Вартоломеј: Светите Кирил и Методиј беа испратени да ги христијанизираат Русите по нивните напади врз Константинопол

Date:

Share post:

Јасна и недвосмислена порака упати Вселенскиот патријарх Вартоломеј до таканаречените „деца од северот“, нагласувајќи дека Вселенската патријаршија не е заплашена и останува цврста во својата духовна борба.

Пораката беше изнесена по завршувањето на Светата Божествена Литургија во чест на Свети Фотиј Велики, при што Патријархот се осврна и на огромниот придонес на овој светител во историјата на Црквата.

Вартоломеј потсети дека за време на својот прв патријаршиски период, Свети Фотиј се соочил со нападот на Русите врз Константинопол. Наместо да ги гледа како трајна закана, тој испратил мисионери – светите Кирил и Методиј – со што биле поставени темелите за ширењето на христијанството во тие простори еден век подоцна.

„Ова е сведоштвото на Фотиј, но и трајното сведоштво на Вселенската патријаршија: на опсадата да се одговори со љубов, на темнината со светлината Христова, а на војната – не со световна сила, туку со Крстот“, истакна Патријархот, повикувајќи се и на апостолските зборови:
„Ова е победата што го победи светот – нашата вера“, „која дејствува преку љубов“.

Осврнувајќи се на актуелната состојба во светот, Вселенскиот патријарх нагласи дека Патријаршијата со љубов и трпение ќе го чека враќањето на своите деца од северот, кои во еден момент се свртеле против неа.

„Во време кога одекот на оружјето се слуша во многу делови на светот, а човештвото е обземено од страв и неизвесност, Големата Христова Црква стои цврсто, осветлена од светлината на воплотената љубов“, рече Патријархот.

Тој додаде дека, и покрај навредите и лажните обвинувања дека „има демон и е безумна“, Патријаршијата не се откажува од Крстот, туку останува на местото каде што ја поставила Божјата Промисла – во одбрана на светилиштата и верата.

Во свечена и молитвена атмосфера, Вселенската патријаршија го чествуваше споменот на Свети Фотиј, патријарх на Константинопол и коосновач на Манастирот Света Троица на Халки. Со Литургијата началствуваше Патријархот Вартоломеј, а учествуваа бројни архијереи, свештенослужители, монаси, архонти и верници од Истанбул, Принцовските Острови и од странство.

Во своето обраќање, Патријархот се осврна и на Богословската школа на Халки, потсетувајќи дека од 1844 до 1971 година таа дала бројни патријарси, архиереи, богослови и научници кои ѝ служеле на Црквата со пожртвуваност.

Со посебна емоција се присети и на сопствените студентски години, изразувајќи надеж дека наскоро школата повторно ќе ги отвори своите врати, зајакната со тековната реставрација и обновување на нејзините објекти.

„Богословската школа на Халки е симбол на нераскинливата врска меѓу Црквата и образованието“, подвлече Патријархот. Во завршницата, Вселенскиот патријарх повторно ја нагласи суштинската порака на Патријаршијата: „Не се плашиме; истрајуваме во нашата борба на Крстот.“

Тој истакна дека Пресвета Богородица секогаш останува прибежиште и заштитничка во секоја опасност и измама.

/Црковен Журнал ЛОГОС

1 COMMENT

  1. Само, има една огромна разлика: нападот на руската флота во јуни 860 г. бил насочен кон Византија, при што биле уништени елитните предградија на Константинопол и некои манастири. Св. Фотиј, тогаш Патријарх Цариградски, како што велите одговорил љубовно: трпеливо оформил тивка и благородна мисија за слободно ширење на благата вест на Евангелието Христово меѓу Словените, спротиставувајќи се на тријазичната ерес која ги беше подјармила толку славните елитни (според вашиот денешен неотстапен пристап неприкосновени, вечно престижни пет најстари патријаршии). Со тоа крајно љубовно дело кон словенските народи не само што ненаметливо и неприсилно ги христијанизирал (секако, тоа го сториле Светите Кирил и Методиј со негов благослов и со огромна царска поддршка) туку и го овозможил нивното описменување. Русите го примиле Православието.
    Но, денес Руската Православна Црква е во состојба на самоодбрана од туѓи агресивни политики и во украинската дијаспора трпи конкретно насилство од црковна заедница вештачки формирана и со енормна помош на Цариградскиот Патријарх воздигната до ранг на автокефална Црква. Дури и кога би грешеле, дури и таа Православна Црква во Украина да има свои автентични темели и да се бори за својата самобитност, начинот на кој се обидува да ги оствари своите права се пројавува како разбојнички. Пример за споредба: кога монаси на Македонската Православна Црква се обидуваат да се вселат во древен манастир во Нејзино владеење, а затекнуваат состојба во која селските баби и од нив заблудените соселани го запоседнале и не го предаваат манастирот за остварување на неговото предназначение, архиереите, монасите и свештенството на Црквата не влегуваат во насилни физички пресметки со неукиот народ ниту ја повикуваат полицијата да го отстрани народот бесправно навлезен во тој црковен имот, туку по обидот кротко да го одвратат од заблудата – отстапуваат. Посветуваат молитви и молитви за спасение на душите на тие заблудени луѓе, за просветлување на нивниот ум, за очистување на нивните срца. Па, доколку се создаде мир и меѓусебно приближување и љубов по некое време повторно се обидуваат да го оживеат богослужбениот циклус и аскетско-благодатниот подвиг во манастирот.
    Спорот меѓу Руската Православна Црква и Цариградскиот Патријарх започна како оспорување на Неговите екуменски активности во рамките на меѓуконфесионалниот дијалог. Значи, првенствено како еклисиолошки спор. Денес Цариградската Патријаршија, ниту географскиот простор, па ни дијаспората каде што дејствува таа не се физички нападнати од руските воени сили.
    А одговорот на денешниот Цариградски Патријарх се разликува од оној на Св. Фотиј Цариградски: дури и во текстот на ова обраќање тоа е говор од позиција на сила, на самоидентификување со сите свети патријарси на Константинополскиот Престол (иако Православната теологија почива на личноста, не на персоната како олицетворение на позиција во општествената или црковната ерархија, така што нема преодност, наследност на заслугите и одликувањата, како што нема преодност ни на падовите и промашувањата), со присвојување на папски овластувања и почести кои далеку го надминуваат првенството по чест. Просто реториката на Цариградскиот Патријарх денес е таква и очигледно е дека целиот Фанар го доживува тоа како некоја природна, наследена, богодарувана состојба.
    Оспорувањето на непогрешливоста на Цариградскиот Патријарх од страна на Руската Православна Црква е навредливо за Константинопол. Но, Православието нема усвоено догма за непогрешливост на ниеден Поглавар, на ниеден Архиереј, на ниеден член на земната Црква. Самото инсистирање на непогрешливоста, на аксиоматската светост на секој Константинополскиот Патријарх за време на неговото раководење со Константинополската Катедра е симптоматично. Вистина е дека за Господ еден ден е како илјада години и илјада години се како еден ден. Но, да се бара послушност од една автокефална Помесна Црква од позиција на доделувач на Нејзината автокефалност пред дванаест века, период во кој Таа дала богато, полно и непобитно христијанско сведоштво и потврда за Нејзиното автокефално дејствување, и да се упати закана за некакво одземање на Нејзиниот автокефален статус заради оспорување на непогрешливоста на Поглаварот на Црквата доделувач на таа автокефалност (која впрочем во тоа време имала друг Поглавар, други историски околности, други мотиви за своето однесување, па и други благодатни плодови) е повторно сведоштво за приклонување кон папската хиерархологија, која е многу повеќе од првенство по чест. Ако го прашате Римскиот Папа и тој ќе ви рече дека неговото првенство и догмата за неговата непогрешливост се во служба на Црквата, на христијанството, никако поинаку. Значи, чекорот до вештачката глобализација на Православието наместо Богочовечката перихореза на Едната Света Соборна и Апостолска Црква како мистична пројава на Божјите седржителски енергии во Неа како единствени реални врски на Нејзиното неразрушливо единство) ваквите опасни изјави го прават дури и незабележлив. А Св. Фотиј Цариградски ниту сведочеше ниту дејствуваше така.
    За жал, можат илјада години да станат еден ден и за катедрата во Константинопол, стравот Божји треба да им е својствен на сите. Мислам дека историскиот опит од не така дамнешното минато треба да ги потсети на тоа. Единството на Црквите како видлива категорија не може да се постигне со повици од позиција на авторитет, никогаш не ни можело. Чистотата на срцето му го покажала патот на Св. Фотиј. Љубов рамна на Христовата. Љубовта кон непријателот. Смирението со кое ги примил сите искушенија на отстранување и враќање на престолот. Ако веќе говориме за христијански добродетели, за сведоштво на чиста вера итн.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img