Почетна Коментар СПЦ на македонските избори
СПЦ на македонските избори

СПЦ на македонските избори

278
0

Пред две години скандалозно прозвучи јавната изјава на српскиот патријарх Иринеј со која во име на СПЦ го поддржа претседателот на Република Српска, Милорад Додик, и неговите соработници на изборите во таа земја. „Тие потврдија дека се достојни на таа позиција и научија како да се одбранат од силата, од сите искушенија во времето во кое живееме“, изјави патријарх на осветувањето на еден споменик во Бања Лука што, инаку, беше темпирано спроти тогашните избори. Јасно, освен тамошната опозиција, на вакво скандалозно ставање на еден црковен достоинственик на страна на само една политичка партија немаше многу реакции. Во исто време, тамошниот католички кардинал Винко Пуљиќ и исламски поглавар реис-ул-улема Хусеин Kавазовиќ постапија сосема спротивно, сосема во духот на своите учења – не поддржаа ниту еден кандидат или партија директно, не им сугерираа на граѓаните за кого да гласаат, туку само ги повикаа што помасовно да излезат на изборите. Следните избори во Република Српска, сигурно, пак ќе треба да покажат која партија и кој кандидат ја поддржува влијателната СПЦ во таа земја. А каква ситуација ќе произлезе од тоа ако се укаже потребата патријархот да поддржи некој друг кандидат наместо Додик не е тешко да се претпостави.

Христијанското учење, но и учењата на другите религии во самите свои основи мошне добро се определиле во односот кон различните луѓе, групи, народи… За нив постојат само луѓе што треба да станат подобри со тоа што ќе ги прифатат и практикуваат таквото религиско учење. Значи, нема разлики по тоа кој од која нација е, кој каква боја на кожа има, кој во каква социјална положба се наоѓа. Сходно на тоа, во денешно време во кое политичките партии се главни групации кои со свои политички битки ја бараат и добиваат довербата на граѓаните за да го водат едно општество, верските заедници таков неутрален и непристрасен однос треба да имаат и кон нив. Во смисла на воздржување од јавните поддршки со оглед дека тоа може да влијае врз волјата на гласачите, но што е и попоразително, може да предизвика одбојност и оддалечување на верници кои се симпатизери на спротивната политичка опција од онаа на патријархот од црквата што ја претставува. Навистина, дали еден убеден граѓанин конзервативец, либерал, демохристијанин, социјалдемократ, радикал… ќе има причина да остане во својата дотогашна верска заедница доколку нејзиниот поглавар поддржува спротивен политички табор. Не случајно, во одредени општества воведуваат и стриктни законски забрани за политичко дејствување и агитација на верските службеници.

Слично на својот патријарх, сега и српскиот црковен експонент во Македонија, Јован Вранишкоски во велигденското послание отворено ги поддржа опозициските протести со главна порака дека тие на крајот, по изборната победа, треба да завршат со „превреднување на вредностите од комунизмот“. Знаејќи дека тој и неговите приврзаници за главната „вредност“ од комунизмот во Македонија го сметаат создавањето Македонска православна црква, не е тешко да се претпостави која е заднината на пораката. Таа е во стремежот актуелната опозиција, кога ќе дојде на власт, да изврши политичко влијание врз достоинствениците на МПЦ-ОА за да се откажат од прогласената автокефалност и да ја прифатат автономната положба во рамките на СПЦ. Дека се надева на таквото влијание не го криел ни во интервјуата што ги давал и каде што зборува дека е важно како политичките фактори ќе се постават во овој дијалог и дека „ако политиката малку попушти“ ќе се дојде до решението. Значи, политиката, која, според Вранишкоски, своевремено ја создала МПЦ-ОА и што не било канонски, сега треба да одигра улога и да ја врати македонската црква во автономна положба за да се биде „канонски“. Тоа што црквите и државите во Србија и во Македонија се одвоени од државата, што треба да се дистанцирани од политичките партии, што верските заедници треба да се имуни на сите надворешни влијанија, за него не е важно. Битна е целта и во чие име сега и тој, како и неговиот патријарх, директно се замешува во внатрешните политички случувања во една земја и се става само на една страна.

Очигледно, празничното обраќање е една најава дека тој и неговата СПЦ нема да стојат по страна од македонските избори и дека ова нема да биде последна порака која ќе се упатува и ќе се долева во жешката политичка атмосфера во земјава. Можен почеток на меѓуцрковните преговори за налето ќе биде добра прилика за тоа српските достоинственици да испратат пораки за тоа кого ќе поддржуваат на македонските избори. Се разбира, веројатно нема да изостане ниту соопштувањето на цената на „противуслугата“ што за тоа новата власт би требало да ја испорача.

BrankoТака, со вакви и зачестени пораки за тоа дека сега е вистинско време да се решава и името на државата, се комплетира шемата и агендата по која би требало да работи и постапува оној за кого овие кругови посакуваат да дојде на власт во државата. А тој и тие за вакви јавни пораки молчат…

Пишува: Бранко Ѓоргевски (ДНЕВНИК)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *