Почетна Коментар На многаја лета Владико…
На многаја лета Владико…

На многаја лета Владико…

2.54K
1

Помеѓу две слики од штафетата на младоста како возвишение на денот и по еден „патриотски пост“ во одбрана на македоЊштината од злите сили кои ги запоседнале македонските цркви и манастири. Така некако изгледа денеска фејсбук профилот на патриотските великомакедонски бранители.

Чудно, но сум приметил дека како по теледиригован оркестар, никнуваат како печурки по дожд. И еве веќе неколку дена, откако беше избран Игуменот Партениј за епископ Антаниски, ја трујат јавноста за некаква бугаризација, грцизација и што уште не, на МПЦ-ОА …

Фрчат коментари, навреди, констатации, осуди, за секакво предавство, одродување, продавање, што таму неколку монаси, владици на чело со Партениј решиле да го спороведат. Новиди чудо, никој не спомнува србизација, или слични некакви активности за предавства што Партениј ги подготвува сега, а ќе ги реализира нели кога ќе станел поглавар на црквата. Веројатно затоа што ако ја србизираш македонската црква, тоа не е предавство, туку вистинскиот пат кон единството во православниот свет. Тоа ти е нешто како светоглед на вистината.

Не знам колку сте приметиле, но мене веќе не ми е ниту смешно, ниту интригантно, туку веќе ми е сосема загрижувачко што како најгласни и најактивни македонобранители стануваат одредени просрпски и српски структури во државата. Чудо некое, толкава голема грижа за некакво бришење на македонскиот духовен идентитет пројавуваат оние кои се крстат во Иренј Буловиќ, наутро се будат со Фирмилијан Држаиќ, а навечер си легнуваат со Николај Велимировиќ.

Во тој контекст гледам деновиве на социјалните мрежи се споделува еден текст објавен во СПОНА, тоа е српски културно информативен центар во Македонија. Сам по себе текстот и не би бил спорен, ако не е произлезен од институционално тело на српската заедница во Македонија, која има повеќе општествена, отколку црковна улога. И секако доколку текстот не е полн со омраза, во обид да поттикне чувство дека Игуменот Партениј е некаков предводник на бугарска црковна пропаганда, против братската српска црква, која е единствената вистинска „мати“. И за да кај верниците на МПЦ-ОА се постигне таквото чувство, се користи токму инструментот на поттикнување подлеби, прикажувајќи дека се што не оди преку Белград, е разнебитување и продажба на македонските црковни и национални интереси. Абе… Да го прашате Буловиќ, зошто ако е толку загрижен МПЦ-ОА, да не се бугаризира, ја држи 53 години во заложништво?

Но, Буловиќ и дел од останатите владици во СПЦ, кои се уште живеат во границите на „Краљевина Срба, Хрвата и Словенаца“, а за жал и овдешни некои структури, не се плашат од тоа дали МПЦ-ОА ќе се бугаризира, тие се плашат од фактот дека на денот кога МПЦ-ОА ќе добие статус на призната автокефална црква во православниот свет, таа ќе се македонизира, а тоа дефакто значи и дека ќе се десрбизира. Во тоа е главниот проблем, а не во некакво лажно претставување за бугарзиација.

Игуменот Партениј, сега викарен епископ Антаниски, заедно со уште некои владици во МПЦ-ОА, и веројатно со поддршка на дел од политичарите во Македонија, изминативе три години успеаја да ја одиграат најдобрата црковно-дипломатска офанзива во процесот на решавање на македонското црковно прашање. Му се допаѓало тоа некому или не, но во таа дипломатска офанзива Бугарската црква ја имаше клучната улога и се покажа како вистински пријател на МПЦ-ОА. Сестра-Црква, Мајка-Црква, како сакате наречете ја, но заслужи почит, а не омраза. Заслужи идентична почит како во 1967 година кога на тогаш тазе „расколничката МПЦ“ и даде Свето Миро и на тој начин ја остави на канонскиот колосек. Колку и да сака некој да прави трагикомични приказни за потрагата по изгубената мајка, Бугарската црква и тоа благодарение на некои тамошни владици, не сите, затоа што добар дел од нив се уште се поблиску до Белград, отколку до Скопје, успеа да го дигне македонското црковно прашање на највисоко ниво. Толку високо што веќе е во фаза на решавање преку Вселенската патријаршија. Да не се вмешаше БПЦ во ова прашање, МПЦ-ОА се уште ќе беше приказна од срскиот црковен двор.

И знаете што? Неповратен е процесот, колку и да се трудите. Православниот свет секојдневно ја препознава вистината за МПЦ-ОА. Не онаа што СПЦ и нејзините сателити ја сервираа, туку онаа вистина на жива догматски исправна, а политички и националистички заточена црква.

За добра ноќ ќе ви раскажам една случка… Не е тоа ангедота.

Во предвечерието на Велигден, кога коронавирусот ги затвори речиси сите православни цркви во светот, од Фанар до Москва, од Атина до Букурешт, од Софија до Киев, од Кипар до Белград, владици, свештеници, монаси го гледале директниот пренос од Бигорски за Воскресението Христово. И не само што гледале, туку и се воодушевувале.

Како што би рекол еден од владиците на една од црквите, коментирајќи го преносот, „Додека ние седиме со катанци на црквите, овие што шизматици ги нарекуваме, ни покажаа како се брани и црквата и како се слави Христос.

На многаја лета Владико….

Пишува: Марјан Николовски

Коментар(1)

  1. Na mnogaja leta bugarski vladiko, posle egzarhijata pak bugarska egzarhija, neka e na zdravje

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *