Почетна Проповеди Снисходливоста е Христовиот начин на дејствување
Снисходливоста е Христовиот начин на дејствување

Снисходливоста е Христовиот начин на дејствување

217
0

Слово на Старецот, Архимандрит Партениј, изговорено на Вечерната, на споменот на Светиот Партениј Лампсакиски

Навистина сум многу трогнат и не знам со кои зборови да ви се обратам. Од длабочините на срцето ви благодарам за преголемата љубов, којашто од сите вас ја чувствувам. А пак, самиот јас се гледам себеси крајно недостоен за неа, се доживувам како несправедливиот настојник опишан во Светото Евангелие, од устата на нашиот Спасител Христос.

Пред Бога немам со што да се претставам и оправдам. Ревноста ми е слаба, а љубовта со голем недостиг. Но и покрај тоа, се трудам колку-толку, сето духовно благо што Бог така штедро ми го дарува, да го раздавам на сите, да го споделувам со секого што ќе побара или има потреба. Уште од првиот миг кога добриот наш Господ ми го довери мене, недостојниот, овој Манастир како живеалиште, се трудев, со помош на Неговата благодат, да го направам дом на секого. Сите да се чувствуваат во него како деца на нашиот преблаг Отец небесен. И времето покажа дека многумина коишто биле примени во овој манастир како во домот на нашиот Татко, се промениле, прифатиле живот на покајание и станале добри Христијани. Ова ми дава надеж за моето спасение, но и поттик да се борам и понатаму, да се поправам, заради вашата љубов и жртва, поткрепуван од вашите молитви. Од сите вас смирено барам прошка за моите слабости, страсти и падови. Ако некого од вас сум повредил, сакам да ми простите и да се молите за мене, недостојниот.

Носејќи се со призивот да бидам прв меѓу монистите, нивен игумен – самиот збор игумен тоа и значи, водач – сфаќам колку е тежок крстот на човек што носи одговорност за душите на децата Божји, на оние кои се толку возљубени од Христа и скапо платени со Неговата Божествена крв. Да ти бидат доверени тебе, за да ги упатуваш кон Него и да ги водиш кон Царството Негово! Навистина неизмерна, страшна одговорност. Затоа, длабоко ве замолувам постојано да ме спомнувате во вашите молитви.

На моите возљубени браќа монаси и сестри монахињи, им благодарам што се сетија да ми го подарат вечерва овој прекрасно насликан портрет од човекот којшто најмногу Го врежа Христос во моето срце, преку неговото живо сведоштвото за љубовта Божја. Човекот Кој на дело ми посведочи дека во Христа, како што вели Апостолот Павле, нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски (Гал. 3,28).

Се погоди за Света Гора да заминам токму во периодот кога нашата држава се осамостојуваше и – постарите сигурно се сеќаваат – политичката ситуација беше толку тешка и неизвесна, така што не се знаеше ни дали ќе опстоиме, дали ќе има војна итн. Особено беа комплицирани односите со грчката држава. Деновиве ми надојдоа сеќавања од тоа време, па на некои браќа им раскажував како, на шестиот месец од мојот престој таму, ние што бевме одовде се соочивме со навистина сериозни проблеми од страна на световната грчка власт на Света Гора. Во текот на тие денови Старецот не беше во Манастирот, беше на некое патување во Атина. Нѐ повикаа, значи, на разговор на кој требаше да се изјасниме што сме по националност. Отец Георгиј, познат по своето широко срце и духовна благородност, нѐ нарекуваше Славомакедонци – име што тогаш воопшто не беше прифатливо за поширокиот грчки свет. Па така, јас кажав дека сум Славомакедонец. Меѓутоа, мојот одговор не им се допадна многу. Тогаш еден од старците што беа околу рече дека можеме да избереме било кој од околните соседни народи, а со оглед на тоа што ние до пред скоро бевме дел од Југославија, како и поради пријателството на Грција со Србија, најприкладно би било да се изјаснам како Србин. Тогаш јас одлучно одговорив: „Во никој случај не би го направил тоа, бидејќи сметам дека не мора да бидам Србин за да бидам православен“. Увидоа дека постои проблем, па се обидоа некако да го добијат Старецот. Во тоа време не беше лесно да се стапи во контакт со човек оддалеку, како сега преку мобилните телефони, но сепак, по подолго настојување, успеаја да се поврзат со него во Атина и да го прашаат што понатаму. Тој им одговорил: „Оставете ги да се изјаснат онака како што самите се чувствуваат. А со световните власти јас ќе уредам сѐ што треба“. Подоцна старците раскажуваа дека отец Георгиј им се јавил на луѓето од власта и им рекол: „Доколку продолжиме на овој начин да постапуваме со нашите православни браќа ќе бидеме од Бога казнети, ќе ни биде одземен благословот. Господ на нас, Грците, ни го дал благословот да го сочуваме православното наследство и преданието, во време кога сите останати православни народи и држави западнаа во комунизам. Да знаете, голем благослов е тоа. И ете, сега Бог ни ги испратил овие луѓе да им го предадеме преданието за да го вратат во својата земја. Кои сме ние да го спречиме Божјото провидение?“.

