Почетна Коментар Што потоа?
Што потоа?

Што потоа?

584
1

Прочитав некаде дека ниедно чувство не ги прави луѓето помалку наклонети кон кршење на законите од стравот. Оттука, си поставувам прашање… Ако стравот ни помага да се одржиме во живот, зарем е живот тоа, нон – стоп во страв да се живее?

Беше недела. Пролетен ден. Почеток на мај. Навидум обичен ден. Децата си играа низ улиците додека ги повикаат на неделно капење за да се подготвени за понеделникот за одење на школо.

Жените пуштаа машина за перење на евтина струја. Допивајќи го пивото, мажите после неделниот ручек го гледаа неделното дерби помеѓу Хајдук и Црвена звезда. Одеднаш прекинува програмата и еден сериозен чичко со темни очила ја соопшти тажната вест дека Другарот Тито починал во љубљанската болница. Се вгнезди во тој момент тага и болка во милиони југословенски срца.

Фудбалерите испопаѓаа по теренот како покосени, покривајќи ги своите расплакани лица. Се огласија градските сирени. Се изгасија, и за момент застанаа со работа сите машини во производството. Не дека не се очекуваше оваа смрт, полека сите одбројуваа, а сепак таква траорна атмосфера одеднаш. Веселите неделни емисии и цртаниот филм беа заменети со сериозна музика и документарци кои го величаа ликот и делото на големиот Маршал. Плоштадите по големите градови спонтано се полнеа со расплакан народ. Од деца до пензионери, воени ветерани со медали на реверите, обични селани кои ја оставиле работата во полето.

Во наредните денови се редеа странски делегации, домашни политичари, работници, ученици, сите да му одадат почит на Маршалот. Иста слика кога пред неколку години видовме на ТВ многу расплакани и безнадежни лица во Северна Кореја кога почина Милиот им Лидер.

Полни плоштади, луѓе на колена облеани во солзи…

Толку ли ни беше близок до срцата Стариот? Толку ли нė болеше неговата смрт? Толку ли беше сакан Корејанецот од својот народ, та толку солзи, толку лелек и болка? А и по Кастро се плачеше деновиве.

Плачевме за нив, или плачевме врз нашата неизвесност, неизвесноста на востановениот систем, недовербата во наследникот? Ќе има ли тој после него капацитет да не води? Ќе не обединува или ќе не дели? Ќе ја сочува ли земјата?

Ќе дава ли субвенции на земјоделците? Ќе намалува или ќе заменува администрација? Ќе им укажува ли чест на пензионерите? Ќе успеат ли оние кои се офајдиле во негово време да останат неоткриени и неказнети?

Ќе има ли за плати? Ќе се штеди ли? А кој ќе ги враќа кредитите, ние или нашите внуци? Подобро внуците. Нас вака ни е подобро.

Кај нас веќе не се плаче. Се протестира. Се собира народ. Многумина велат за сендвич. Верувам дека не е за сендвич, туку од истиот оној погоре споменат страв од неизвесноста. Што ако се смени власта? Што со сите оние кои трчале и владееле до сега?

Ќе добиваме субвенции?

Ќе се возиме ли бесплатно?

Ќе останеме ли на работа?

Ќе не делат ли?

Ќе учиме ли албански?

Сиве овие прашања кои мачат совест се поголем мотив за протест отколку сендвич на ладното време. Разберете ги оние кои дошле да протестираат и мрзнат кога не се доволно речити да објаснат зошто се тука.

Да не испадне дека само едниве се желни за власт. Другиве после избориве личат на деца што поминуваат низ тунел, па од страв пеат ли пеат низ него. “Готови сте” и “Шутка не ви бега” ечи по штабови, па штабовите личат на автобус за екскурзија полн со деца кој ја минува Демиркаписката клисура. Што ако не победат и овој пат? Нели од стравот од неизвеснота и кај нив ќе се појават прашања од типот:

Кога ќе дојде нашето време?

Ќе ни се осветуваат ли што отворено зазедовме страна?

Ќе има ли живот и леб за нас?

pimennnНит едните ја знаат причината, а нит другите одговорот и обратно. И едните и другите го чувствуваат само стравот од неизвесноста. За загрижените политичари веќе се знае зошто се на бината и држат говори. Нив не ги мачат многу прашања. Нив ги мачи само губењето на привилегиите или стравот од одмазда.

А нас, гледајќи го сиот овој циркуз деновиве нė мачи една голема балканска дилема: дали е потешко да не освоиш власт или да ја предадеш?

Пишува: Отец Пимен за OFF.NET.MK

Коментар(1)

  1. Imase edno vreme eden pop vo grad Stip,imeto ne e vazno,coveko bese sklon da ispie casa alkohol poveke,sedese vo kafeani i imase sto bi rekle mojte Stipjani SAROSKI ZIVOT,svestenickata misija ja vrsese polupijan e ama taj pop ne mozese da me pokoleba mene a i poveketo od mojte sogragani da se otkazeme u verbata vo Bog i nasta Makedonska Crkva,ovoa go pisuvam kako impresija od teksto napisan pogore od nekoj si “svestenik”.MAKEDONSKATA PRAVOSLAVNA CRKVA I MAKEDONSKIO NAROD se pogolemi vo duhovna smisla od sekoj poedinec,materijalnoto bogatstvo i crnata mantija ne mozat da napravat nekoj obicen covek da bide duhovno golem pa makar se on narekuval i PIMEN PIMEN (dvapati)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *