Македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски – Цветин, по повод роденденот на Мајка Тереза, го подари писмото што пред 42 години го добил од оваа светска хуманистка на пет македонски дејци и институции со намера да продолжат со ширење на пораката за мир, хуманост, добредетелство. Шаховскиот мајстор Димитар Илиевски, поетесата Серафина Фантаузо, поранешниот директор на спомен куќата „Мајка Тереза“ Насер Цури, поетесата Цветанка Невчева и институцијата Град Скопје (писмото го подигна Даме Димитровски, претседател на Советот на Градот), го добија ова писмо од Цветин.
Исто така, симболично, вчера сликата „35 метри Цвеќе на мирот“, по повод независноста на Македонија и роденденот на светската хуманистка, го обиколи и Домот на Мајка Тереза во Скопје. На настанот учествуваа многу познати личности, меѓу кои естрадниот уметник Серафина Фантаузо, поетите Горан Анчевски, Анита Бошковка, Цветанка Невчева, Миле Поречанец, Моне Златев и други, пратеникот Сергеј Попов и д-р Спасе Јанев, директор на здравствениот дом „Железничар“, музичката ѕвезда Вики Среброва, новинарот Валентина Ѓоргиевска Парго, дипломатот од кариера Врска Сотировска и професор и музички педагог Илинче Митова.
„Со 18 метри, колку што години Мајка Тереза живееше во Скопје, го обиколивме нејзиниот дом во Скопје. Овие пет лица ќе продолжат да ја шират пораката што Мајка Тереза ја упати кон мене за мир, благосостојба, хуманост“, вели Цветин.
Цветин, по повод 35 години независност на Македонија, ја промовираше и веќе издадената поштенска марка „Република Македонија – цвеќе на мирот“, донесена од македонското Собрание, на предлог на Црвениот крст на Македонија.