Господ отсекогаш си избирал свети мажи коишто достојно ја испраќале пораката на Евангелието. Таков маж несомнено беше и секогаш споменуваниот Старец Георгиј Капсанис, многу сличен во духот на великиот Фотиј, светиот Вселенски Патријарх, кој со широка евангелска совест ги испратил Светите Браќа Кирил и Методиј помеѓу нашите предци, за да го возвестуваат Благовестието Христово. Просветителската благодат Божја отсекогаш моќно дејствувала во Црквата, а дејствува и денес. И во најново време Господ Промислителот си избира просветлени личности на раководни места во Црквата, коишто ја сфаќаат својата одговорност и се трудат да дејствуваат како нивните славни претходници, за остварување на Божјиот домострој за спасението на сите луѓе. Во наши дни гледаме како првопрестолниот Вселенски Патријарх е цврсто решен да воспостави правилен поредок во Православието, основан на светите канони и обичајното право, и да ги исцели раните од поделбите во единственото тело Христово. Да се молиме Бог и нему и на сите други претстојатели на помесните Цркви да им дава сили и просветление да постапуваат според Христовата икономија и снисходливост. Јас како духовник, макар и најпоследен, секогаш гледам да постапувам со снисходливост кон секого што ќе посака да ги отвори своите внатрешни рани пред мене. Кога ќе видам дека постои барем и најмало чувство на покајание кај тој што се исповеда, не му наметнувам веднаш некои строги правила, затоа што знам дека тежината на правилата само дополнително ќе ја обремени неговата, и онака повредена душа, па може да се случи повеќе никогаш да не посака да дојде в Црква. Затоа се трудам да постапувам според благословената духовничка икономија, како што нѐ научиле отците на Црквата. Не можеме уште на првата исповед да бараме од луѓето некаква формална акривија, да им ја наметнуваме строгоста на правилата. Имајќи го предвид фактот колку тешко се отвораат раните при првата исповед, доволно е и самото тоа што човек се одлучил да се исповеда, па затоа и треба да се прими неговото какво-такво почетничко покајание, да се утеши и упати. Во овие случаи јас постапувам снисходливо, ќе го сослушам што сака и може да ми каже, ќе го поучам за покајанието, а потоа и ќе му прочитам молитва. И така, веќе по втората, третата, четвртата исповед, ги гледаме посакуваните резултати.

Го зборувам ова главно затоа што слушам како денес некои архиереи постојано зборуваат за некакво големо, апстрактно покајание што требало да го покажат оние кои во повеќето случаеви, не по своја вина, се наоѓаат во схизма. Меѓутоа, историјата на Црквата ни покажува нешто сосема друго – ни покажува, имено, дека светите мажи со голема љубов и снисходливост ги прифаќале оние што ќе посакале да се вратат во Црквата, од која биле излезени поради какви-годе причини. Впрочем, таквите свети луѓе за свој прототип Го имале Самиот Христос, Кој не побарал од Закхеј некакво „правно“ покајание, туку само ја видел неговата желба, го повикал и отишол во неговиот дом. Сличен пример во Евангелието гледаме и со жената блудница, која била прифатена од Христа поради нејзината љубов и желба; потоа, со блудниот син, кој од милостивиот татко бил пресретнат уште далеку пред да стигне до татковиот дом, итн.

Особено ве замолувам да се молите што побрзо да стивнат соблазните и поделбите во Црквата за кои секојдневно сме сведоци, та сите во Црквата да бидеме едно. Зашто Христова волја е сите да бидеме едно во Бог Света Троица: да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно (Јован 17,21). А ќе бидеме едно само и единствено преку Неговата љубов. Најголемото сведоштво дека сме Христијани е љубовта: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако љубов имате меѓу себе (Јован 13,35). И ова наше денешно собрание е запечатено токму со љубовта Христова. Кога не би била таа, сигурно и ние денес не би биле вака собрани, еднодушни како едно семејство, да си бидеме радост едни на други. Овој наш собир претставува взаемна радост, зашто средбата со саканиот е најубавото нешто. Вечерва, после подолго време видов многу мои духовни чеда. Кога ќе ги здогледав уште оддалеку, ќе ги раширев моите раце, ќе ги прегрнев, зашто бев многу радосен поради тоа што вистински ги сакам. Ова не се празни зборови, туку произлегуваат од внатрешниот извор на срцето.

Накрај, би сакал уште еднаш да ве замолам да се молите за мене, бидејќи јас навистина се потпирам на вашите молитви. Како што Господ го помилува несправедливиот настојник, така се надевам дека и мене заради нив ќе ме помилува и ќе ми даде сили да бидам подобар духовник и пастир.

Да сте живи и здрави и од Бога благословени! Ви благодарам на љубовта и на вашето внимание. Молитвите на Свети Партениј Лампсакиски нека бидат со сите нас!

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *