Почетна Коментар Стрелачкиот одред за игуменот Партениј
Стрелачкиот одред за игуменот Партениј

Стрелачкиот одред за игуменот Партениј

2.89K
0

Деновиве прочитав десетици осуди и “пресуди” за игуменот на Бигорскиот Манастир, пред неколку дена избран од Светиот синод на МПЦ-ОА за нов владика.

Меѓу тие што стрелаа од “Стрелачкиот одред” има многу мои пријатели, луѓе што високо ги почитувам.

Во вербалните куршуми кон игуменот прочитав неколку сценарија за тоа како ќе станел Архиепископ и ќе не предадел на Бугарската црква, како е “Бугараш”, како работи за Македонците да ги претвори во Бугари и слични приказни како таа за 5Г мрежата што создава коронавирус.

Она што не го чув во неговите видеа кои се шират на интернет во обид владиката да биде “отстрелан” уште пред да стане член на Синодот, е дека тој рекол дека Македонците се Бугари, дека Бигорски е бугарски манастир, дека Македонија е бугарска земја а македонскиот јазик бугарски дијалект. Да точно е во едно од видеата од бугарското собрание додека прима европска награда рече дека сме браќа со Бугарите. Но што друго може да каже еден свештеник на МПЦ-ОА која иако не е канонски призната е де факто дел од братството на православните народи. Од тој аспект колку и политички да не е логично Македонците по вера се браќа и со Србите и Грците и сите други православни народи.

Игуменот, сега владика го имам сретнато само еднаш, пред 7-8 години додека правев репортажа за тогаш изгорениот манастир и лулка на православието и Македонизмот.

Од тогаш не сум го видел ни чул, но сум слушнал десетици луѓе верници, монаси од Свети Јован Бигорски и монахињи Свети Ѓорѓија на кои Партениј им го променил животот.

Го осудивме човекот врз основа на неговите ставови како свештено лице како православен проповедник. Го судиме со политички кантар. И тука грешиме.

Замислете конечната оценка за политичарите да ја даваме според тоа колку го почитуваат светото евангелие. Замислете колкумина од нас треба да бидат осудени ако се земат предвид само црковните канони затоа што не ги почитуваме божјите заповеди. Ќе нема ни кој да суди, ни кој да биде суден.

За Партениј може да се суди ако се знаат сите работи за него. За тоа што направил во Река, како Бигорски од комунистичка руина го претвори во принц на православието. Како буквално спасува животи и загубени души од пеколот на дрогата, како создава нови заедници кои носат живот и фигуративно и реално.

Јас го преземам ризикот да бидам осуден како заштитник на “еден Бугараш” и не се плашам од тоа.

А Партениј е тука некаде на потегот од Маврово до Дебар и дури и да сака нема да може да го однесе Бигорски во Пловдив или Варна. Затоа што Партениј се луѓето околу него, стотици, илјадници луѓе кои точно знаат дека нивниот игумен не може да ги предаде ниту во Бугарска, ниту во Српска ниту Грчка приказна.

Пишува: Горан Момироски / expres.mk

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *