Најважно од сѐ е дека, без „свадбената облека“ не може да се сочува црковното единство, затоа што, самата „свадбена облека“ е исткаена во подвигот за тоа единство, како и од одговорноста за тоа единство
Пишува: Митрополит Струмички Наум
„Царството небесно приличи на човек – цар, кој направи свадба за сина си… Кога влезе, пак, царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта. Па му рече: Пријателе, како влезе овде необлечен во свадбена руба? А тој молчеше…“
Знаеме, од учењето на Светите отци на Црквата дека „Царството небесно“ е благодатта на Светиот Дух Господ, која ја примаме на светото Крштение во нашето срце. Но, ретко размислуваме што сѐ во себе опфаќа таа благодат Божја и зошто е тоа битно за нашиот православен духовен живот; на пример, што точно, според црковното Предание, значи поимот „свадбена облека“?
Во самиот евангелски исечок ни е посочено она што е најбитно за нас – благодатта ја содржи во себе „свадбата на Синот“, т.е целиот Очев Домострој на нашето спасение во Црквата. Но, не само; благодатта ја содржи и целата свештена историја од создавањето на светот, па до неговиот крај и животот во Царството небесно – преку неа и во неа создадени, како и предвечниот живот на Света Троица – личните односи на Отецот и Синот и Светиот Дух, преку неа овозможени и за нас отворени.
Несоздадената благодат Божја ги содржи животот и личниот опит Божји, животот и опитот на секој човек, како и постоењето и животот на сѐ создадено. Благодатта содржи сѐ Божјо – причесно за нас, и сѐ човечко – на човекот кој возглавува сѐ создадено, затоа и на Синот Божји, Кој се воплоти и стана Човек; благодатта содржи сѐ Богочовечко. Божјата благодат содржи сѐ што ни е потребно за спасение – од што, најпотребно ни е чувството за лична вина за злото во светот, кое произлегува од нашата битијна поврзаност со и одговорност за сѐ создадено, како и личното покајание за тоа.
Господ преку благодатта што ја вложува во нас ни ја открива целата поврзаност на сите и на сѐ, така што, содржината на животот на нашето срце ја сочинува и Божјиот живот и животот на сите луѓе и на сѐ создадено – секој и сѐ живее во мене и преку мене, и јас живеам во и преку секого и сѐ. Без дарот на ова чувство на суштинска поврзаност со и одговорност за сите и за сѐ, нема православен духовен живот, нема покајание.
Сето ова ни е овозможено, во Светиот Дух, затоа што сме членови на Телото Христово – Црквата, чија глава е Христос. Затоа, нашиот живот е христоцентричен – Христос повторно го живее Својот живот во секого од нас, а ние го живееме Неговиот живот – секој на свој личен и неповторлив начин. Ако Богочовекот Христос ги зема гревовите на светот на Себе; ние, во Него, нема? И, само пред овие димензии, на животот во Христос, што ни се откриени, човек останува без зборови…
Кога веќе, според светото Евангелие Христово, Царството небесно и сите во него, како и сѐ нивно, се внатре во нас, тогаш и самите можеме да заклучиме колку се важни опитот и учењето на Светите отци исихасти – кои велат дека наша основна задача е да ја актуализираме, т.е. да ја активираме благодатта на Крштението внатре во нашето срце, а преку него и надвор од нас – во Литургијата на Црквата, во која самите себеси, еден со друг и целиот свој живот на Христос Бог му ги предаваме.
Мислам дека, полека ви станува јасно дека токму тоа активирање на Божјата благодат од нашето срце, која со својата сила го преобразува целото наше битие – и душа и тело, е токму таа „свадбена облека“ без која не можеме да учествуваме на „свадбата на Синот“. Оти, зошто Бог би ја вложувал Својата благодат во нас – преку Крштението, ако таа, со наше содејство, не треба да донесе некаков плод? Посебно што, истата таа благодат го содржи и целиот Божји Домострој на нашето спасение – во нас, и истата таа благодат ни овозможува учество во целиот Божји Домострој на нашето спасение и во нас и во Литургијата на Црквата.
