Почетна Проповеди Да се трудиме нашиот живот постојано да го преобразуваме
Да се трудиме нашиот живот постојано да го преобразуваме

Да се трудиме нашиот живот постојано да го преобразуваме

220
0

Митрополит Тимотеј, Преображение Господово 2016 година, Храм „Св. вмч. Георгиј” – Струга

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Празникот Преображение Господово, во светата Црква, а и за нас нејзините членови, се јавува како голема утеха и надеж. За нас, грешните и обременети со страсти во овоземниот живот. Во евангелското четиво слушнавме дека Господ Исус Христос се преобразил на гората Тавор пред тројца Свои апостоли. Се преобразил покажувајќи им ја Својата Божествена природа, но, онолку колку што тие можеле да примат.

Овој настан се случува пред последните дни од животот на Господа Христа, односно, пред Неговото омаловажување, клеветење, судење, тепање, распнување, и тоа на крст, и конечно, Неговата смрт. Пројавувањето на Неговата Божествена слава било потребно за да ги утврди апостолите во верата. Да ги охрабри и да ги вдахнови за да не потклекнат пред искушенијата. Да отфрли секаков сомнеж и да не се откажат од својот сакан Учител. Оваа појава на Божјата слава, всушност, е изливање на Божјата капка на радост врз учениците. Со преображението Христос запалил силен огин на надеж во срцата на апостолите. Огин кој ќе свети пред нив во периодот исполнет со темнина и со очај.

1За време на Преображението, Господ Христос им дал да вкусат од небесниот свет. Преображението се случува во присуство на двајца старозаветни пророци, и тоа Мојсеј и Илија. Преку овие ревносни исполнувачи на законот Божји, Христос сака да ги убеди и апостолите дека доколку Го следат Неговиот пат и Неговото слово, и тие, односно нивните души, ќе имаат вечен и блажен живот.

На овој важен момент, Господ, не само што ја јавил Својата слава, туку, Он им ги покажал и ги открил, не на телесните очи, туку, на душата и духот на апостолите, небесната духовна висина и небесниот духовен свет. Им ја покажал радоста на повторното раѓање кон кое се повикани сите луѓе. Токму овој миг на доживување, често пати апостолите ги побудувало да зборуваат за тоа неизречено торжество и таа радост којашто Бог ја создал за сите оние кои Го љубат.

3Ова ветување не се однесува само на апостолите, тоа се однесува на сите христијани. Бидејќи Бог сака сите да се спасат и да ја познаат вистината (1. Тим. 2, 4). Заради спасението на сите Бог стана човек. Се воплоти, пострада и умре на крстот, но, воскресна и се вознесе заради вечен и благодатен живот на секој еден од нас. Господ ја покажал Божествената слава која Нему Му припаѓа по природа. Но, кон таа слава, кон тоа благодатно царство повикани сме сите. Повикани сме да го оствариме по благодат, доколку се трудиме и кон истото чезнееме. Тоа ќе можеме да го постигнеме ако се трудиме нашиот живот постојано да го преобразуваме. Ќе се преобразиме само преку молитвата, постот и добродетелниот живот. Само така ќе се одлепиме од земната приврзаност и ќе се издигнеме повисоко од земјата, на духовен план, и ќе ги отсечеме сите препреки кои нè сопнуваат и нè запираат на тој возвишен и благодатен живот.

4Прв чекор кон тоа преобразување е покајанието. Покајание, на грчки се нарекува μετάνοια, и тоа не значи само покајание, туку преумување, односно, изменување на нашиот ум, на нашето срце и на нашиот живот.

5Овој Божествен дар, односно, благодатта, штедро се нуди на сите. Но, од нас зависи дали тој понуден дар ќе го примиме, и дали доволно ќе се потрудиме на себе, да се очистиме, поточно, да направиме проверка на сопствениот храм. Некогаш потребно е целосно реновирање, а доколку, пак, сме западнале во тешки непријатности и гревови дури и реконструкција.

6И ние денеска, кога го прославуваме Преображението Господово, да отфрлиме од нашите срца и од нашите души секакви лоши мисли и слабости. Да обезбедиме во нашите срца од тој благодатен огин што ги запалил срцата на апостолите. Та и кај нас да се запали свеќа на радост, и ние да живееме вистински христијански живот исполнет со добродетели. Така живеејќи да ја добиеме Божјата милост, којашто ќе ги препороди нашите срца и души со преображенска светлина. Исполнети со таа преображенска светлина да одиме кон светото и возвишеното, кон царството небесно.

Амин.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *