Неодамнешниот напад на Руската служба за надворешно разузнавање врз Вселенската патријаршија – и врз самиот Вселенски патријарх Вартоломеј – не треба да биде изненадување за оние со историска меморија и здрава проценка. Овој напад несомнено е со нечестивот „благослов“ на Московската патријаршија.
Денес е добро познато дека руската држава и институционалното раководство на Руската црква под водство на патријархот Кирил се споија во гротескен црковно-политички хибрид. Кога Црквата се трансформира од Тело Христово во политичка идеологија облечена во религиозност – особено од фундаменталистички тип – таа престанува да биде Црква, без разлика колку верно ги чува своите надворешни форми и церемонијални обележја.
Историјата нè потсетува дека претензиите за автокефалност на самата Русија се плод на принуда. Кога Вселенскиот патријарх Еремија II отпатувал во Русија барајќи помош, царот Теодор фактички го задржал и го принудил да го потпише Томосот за руска автокефалност. Од тој момент, Москва беше опседната со идејата за узурпирање на првенството на првопрестолната црква во Цариград – без да разбере дека вселенкоста и соборноста не се нумерички концепти.
Оваа опсесија се манифестираше повторно во 2016 година, кога Москва се обиде – демонски – да го саботира Светиот и Велик Собор на Православната Црква на Крит, влечејќи со себе уште четири цркви. Патријархот Вартоломеј, дејствувајќи мудро и храбро, продолжи со свикувањето на Соборот, оставајќи ги Русите надвор од „брачната одаја“ – огорчени и неспособни да го прифатат исходот.
Кризата достигна пресвртница во 2019 година, кога Вселенската патријаршија ѝ додели автокефалност на Црквата на Украина по многукратните апелации од политичкото раководство, свештенството и верниците на Украина. Оваа одлука беше донесена дури по повеќе од една деценија упорни напори за постигнување соработка и консензус со Москва.
Да не заборавиме: Цариград ги воведе Русите со Православието – од Киев, град кој со право се смета за свет. Насилното вклучување на Украина и балтичките држави во атеистичкиот советски режим, ги пороби нивните цркви заедно со нивните народи. Со распадот на Советскиот Сојуз и независноста на овие народи, црковната слобода стана природна и неизбежна. Канонската одговорност за решавање на ваквите прашања припаѓа исклучиво на првопрестолната црква во Цариград – и токму до Цариград беа упатени овие барања.
Мора да се нагласи една исклучително важен момент: Патријархот Вартоломеј не дејствуваше еднострано. Тој одговори на официјалните апелации на владите, народите и свештенството кои бараа автокефалност во Украина и воспоставување егзархии во Естонија и Латвија. Ако воопшто може да се прекори за нешто, тоа е за бавноста – верен на фанариотската максима festina lente („брзајте полека“), која не секогаш ги дава посакуваните резултати.
Автокефалноста на Украина го разбесни рускиот политички и црковен апарат. Беше одговорено со двострана војна: воена – со бомби и оружје против православниот народ на Украина – и црковна – против Вселенската патријаршија; против Александриската патријаршија преку неканонска интервенција (eispidisi) и создавање на Егзархија, придружена со „купување“ на свештенството и верниците; и против црквите на Грција и Кипар за нивната храброст во признавањето на украинската автокефалност.
Москва во суштина стана уништувач на православието. Создаде сојуз на словенски цркви, за жал привлекувајќи ја Ерусалимската патријаршија кон себе преку своите специфични маневри и се здружи со Албанската црква – уште додека беше жив архиепископот Анастасиј.
Набрзо следеше уште една трагикомична епизода. Патријархот Вартоломеј, дејствувајќи великодушно во име на единството, ја обнови евхаристиската заедница со црквата во Скопје под раководство на архиепископот Стефан. Подоцна, српскиот патријарх Порфириј се впушти во акција „како крадец во ноќта“, еднострано доделувајќи автокефалност и прогласувајќи „Автокефална Македонска Црква“, газејќи го канонскиот и еклисиолошкиот поредок на православието.
Како резултат на тоа, православниот свет денес наликува на тажно расфрлано село, заробено во задушливи ќорсокаци. Сепак, патријархот Вартоломеј – постапувајќи правилно – не го отстрани името на патријархот Кирил од Диптихот, и покрај тоа што Кирил ја прекина заедницата со Цариград, Александрија, Атина и Кипар.
