Почетна Анализа ДНЕВНИК: Муслимани Албанци и Палестинци во Бигорски манастир наоѓаат лек за наркоманијата
ДНЕВНИК: Муслимани Албанци и Палестинци во Бигорски манастир наоѓаат лек за наркоманијата

ДНЕВНИК: Муслимани Албанци и Палестинци во Бигорски манастир наоѓаат лек за наркоманијата

2.25K
0

dnevnik bigorski„Бев примен како меѓу свои. Во ниеден момент не се почувствував како отфрлен, ниту од монасите ниту од другите. Никогаш и никој не побара од мене да ја сменам моја муслиманска вера, се зборовите на младиот А.А., кој е Албанец од западна Македонија, а кој веќе неколку месеци престојува во познатиот Бигорски манастир, каде што се лекува од зависноста од дроги. Вели дека бил долгогодишен зависник од тешката дрога хероин, која го довела до работ на животот. Досега неколкупати се обидувал да се ослободи од зависноста од оваа дрога, но не му успевало. Слушнал за примерот на неколку свои сонародници, кои веќе биле во православниот манастир и успеале да се ослободат од зависноста. Тоа му било и најголем поттик и тој да дојде во ова познато христијанско светилиште. Сега, вели, дека му е подобро.

– Чувствувам дека станувам се посилен во волјата да се ослободам од дрогата. Ги извршувам сите обврски што ми се даваат и се надевам дека ќе дојде денот кога ќе можам да кажам дека сум ослободен од зависноста и ќе можам да живеам нормално – вели тој.

А.А. не е осамен во манастирот, во кој веќе цели петнаесет години постои дел специјално наменет на лекувањето на зависници од дроги. Досега низ него поминале стотици млади луѓе, а во групите вообичаено има по дваесет- триесет зависници. Најголемиот дел од нив се со православна христијанска вера, но често во групата има и млади луѓе што се од исламска вера. Зависноста од дроги последниве години зема се поголем замав во земјава, не одбира по етничка или по верска, основа туку е проблем на сите граѓани во земјава. Резултатите што се постигнати досега покажуваат дека братството на манастирот нашло оригинален начин како младите луѓе да се оттргнат од зависноста, и тие од православната и тие од исламската и другите вери.

bigorski slika-Игуменот на манастирот, отец Партениј, ме прифати со најголема љубов таков каков што сум, како вистински татко, и секогаш ми обраќа посебно внимание. Понекогаш жртвува и дел од своето време и многубројните обврски само за да ми посвети внимание кога имам сериозна потреба од разговор со него. И другите браќа монаси се однесуваат со мене како со близок другар. Никогаш мојата национална и верска припадност не им пречела за нивниот позитивен однос кон мене – вели А.А.

Освен повеќето млади Албанци од неколку македонски општини, кои дошле во манастирот заради лекувањето, доаѓале и други припадници од исламска вероисповед. Биле неколкумина Роми, но и еден Палестинец. Kако и другите, освен од зависноста од дрогите, се лекуваат и од зависноста од алкохолот, тутунот, коцката…

Познато е дека Бигорскиот манастир е светилиште, кое во овој крај се почитува и од христијанското и од муслиманското население, кое неретко доаѓа тука на големи верски празници.

Се проценува дека во Македонија на секои 18 часа има по еден нов корисник на дрога или по 500 годишно, бројот на зависниците е околу 11.000, а експертите сметаат дека неофицијално тој број е шест пати поголем. Во последните неколку години, возраста на која се почнува со консумирање дроги се намали на осум или девет години. Со консумирање дрога се почнува најчесто од љубопитство, од желбата за докажување во друштвото, а се посега и во моменти на депресија или целосен неуспех во животот. Психолозите наведуваат дека повеќето од зависниците сакаат да разговараат за своите проблеми, бараат решение и сакаат да се лекуваат. Тоа го потврдуваат и во Бигорскиот манастир при што важен дел од терапијата е исполнувањето на обврските.

– Апстинентите што престојуваат во манастирот се должни да го почитуваат редот во него, да присуствуваат на богослужбите и заедничките трпези, да помагаат при послушанијата (работните обврски) и да имаат совесно и долично однесување. Престојот на рековалесценти во манастирот зависи од нивниот напредок во надминувањето на психо-соматските кризи, но вообичаено трае од шест до дванаесет месеци, а понекогаш и повеќе. Притоа, целта на престојот е не само да се ослободат од стегите на наркоманијата, туку и да се ресоцијализираат и да станат духовно здрави личности, кои би му биле од полза на општеството – изјавуваат од манастирот.

bigorski slika 3Оттаму наведуваат дека на овие лица манастирот не престанува да им помага и по нивното излегување, со цел да можат да застанат на здрави нозе.

-Лекувањето, со Божја помош, е навистина успешно. Станува збор за стотици исцелени души во изминатите 15 години, откако отец Партениј го прими првиот наркозависник и ја почна оваа социјална мисија на манастирот – ни рекоа од Бигорскиот манастир.

ПРИСУСТВО НА БОГОСЛУЖБИТЕ

Од зависниците што се лекуваат во манастирот, а кои се припадници на друга вера се бара да присуствуваат на редовните богослужби што се одржуваат во храмот.

-Но, од нив во никој случај не се бара промена на верското убедување. Впрочем, согласно учењето на господ Исус Христос и Неговата света православна Црква, Бигорската свештена обител ги почитува слободната волја и правото на избор на секој поединец, без разлика на неговото верско, национално, политичко убедување – велат од манастирското братство.

/ДНЕВНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *