Вселенскиот патријарх Вартоломеј, во пораката по повод почетокот на новата црковна година, повика на поголема одговорност кон природата, предупредувајќи дека човекот не може бесконечно да ги користи и уништува природните богатства на планетата.
На 1 септември Православната Црква го одбележува почетокот на новата црковна година. Овој ден е и Ден на молитва за заштита на природната средина, откако Вселенската патријаршија во 1989 година го определи 1 септември за молитва за Божјото создание.
Во својата порака, Вселенскиот патријарх Вартоломеј посочува дека еколошката криза со која се соочува современиот свет не е само прашање на загадувањето и уништувањето на природата. Таа, според него, е поврзана со човековата слобода и одговорност, но и со неговиот однос кон верата, моралот, философијата и културата.
Вартоломеј потсетува дека Вселенската патријаршија со децении укажува на духовната и општествената димензија на еколошката криза и повикува на промена во односот на човекот кон природата.
„Човештвото конечно мора да престане да се однесува како да не знае“, нагласува патријархот.
Тој предупредува дека човекот не смее да живее со илузијата дека планетата бесконечно може да го поднесува товарот што ѝ го наметнуваат човековите активности, ниту дека природата секогаш сама ќе може да ги обнови ресурсите што се трошат и уништуваат.
Заштитата на природата, според Вартоломеј, не може да биде само обврска на државите и меѓународните институции. Таа бара одговорност на сите нивоа – глобално, национално, локално, но и лично.
Тој ја опишува еколошката одговорност како „категорички императив“ за човештвото, нагласувајќи дека промената мора да започне и од индивидуалниот однос кон создадениот свет.
Во пораката Вселенскиот патријарх го критикува и неконтролираното искористување на природата во име на геополитички цели и економски интереси.
Тој предупредува и на последиците од потрошувачкиот начин на живот и постојаната трка по материјален просперитет, кои, според него, создаваат модел на живеење што ја исцрпува природата и го доведува во прашање опстанокот на идните генерации.
„Одржливиот развој“, нагласува Вартоломеј, не може да се постигне без заеднички вредности, соработка и солидарност.
Во христијанската перспектива, додава тој, почитувањето на човековото достоинство и грижата за целокупното Божјо создание се важни изрази на верата.
Пораката на Вселенскиот патријарх е упатена во пресрет на 1 септември – денот кога Православната Црква ја започнува новата црковна година и кога верниците се повикуваат и на молитва за заштита на природата.
На крајот од пораката, Вартоломеј се моли новата црковна година да биде благословена и плодна, исполнета со добри дела и одговорност кон Божјото создание.

