Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја осуди Турција за грубо нарушување на слободата на религијата и совеста, како и на правото на здружување, по жалбите на двајца духовници од Вселенската патријаршија, на кои турските власти им забранувале да бидат избирани во управните органи на грчко-православните вакуфи. Станува збор за историска одлука, пишува грчкото издание „ТО ВИМА“.
„Борбата траеше цели 15 години во рамките на Турција и пред Европскиот суд, но на крајот правдата победи“, изјавува правниот советник на Вселенската патријаршија Парис Асанакис, кој го водеше случајот пред Европскиот суд заедно со адвокатот од Стразбур Стефанос Ставру, додека во Турција постапката ја започнале Хулија Бенлисјоју, Атила Лок и Петрос Карас.
Одлуката е историска, од една страна затоа што го побива повеќе од вековното сфаќање, поддржувано и применувано од Генералната дирекција на вакуфите, според кое Лозанскиот договор и неговите прилози наводно им забранувале на претставниците на грчко-православното свештенство да извршуваат административни функции во заедничките вакуфи.
Освен очигледното нарушување на членовите 9 и 11 од Конвенцијата, Судот пресуди дека оваа позиција на турската администрација не се темели на никаква законска одредба, указ, циркулар или друг нормативен акт, ниту пак била прифатена од кој било турски суд што го разгледувал спорот.
Од друга страна, ова е првата одлука на Судот во Стразбур што утврдува повреда на членот 9, кој се однесува на слободата на мислата, совеста и религијата, од страна на турската влада против членови на грчко-православната заедница. Во светлина на ова прекршување, Судот разгледа и утврди и повреда на членот 11 (правото на здружување).
Во суштина, Судот го прифати аргументот на жалителите дека правото на здружување – основен столб на едно демократско општество, особено кога станува збор за организации што се стремат кон зачувување на културното, религиозното или малцинското наследство – игра исклучително важна улога за грчко-православната заедница во Турција. Од животно значење е сите членови на оваа постојано намалувачка заедница да можат да бидат избирани во управувањето со добротворните, а особено со црковните институции.“
Што претставуваат вакуфите?
Тоа се општествени и добротворни фондации. Терминот и нивната функција потекнуваат од исламската традиција. Тие се самоуправни институции што управуваат со храмови, џамии, училишта, образовни установи и болници.
За време на преговорите за потпишувањето на Лозанскиот договор, турската делегација инсистирала Вселенската патријаршија да биде протерана од турска територија. Таа, сепак, останала благодарение на цврстата реакција на Велика Британија. Во самиот Лозански договор на крајот има упатувања единствено кон вакуфите, и тоа конкретно во членовите 42 и 43.
Во 2008 година, по специјален договор меѓу тогашните министри за надворешни работи Дора Бакојани и Абдулах Ѓул, Турција донесе закон што предвидуваше одржување избори за раководствата на немуслиманските вакуфи. Сепак, турската администрација продолжи со практиката да не им дозволува на духовниците од Вселенската патријаршија да имаат право да бидат избирани. Беше дозволено само избирање на мирјани од грчко-православната заедница, чиј број постојано се намалува.
Во одлуката судиите истакнуваат дека „Здруженијата создадени особено за заштита на културното или духовното наследство, за остварување социјални или економски цели, за исповедање или предавање религија, или за афирмирање на етнички или малцински идентитет, играат суштинска улога за функционирањето на едно демократско општество.“
Освен тоа, се наведува дека плурализмот се гради врз вистинско признавање и почитување на културната, етничката и религиската разновидност и дека хармоничната интеракција меѓу луѓе и групи со различен идентитет е од суштинско значење за општественото единство.
/hristianstvo.bg
