Почетна Коментар Негирајќи ја Вселенската Патријаршија, го негираш изворот на своето постоење
Негирајќи ја Вселенската Патријаршија, го негираш изворот на своето постоење

Негирајќи ја Вселенската Патријаршија, го негираш изворот на своето постоење

292
0

Пред неколку часа (14 септември 2018), Синодот на Московската Патријаршија ја објави својата одлука да го прекине спомнувањето на името на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј на Божествената Литургија и, последователно, сослужението со Јерархијата на Вселенскиот Престол. Вакво нешто не прави за првпат ќерката – Руска Црква спрема Мајката – Константинополска Црква. Всушност, клучното прашање не е тоа што допрва ќе стане. Туку што би била Православната Црква без Вселенскиот Патријарх? Еден друг вид на протестантизам, но многу поопасен, зашто би бил прекриен со наметката на вистината.

Во грчкиот јазик прилозите потполно го менуваат значењето на глаголот. Така, друго значи «αποδέχομαι» (ανέχομαι, се согласувам, толерирам) и друго «παραδέχομαι» (прифаќам, признавам). Во својата долговековна историја, Великата Христова Црква, при секоја повремена криза покажа продолжително мајчинско трпение за канонските безредија на своите чеда, став кој резултираше со создавање на чувство на дрскост. Тоа што Вселенската Патријаршија покажува долготрпение кон противканонските однесувања заради единството, не значи дека ова трпение треба да се смета за слабост, врз која некои можат да ги изградат своите вонтериторијални и противканонски претензии.

Веќе со векови е сталожен изборот на Црквата за начинот на кој се прифаќа и се разбира единството и општењето во црковното тело. Евхаристиското спомнување на името на Епископот на помесно ниво и спомнувањето на имињата на Патријарсите и Претстојателите на Автокефалните Цркви на второ ниво, во текот на Светата Литургија, покажуваат дека секоја помесна Црква се движи во права насока и дека не се води по свое во меѓуправославната целина.

Ова обичајно спомнување, кое е попознато како „диптих“, во Божествената Литургија не е само формален и неодреден нејзин дел, туку суштински елемент кој ја одредува рамнотежата и непоколебливата конзистентност на Господовото Тело, односно Црквата. Од оваа „подробност“ знаеме дека една помесна Црква се наоѓа во евхаристиско и генерално општење со останатите Православни Цркви. Толку големо е значењето на овој континуиран непишан обичај, што без него се прекинува смислата на неподеленоста во црковниот живот. Слава на Бога, во последните години на сите им стана јасно дека нашата вера не постои без еклисиологија. И еклисиологијата е незамислива без Евхаристијата. Ова неразделно сопостоење на теоријата со животот и неговите подробности во Црквата се тоа што ја прават привлечна, бидејќи заемодејството на малите со големите ја држи рамнотежата на богочовечката природа и нејзината перспектива. Кога црковниот живот се оддалечува од здравиот и општоприфатен пат напред, тогаш се случуваат проблемите. Обично црковните проблеми се создаваат на „канонска“ основа, кога Епископи, од второстепени причини ја вознемируваат состојбата, без зрелоста која ѝ е потребна во Црквата.

Не постои можност за надминување на општоприфатеното со неологизми и лични убедувања, кои се далечни на соборното доживување на црковната стварност.

Посветло од сонцето е тоа дека одлуката на Московскиот Синод е донесена за да се расколеба канонската одговорност на Вселенскиот Патријарх да реши еден долготраен раскол, после примена апелациска жалба од засегнатите „расколнички“ Епископи кон него.

Навистина е интересна оваа страна на настаните, зашто непоправливо ја изложува страната што избра да направи еден ваков чекор, кој нема тежина за да се основа врз православната пракса, бидејќи Московската Црква ја прими верата, писменоста, цивилизацијата, автокефалијата и патријаршиската чест – секако, имајќи предвид дека во иднина треба да се свика Вселенски Собор – од Константинопол. Како може, се прашувам, ќерката да го прекине општењето со Мајката? Има канонско право да го стори тоа? Го потсетуваме секој добронамерен читател дека Вселенската Патријаршија не е само една од останатите автокефални помесни Цркви, бидејќи според Божествените и Свештени Канони на Вселенските Собори, но и според вековно востановената пракса на Црквата, го има правото/одговорноста/обврската на прекуграничната јурисдикција (види: апелација, доделување автокефалија, ставропигија…).

Природниот и постојан израз на благодарност на Московската Патријаршија кон Мајката Константинополска Црква и нејзината институционална должност да одговара на него (на Константинополскиот) и да го признава како своја „канонска“ глава, веројатно беше пречекорен со лесно срце. И покрај тоа, дури и избирањето на овој радикален чекор, на никој начин не дава можност историски и канонски да се обессили апелациската должност на Вселенскиот Патријарх. Според истата оваа должност, Московскиот Патријарх денес го ужива првото место после древните Патријарси во диптихот и во животот на Православната Црква. Огромна неразумност е да се негира должноста на Вселенскиот Патријарх од страна на сите што го добиле она што денес го имаат од него и, впрочем, со многу конкретни и точни услови. Можеби паниката и безизлезот многупати не даваат простор за исправно согледување на нештата. Но сите имаме долг да ги задржиме свештените прашања во нивните општоприфатени рамки, без акробации и излишности што ќе го отежнат меѓуправославното општење. Никој не може и нема теоретско и практично полномоштво да му забрани на Вселенскиот Патријарх да се грижи за исцелувањето на раните од погрешните избори во Православното тело, а особено кога тоа бива во јасно одредените и непрекршливи рамки на неговите црковни одговорности. Кој може да го негира авторитетот и трајната сила на исцрпувачкото занимавање на Вселенскиот Патријарх со исцелувањето на секоја меѓуправославна рана? Кој е тој што ќе се најде, заради мали и антицрковни начела, да посака да го разурне православното здание, без катастрофална цена за него лично?

Ќе кажеме уште еднаш: неразумно е една помесна Црква, и тоа Црква која го добила својот идентитет преку иницијативата и дејството на Вселенската Патријаршија, да го прекине општењето со неа, бидејќи оттаму ја влече каноничноста на своето постоење. Отците на Вселенските Собори во Константинополскиот Патријарх ја вложиле централната улога во Црквата и овие одлуки не се менуваат бидејќи денес некои помесни Цркви се чувствуваат самодоволни во богатството и световната сила што ги уживаат.

Вистина е дека во овој историски момент, сите, мали и големи, сме должни да размислиме за одговорностите што ни припаѓаат и да застанеме на висината што ја изискува состојбата. Сите треба да се вдлабочиме во проблематиката на конкретниот избор на Московскиот Патријарх и неговиот Синод и да расчистиме дека кој ќе замисли да се обиде да го искорне аголниот камен на Православното Здание, како што се нарекува и е Вселенскиот Патријарх, тогаш самиот ќе стане самоубиец и ќе ја обесчести нашата вера со непресметливи и неповратни последици.

„Да застанеме добро, да застанеме со страв!“

Пишува: Митрополит Амфилохиј Адријанополски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *