
Во Скопје ќе се случи првата голема црковна литија што на 20 септември ќе ја организира Скопската Епархија и Братството при храмот Рождество на Пресвета Богородица во Скопје.
Величествениот чин на прославата на „Рождеството на Пресвета Богородица“ ќе почне во вторникот во 17 часот со вечерна богослужба, а потоа литијата ќе ги обиколи скопските улици.
Утредента, на 21 септември, утринската богослужба ќе започне во 7:30 часот, а Светата Литургија во 9:00 часот.
Овој начин на прослава на овој празник ќе се случи со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Македонската православна црква ги повикува верниците и сите луѓе со добра волја да учествуваат во торжественото прославување на празникот на Раѓањето на Мајката Божја, Пресвета Богородица – заштитничката на градот Скопје, или „Мала Богородица“.