Почетна Коментар Диференцијација во МПЦ-ОА
Диференцијација во МПЦ-ОА

Диференцијација во МПЦ-ОА

673
0

Реакциите и отпорите што неодамна се истурија врз архиепископот г. г. Стефан и врз Скопската епархија кои годинава првпат толку јавно и одлучно се спротивставија на палењето на коледарските огнови не треба ги откажат од намерата која тргнале да ја остваруваат. Мислам дека крајно време беше нашата црква да почне јасно и гласно да зборува за тоа што е прифатливо, а што не како верски обичаи меѓу нашите граѓани.

Во изминатите години имаше повеќе дискретни и спорадични укажувања за тоа што е прифатливо, а што не, но тие очигледно не сменија ништо. Сега, со отворена порака дека МПЦ-ОА веќе нема да праќа свештеници на вакви огнови, работите за промените се ставени на колосек кој води само во еден правец. А тој е насочен кон дефинитивното менување на начините на празнувањето и на однесувањето на верниците.

За тоа досега имало повеќе поводи. Kоледарските огнови и нивното претворање во своевидни гозби со јадење и пиење беа само едно од проблематичните празнувања. Црковните достоинственици досега укажаа и на повеќе други адети кои не се својствени на македонските простори. На пример, собирањето бадникови гранчиња, оставањето пари на иконите, протнувањето под импровизираниот гроб на Исус Христос во текот на велигденските празнувања, колењето курбани, коледарските песни, па с` до празнувањето на Богојавление со фрлањето на крстот во водите, се само едни од спорните и за кои постојат разните мислења во самиот црковен врв. Јасно, сето тоа се обичаи што се наследени од минатото и за кои не се знае кога и на кој начин станале дел од нашата традиција. А кога нешто ќе се претвори во традиција, тогаш има и големи отпори ако сакаме некаква промена.

Затоа, и не само оваа, туку и во следните години ќе има противења. Но, во тие полемики треба да се слушнат аргументите и од двете страни. За тоа зошто некој адет не е прифатлив за црквата. Ајде нека поборниците на опстанувањето на коледарските огнови ја објаснат најелементарната работа. Kако и зошто, на пример, на такви собири има многу луѓе, а тие луѓе утредента и задутре на Божик ги нема никаде во црквите на службите? Нели е тоа парадоксално? Луѓето што од вернички побуди излегуваат навечер по населбите за да учествуваат во еден обред кој го посветуваат на раѓањето на Исус Христос потоа не сакаат да одат во црковните храмови каде што на најадекватен начин се празнува тој голем христијански празник. Во црквите не можеле да се дружат едни со други како што тоа го прават на коледарските огнови оти морало да ја ислушуваат литургијата? Тоа не може да биде никакво оправдување. Имале забелешки за однесувањето на свештениците, за нивниот световен живот и склоностите кон луксузот? Ако имаат, храмовите и времето по службите е вистинското за в лице да им кажат она што им пречи и што мислат дека свештениците треба да го сменат како однесување.

Знам дека во нашата црква се свесни на своите слабости и проблеми што ги имаат во комуникација со граѓаните. Проблемот зошто храмовите не се исполнети со верници ја имаа и таа адреса во листата со причини. Но, не е само таму проблемот. Не можам да верувам дека од осумдесетина проценти декларирани верници во земјава, повеќето од нив во храмовите одат само во време на големите верски празници. Односно, само неколкупати годишно. Мора да постојат и некои други причини за тоа, а не само незадоволство од однесувањето на верниците. Не можам да поверувам дека неколкуте стотици свештеници на МПЦ-ОА се однесуваат неадекватно и дека тие се изворот на незадоволството на верниците. Сигурен сум дека повеќето од нив се искрено посветени на својата мисија и дека живеат во согласност со христијанските начела. Тогаш, зошто и храмовите каде што тие служат се најчесто празни? Значи, постојат и некои други, лични причини, поради кои не се оди во црквите и за нив секој сам треба да си одговори. За утеха може да ни биде тоа дека е слична ситуација и во некои други православни цркви, но и тоа не може да биде оправдување.

Некому одлуката на Скопската епархија веќе да не ги поддржува коледарските огнови може да му заличи на планот граѓаните преку ваков притисок да се натераат да одат во црквите. Мене лично повеќе ми личи на расчистување на сметките со оние што за себе тврдат дека се верници, а во реалниот живот тоа не го покажуваат. Па, така, во тоа име нашата црква решила јасно да им стави до знаење дека како верници може да се сметат само оние што, покрај другото, својот духовен живот го практикуваат и со одењето на богослужбите. Во таа своја намера нема што да загуби бидејќи оние искрени и убедени верници и натаму ќе продолжат да си одат на службите, а оние што досега не оделе нема и понатаму. Но, црквата како организација си го кажала својот став дека од оние што се сметаат за верници очекува така и да се однесуваат. Во таа намера не може ништо да ~ се префрли и затоа е добро што по две и пол децении откако религиските слободи се практикуваат во земјава без какви и да е ограничувања, почна едно такво менување на односот.

BrankoНе се бара ништо друго, туку живеење и однесување во согласност со она што го бараат верските правила. Она што е традиција наследена од разни периоди треба и да почне да се менува доколку е во спротивност со изворното христијанство.

Пишува: Бранко Ѓорѓевски (ДНЕВНИК)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *