ако можеби нема да имаме Пасха во црква, да се сетиме дека секој контакт со Христа е Пасха… Неговото име го имаме секогаш, не сме лишени од Господа“. Јас се надевам во Божјата милост и во помошта на Пресвета Богородица и посакувам да имаме многу радосен и торжествен Велигден – кога радувајќи се на Христовото воскресение и победата над смртта, ќе се радуваме и на победата врз оваа болест.

Што се случува со светата тајна причест? Во православниот свет има голема дебата за целата оваа ситуација, дали ова може да значи голем удар врз христијанството?

Отец Бобан: Не, светоста на причеста не е доведена во прашање, ниту ова се смета за удар на верата, Да, Црквата е засегната, христијаните се засегнати, но не се доведени во сомнеж ни верата ни причеста… Скопската епархија, и некои други епархии во МПЦ, одлучија да се придружат на мерките на државата, имајќи ја предвид и состојбата и предвидувањата за понатамошниот развој, но најмногу од сѐ имајќи чувство за одговорност, најпрво пастирска, а потоа и општествена. И не е тема причеста, ниту дека некој се откажува од неа, дека не верува во благодатта на светите дарови, дека ќе го напушти преданието за оваа света тајна. Мерката за суспендирање на богослуженијата со верен народ е заради несобирањето на повеќе луѓе на едно место. Да, тоа ќе значи и неможност верниците да се причестат, но ваквото „лишување“ е со благослов, е мерка дадена како послушание, а вистинскиот верник знае што е послушание и благослов, му верува на тој што дал таква одредба зашто му се доверил.  Знае дека одлуките и чекорите што се преземаат се дел од одговорноста и се производ на нечие расудување и молитва, но никако не на слаба вера. Знае од искуството дека со жртва, со лишување се доаѓа до наградата.  Знае дека „Царството Небесно насила се зема и силните го грабаат“ (Мт 11, 12), знае што значи и „Милост сакам, а не жртва“ (Мт. 12, 7). Тоа што беше наложено како послушание на верниот народ е понуда за подвиг во осамеништво, во својот најинтимен простор, во домот, подвиг за преиспитување, подвиг за поголема предаденост на молитвата, но најмногу од сѐ – подвиг за средба со себеси, а од таму на средба со Бога. Светот и човекот премногу се потпреа на себеси, на своите несовршени сили, па помислија дека можат и знаат сѐ, па тргнаа со неразумност во секакво опуштање. Но добриот наш небесен Татко, со еден љубовен потег ни докажа колку сме скапоцени во неговите очи и дека сме заборавиле на најважното: добрината, љубовта, чесноста, другиот до нас и сите ние во заедница со Бога.

Дел од црквите во земјава, како Бигорскиот манастир, почна со интернет-пренос во живо на литургиите. Дали е тоа начин да се задржат верниците во црквата?

Отец Бобан: Потегот на Бигорскиот манастир е за поздравување: Целта од преносите е утехата за верниците и е времена мерка, сообразна со ситуацијата. Во никој случај богослуженијата не смее да се пренесат во онлајн сферата засекогаш , но ќе бидат и останат утеха и полза за оние што се спречени од некои околности, како болест, неподвижност и сл.

Голем дел од луѓето имаат стравови во себе, за нивното здравје, з аздравјето на нивнте блиски. Како вие ги советувате?

Ваквите ситуации, кога незивесноста е голема, но и прогнозите за многу аспекти од нашето живеење се без оптимизам, стравот е вообичаена појава. По својата слабост би рекол и нормална појава. Но стравот не смее да прерасне во добивка од оваа ситуација, не смее да биде тоа што ќе нѐ води. Зашто стравот е ѕвер кој постојано сака да се храни и затоа не треба својот страв да го правиме и туѓ, да паничиме и да очајуваме. Стравот треба да биде мотив да се трудиме, да се бориме, да нѐ поттикне да продреме во себе, да ги видиме грешките и да се измениме. Да се подготвиме да Го сретнеме Бога и да останеме при Него. Во Неговата близина ќе ја согледаме смислата и на животот и на смртта.

Дали Црквата преку нејзините хуманитарни организиации работи во помагање во оваа кризна состојба?

Отец Бобан: Веќе одредено време Хуманитарната организација при Скопската епархија, „Свети Спас“, не само на територијата на Скопје, туку и низ другите градови спроведува и проекти кои придонесуваат и помагаат во справувањето со пандемијата. Покрај обезбедувањето на топол оброк за вработените на Инфективната клиника, за сите смени на дневно ниво, досега низ неколку болници во Скопје и други градови се поделени 1500 заштитни маски. Воведена е и категорија на интервентни пакети со прехранбени продукти и хигиенски средства, покрај редовните за социјалните категории, за лицата кои економски се засегнати од кризата, потоа се организирани пет мобилни екипи коишто пазарат за повозрасни лица и за тие што се во изолација. Во догледно време се планира доставување на помош за жителите на Дебар, а во меѓувреме ќе се работи на спроведување и други проекти. Во оваа прилика особено би сакал да се заблагодарам на отец Оливер Петровски, кои раководи со организацијата, за милосрдието, одлучноста, љубовта и жртвата, на отец Костадин Малинов и другите свештеници и волонтери кои помагаат.

Коментар(1)

  1. Секој еден човек треба да знае што е послушание и што е благослов, не само верниците. Тоа се двигателите и на животот и на верата.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *