Почетна Политичка теологија Тројка за верските заедници за социјална одговорност
Тројка за верските заедници за социјална одговорност

Тројка за верските заедници за социјална одговорност

144
0

Добра тројка е средната оценка што верските заедници во Република Северна Македонија ја добија од граѓаните за нивната социјална активност. Последното истражување на Институтот за политички истражувања-Скопје „ИПИС“ и интернет порталот „Религија.мк“, со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“, покажува дека граѓаните сакаат социјално поодговорни верски заедници, особено во овој период на енергетско-економска криза, за која стравуваат дека сериозно ќе се одрази на нивниот животен стандард.

Високи 73,1% од испитаниците во истражувањето искажале загриженост за тоа како ќе ја поминат зимата поради најавите за економската и енергетската криза. Кога станува збор за тоа од кои трошоци најмногу стравуваат дека ќе се зголемат, електричната енергија и храната се на првите две места.

Вкупно 35,2% од испитаниците во моментов имаат проблеми со домашниот буџет да ги покријат основните трошоци. Истражувањето покажува дека еден од тројца испитаници би се одлучил да побара помош од неговата верска заедница во ситуација да не може да ги покрие своите основни трошоци за живот. 15,2% од анкетираните сметаат дека зимава би можело да се појави потреба да користат услуги на народни кујна организирани од верските заедници.

Иако е релативно висок процент од граѓаните, кои целосно или делумно се согласуваат дека верските заедници се социјално одговорни институции, сепак тие очекуваат верските заедници да бидат поактивни во социјалниот живот на заедницата. Тој став го делат високи 70% од испитаниците.

Иако 38,1% од испитаниците се согласуваат, а 24,9% донекаде се согласуваат со мислењето дека верските заедници се социјално одговорни, сепак поголемиот дел од граѓаните не биле инволвирани, ниту пак се запознаени со некоја конкретна социјална активност организирана од верските заедници.

Мнозинство од испитаниците би поддржале некоја од предложените социјално одговорни активности на верските заедници, од хуманитарни акции, па се до отворање на болници, или центри за лекување и духовна-психолошка поддршка. Процентот на поддршка за такви активности е над 70, а за некои и над 90%.

Кога станува збор за средната оценка на верските заедници во нивната улога во социјалниот аспект на животот на граѓаните, таа е 3,43.

И ова истражување го следи трендот на религиозноста на населението и покажува константа на висок процент на религиозно население во Република Северна Македонија.

Ова е прво вакво истражување, кое е дел од проектот за следење на перцепцијата на граѓаните за религиските аспекти на мулти-конфесионални општества како што е Република Северна Македонија.

Истражувањето е спроведено во октомври на репрезентативен примерок од 1109 испитаници. Маргиналната грешка е помеѓу +/-3.2% со 95% интервал на веродостојност.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *