Во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево беше промовирана фотомонографијата посветена на манастирот „Благовештение на Пресвета Богородица“ – Пречиста, дело на авторот Јован Ангелески. Промоцијата беше проследена и со отворање на неговата прва самостојна фотоизложба.
Фотомонографијата е резултат на повеќегодишна работа и претставува визуелно сведоштво за еден од најзначајните православни манастири во Македонија. Преку фотографии од манастирскиот комплекс, богослужбениот живот, монаштвото и секојдневието на сестринството, авторот настојува да ја долови не само архитектонската убавина, туку и духовната атмосфера на Пречистанската обител.
На промоцијата присуствуваше епископот Антаниски Партениј, кој на покана на авторот го благослови настанот. Присутни беа и игуманијата монахиња Харитина со сестринството на манастирот „Пречиста“, како и голем број посетители, љубители на фотографијата и културното наследство.
Рецензијата на фотомонографијата, со благослов на епископот Партениј, ја напишал архимандритот Кирил. Во неа тој оценува дека делото не е само фотографска публикација, туку и сведоштво за духовниот живот на манастирот, преку кое авторот успева да ги пренесе молитвениот мир, светлината и благодатната атмосфера на ова светилиште.
Јован Ангелески истакнува дека неговата поврзаност со манастирот започнала уште во детството, а со текот на годините прераснала во желба преку фотографијата да го зачува и претстави духовното богатство на Пречиста. Благодарение на довербата на сестринството, имал можност да го документира секојдневниот живот во манастирот и да овековечи моменти кои ретко се достапни за јавноста.
Свеченоста беше збогатена со музичка изведба на маестро Филип Михајлоски на канон, по што посетителите имаа можност да ја разгледаат изложбата и да се запознаат со фотомонографијата.
Со ова издание, авторот остава траен визуелен запис за манастирот „Пречиста“, обединувајќи ја документарната фотографија со духовното и културното наследство на ова значајно македонско светилиште.





