29 февруари е редок датум, кој календарот го носи еднаш на секои четири години. Токму на овој ден, во 1940 година, на островот Имврос, во селото Агии Теодори, е роден сегашниот поглавар на Вселенската патријаршија– Неговата Сесветост, патријархот Вартоломеј.
Роден како Димитриос Архондонис, тој го започнал своето образование во родното место, продолжувајќи во гимназијата „Зографион“ во Константинопол и во Централното училиште на Имврос. Богословските студии ги завршил на Богословската школа на Халки, а понатамошно образование стекнал во Рим, Бозе и Минхен. Покрај грчкиот и турскиот јазик, владее уште неколку странски јазици.
Ракоположен е за ѓакон во 1961 година, за презвитер во 1969 година, а во 1973 година станува митрополит на Филаделфија. Во 1990 година е избран за митрополит на Халкидон, а на 22 октомври 1991 година е избран за Вселенски патријарх.
Во текот на своето патријаршиско служење тој посветено работи на зајакнување на сеправославното единство и соработка. Свика повеќе собири на православните претстојатели и беше иницијатор и претседавач на Светиот и Голем собор на Православната црква, одржан на Крит во јуни 2016 година.
Патријархот активно го поттикнува и екуменскиот дијалог со другите христијански цркви и вероисповеди. Во текот на годините беше примен од бројни државни и владини лидери и говореше пред Европскиот парламент, Советот на Европа, УНЕСКО, Светскиот економски форум во Давос и други меѓународни форуми. Носител е на високи државни одликувања и почесни докторски титули од универзитети ширум светот.
Во рамките на својата служба, тој вложува напори за повторно отворање на Богословската школа на Халки, затворена од 1971 година, и продолжува да се залага за нејзино целосно признавање и функционирање.
Тој, исто така, воспоставил редовни поклоненија во Кападокија и други „изгаснати светла“ во Мала Азија и Источна Тракија, каде што по многу децении се одржувале служби, претходно забранети од турската држава, кои кулминирале со служење на Божествената Литургија во историскиот манастир Панагија Сумела (15.8.2010).
Особено значајна е неговата долгорочна посветеност на заштитата на животната средина. Со организирање еколошки семинари и меѓународни симпозиуми, тој стекна меѓународно признание и го доби прекарот „Зелениот патријарх“, како еден од првите верски лидери што систематски ја истакнуваат грижата за создадението како духовна обврска.
Во однос на војната во Украина, Вселенскиот патријарх јавно ја осуди руската инвазија, повикувајќи на прекин на воените дејствија и на воспоставување праведен мир.