Затоа, без да го очистиме срцето од страстите и без тоа да се отвори, а несоздадената благодат Божја да се пројави од него и да нѐ преобрази – и душата и телото а посебно умот, нам нема да ни биде дозволен суштински пристап до Божјиот Домострој на спасението – и во нас и во Литургијата на Црквата. Во таков случај ние сме лишени од внатрешното, царско и есхатолошко свештенство, кое е основа и за свештенството како света Тајна на Црквата, како дар да се возглавува Евхаристијата на Црквата – Литургиската заедница. Со други зборови, ако нашиот ум не може да излезе молитвено пред олтарот на нашето срце и таму да ги возглави сите кои се таму собрани, ние сме очигледно лишени од внатрешното, есхатолошко и царско свештенство, од „свадбената облека“.
Затоа и сум пишувал дека ние мора да растеме низ степените на духовниот развој: чистење на срцето од страстите, просветлување на умот и обожение на личноста, така што, на првиот степен од духовниот развој – ние црпиме благодат од светата Литургија; додека, на вториот степен – ние и Евхаристијата стануваме едно; за на крај, на третиот степен од духовниот развој – лично усвоената благодат Божја од нашето срце да се прелева во Литургијата и да го одржува служењето „за живот на светот“. На првиот степен осветуваме и биваме осветени; на вториот степен благословуваме и биваме благословени; а на третиот степен благодариме и биваме благодарени.
Јасно ни е сега дека „свадбената облека“ е активираната несоздадена благодат од нашето срце, т.е. активираното внатрешно, царско и есхатолошко свештенство без кое светот не би постоел; односно, силата која го задржува доаѓањето на антихристот во светот и остава уште надеж за оние што сакаат да се спасат. Со наједноставни зборови, „свадбената облека“ е дарот на умно-срдечната молитва, како и просветлувањето на умот – кое происходи од таквиот вид молитва.
Има уште многу, многу да се пишува за „свдбената облека“, но само ќе спомнам дека: таа го прави целиот свет свадбено место, т.е. храм, а секое место на кое извршуваме Божја волја, во слава на Бог – олтар. Таа не ослободува од обврските на времето и просторот и ни овозможува да бидеме присутни каде сакаме и кога сакаме. На облечениот во таа облека, преку неговиот просветлен ум, му се откриваат тајните на сѐ постоечко – доволно е само преобразената енергија на неговиот ум да ја насочи кон помислената тема; и не е тука битно дали се работи за минатото, сегашноста или иднината. „Свадбената облека“ нѐ ослободува од пасивната социопатија и нѐ внесува во тајната на сострадалната љубов. Таа облека е влез во есхатологијата, влез во природата на Црквата – влез во нејзиниот вечен соборен живот. Без неа, не може да постои ни вистинско, просветлено духовно раководство, ни правилно толкување на Каноните, ни автентично сведочење на Христос. Облечен во тварните одежди, човек си мисли дека он служи Литургија, а облечен во „свадбената облека“, човек освестува дека – само Му сослужува на Христос.
Најважно од сѐ е дека, без „свадбената облека“ не може да се сочува црковното единство, затоа што, самата „свадбена облека“ е исткаена во подвигот за тоа единство, како и од одговорноста за тоа единство – кое, како што видовме, секогаш почнува од воспоставеното единство со самиот себе, од единството на енергијата на нашиот ум со својата суштина во срцето – со Бог, од единството на умно-срдечната молитва и Литургијата на Црквата.
Без умно-срдечната молитва – лична и литургиска, сѐ друго се сведува на безлично, неевхаристиско молчење… кое не знае – ниту да се смири, ниту прости да каже, а камоли да заблагодари за сѐ; иако Божјата рака му е пружена за спас на човекот и во последниот момент и без „свадбена облека“ – бивајќи ословен со: „пријателе…“