Овие случувања поставуваат едно круцијално прашање: што да се прави?
Војната меѓу Русија и Украина конечно ќе заврши. Путин еднаш се фалеше со победа во рок од шест дена; сега поминаа четири години. Доколку Русија победи, Автокефалната црква на Украина ќе се соочи со нови и болни предизвици. Митрополитот Онуфриј, кој е во сојуз со Москва, покажува мала склоност кон помирување или единство, што е над амбициите на Путин и Кирил.
Во меѓувреме, словенскиот блок – тесно координиран со Москва – се чини дека свесно работи на де факто поделба на православието, ефикасно држејќи го патријархот Вартоломеј како заложник. Доколку тој свика дури и неформален собир на православни поглавари, веројатно е дека Словените – и за жал Ерусалим – ќе одбијат да присуствуваат, со што Вселенскиот патријарх ќе биде видливо изолиран.
Сепак, Москва се двоуми отворено да го оспори приматот на Цариград, и покрај нејзините аспирации да стане таканаречен „Трет Рим“. Не постои Трет Рим – ниту може да има. Историјата веќе го воспостави Новиот Рим. Единствен трагичен исклучок досега останува српскиот патријарх Порфириј.
Конечно, не можеме да ги игнорираме прикриените и отворените симпатии на одредени митрополити, манастири и поединци кон Москва – актери кои свесно го фрагментираат православното единство, додека се расфрлаат сопримитивна реторика против сопствената Мајка Црква, Црквата на Константинопол. Ова се несомнени знаци на очај, конфузија и црковен ќорсокак.
Пишува:Теодор Калмукос The National Herald


Тешко се монтира таа лажна историја, драги Елини: мозаикот на Помесните Православни Цркви сведочи сам за себе. Ерусалимската Патријаршија однекаде е грчка. Константинополската Патријаршија од историски центар во некогашен Константинопол го шири и кондиционо го одржува хеленизмот по Новите земји за сметка на превосходната мисија на црковна Москва на американскиот континент, а Грчката Православна Црква е грчка во Грција. Ситните егзархии на цариградско јаже ваму-таму по Европа воспоставени со однемајкаде итрини… Колку само се раширила Москва! Колку само големи апетити имала, можеби не се гледа, ама вие секако ќе ни ги отворите очите и ќе го спасите Православието од Русите. И тоа секако со вашите веќе најблиски браќа од другите христијански конфесии, каде Цариградскиот Патријарх кука ли кука колку се злобни и неправославни лажно православните Руси. Ах, тие Руси, како ли на времето ве фатија на препад и ја зграпчија автокефалноста за својата Помесна Црква, кога не можат без вас ни да си ја градат Црквата ни да си ја чуваат верата! Ете сега го растураат и Православието, не ви дозволуваат комотно да ги освестувате православните народи за нивната можна и пожелна црковна автокефалност. Сакале да се групираат меѓусебно со останатите Словени. Па не може така! Тоа е опасно за Православието. Грците, тие знаат како да си се организираат меѓусебно за добробит на целото Православие, тоа е нивно историско право. Такво право за Словените црковната историја досега не познава, па не треба ни отсега. Ете, картите се одамна поделени, валидните факти и права одамна докажани. Се’ друго е еклисиолошки неоправдано, всушност раскол. Вистински сеправославен раскол, зар не?
Впрочем, непотребни се тие работи: борба против странски мисии за растурање на традиционалното духовно ткиво на нацијата, против идеологии за родови дисфории, против инсталирање биолаборатории за биолошко оружје, против индоктринирање на младината со духопогубни перверзии, против увозниот хедонизам и небрежниот екуменизам. Та нели сме сите чеда на истиот Адам? Та нели сите веруваме во истиот Бог Спасител? Ајде да зборуваме на фин богословски јазик! Ајде да ја спасиме планетата, да ја подигнеме еколошката свест и да исчекориме во современието како едно нежно, светло Православие? Ете, кога сме така разумни и присебни, дури и светските моќници ни оддаваат признанија, ни доделуваат награди, а ниенгледаме дека Бог ни се радува и тогаш расте угледот на Православието. Ете тоа е нашата Една, Света, Соборна и Апостолска Црква, предводена од Првиот меѓу еднаквите. Секоја чест!