Романската црква за една година ивестирала 73 милиони евра во социјални активности – во МПЦ-ОА таков податок нема

Date:

Share post:

Романската православна црква објави дека е еден од најзначајните социјални добротвори во Романија, споделувајќи податоци дека само во 2024 година Црквата инвестирала близу 73 милиони евра во социјални и добротворни дејности, поддржувајќи 867 социјални институции и услуги, од кои директно корист имаа над 363.000 лица преку различни програми за материјална и хуманитарна помош. Овие филантропски придонеси не ги вклучуваат бројните активности што ги спроведуваат парохиите и манастирите на локално ниво во поддршка на ранливи лица – како што се обезбедување храна, облека, помош за сиромашни семејства, стари лица, болни или лица со попреченост.

Овие податоци Патријаршијата ги објави како одговор на медиумски критики дека не плаќа соодветен данок кон државата. Таа појаснува дека како и секој друг во Романија признаен верски култ, плаќа даноци согласно важечкото законодавство, вклучително и данок на објекти и земјишта што се користат за стопанска дејност, данок на приходи од плати и други доспеани давачки, во согласност со Даночниот законик и правилата што важат за верските култови.

Критиките во романската јавност беа во насока и на изградбата на големата катедрала, дека има привилегирана положба и дека не плаќа даноци, додека во исто време користи значителна државна помош што доаѓа од даночните обврзници.

-Во однос на Националната катедрала – од почетокот на нејзината изградба до денес се платени сите даноци и фискални придонеси поврзани со исплатата на трудот на работниците на градилиштето на катедралниот комплекс, како и соодветните стапки на ДДВ за користените градежни материјали – средства што преку вообичаениот фискален механизам се враќаат во романската држава. Ослободувањето од даночно оданочување на објекти кои по својата намена претставуваат храмови и припаѓаат на официјално признаени верски култови е предвидено со закон и постои во повеќето демократски држави, со цел да се олеснат општествено корисните услуги што Црквата ѝ ги обезбедува на заедницата, стои во соопштението на Романската црква.

Таа поијаснува дека преку мрежата за социјално-филантропска помош, раководена од здружението „Филантропија“ – невладината организација на Романската патријаршија, се реализираат проекти за поддршка на стари лица, бездомници, семејства во тешка состојба, мајчино-семејни центри, социјални кујни, услуги за палијативна грижа и социјална реинтеграција, како и специјални програми за лица со сложени социјални потреби.

-Следствено, Романската православна црква плаќа даноци и такси, како и секој друг признаен верски култ во Романија, а истовремено останува и најголемиот филантроп во романското општество преку годишно реализираните социјално-филантропски програми и преку средствата што директно се инвестираат од доброволните прилози на верниците и од фондовите наменети за социјално служење. Оваа социјално-филантропска дејност би била реално и негативно погодена доколку дојде до зголемување или воведување дополнителни даноци и такси, при што директно би биле засегнати крајните корисници на програмите за социјална помош, објаснува во соопштение Романската православна црква.

И во македонската јавност постојано има прашања за финансиското работење на МПЦ-ОА, нејзината улога во социјалниот живот на општеството, но Црквата досега нема јавно објавено никаков податок, ниту со колку средства располага, ниту колку средства инвестирала во социјалната сфера на општеството. Напротив, во медиумите честопати имаше информации дека МПЦ-ОА не поднесува ниту завршни сметки, за кои е обврзана.

1 COMMENT

  1. Видете, Македонската Православна Црква не е Министерство за социјална политика и не треба да биде. Ако настојувате дека живееме во секуларно оштество и дека мисијата на Црквата има јасно ограничено поле на дејствување, држете се за тоа во секој поглед. Не знам како е во Романија, но кај нас Црквата нема право да основа на пр. болница, сиропиталиште или други училишта освен богословски и сл., нема ни законски можности да биде значаен амортизер во социјалните нееднаквости на начинот на кој се обидувате да ја прозивате. (Таа сепак има некакви народни кујни и неколку други форми на помош за ништите.)
    Не случајно се така поставени работите. Секој народ е различен, и сечие наследство е различно и потребите на секое општество се поинакви. Има и Македонската Православна Црква дарови и плодови коишто Романската ги нема, кои можеби не се толку лесно видливи како што е мисијата меѓу сиромашните, а според најтенкосетните христијански критериуми се многу поскапоцени, но како и да е глупаво е да се бара и да се очекува дека тие треба да се изедначат во даровите и во плодовите. Бог е безграничнен и Неговите ризници се разновидни, им дава на сите според потребите за нивното исцелување и духовно растење.
    Факт е дека улогата на Црквата во овој свет е пред и над се’ во живеењето на Христовото сведоштво, во постојаното овозможување на човековото учество во Домостројот на спасението, во создавањето и надградувањето на условите за човековиот духовен развој во Нејзините храмови, манастири и други духовни работилници. Грижата за сиромашните е само еден сегмент од Нејзиното сведоштво во светот, кој не е и најсуштествениот. Рекол Христос дека кој ќе нахрани, напои и облече еден од Неговите најмали браќа Него Го нахранил, напоил и облекол, ја кажал параболата за добриот Самарјанин, но рекол и дека сиромасите секогаш ќе ги имаме со нас, но Него не. Всушност Јуда Искариот исто така постојано ги ставал сиромасите пред Христос, кое на крајот и го довело до ужасен духовен пад. Значи, длабоко битно прашање за номиналните христијани не е каде или како Црквата (клирот) ги троши парите коишто тие ги приложуваат во Неа, туку како самите пасивни христијани да Го оприсутнат и задржат Христос во својот личен живот што е само добро прашање колку Таа, Црквата им го овозможува тоа (во Македонската Православна Црква им е секако возможно, на различни места со различен квалитет, но даденоста е наполно соодветна на потребите).
    Ако ја притискаме Црквата да се претвори во некакво алтернативно Министерство за социјална политика во ситуација кога граѓанското општество нема високо развиена социјална политика (не од недостаток на адекватен буџет, туку од недостаток на добра волја да постави реални услови за социјална правда и заради безидејниот пристап кон ранливите категории од кои половина дури не е во состојба ни да ги препознае а камоли да им создаде услови за надминување на состојбата на социјална беспомошност или зависност) тогаш можеби и ќе добиеме помотивирано Министерство за социјална политика, но и видоизменета Црква, Која го напуштила или закинала од Својот примарен подвиг и се насочила од аскетско-исихастички, благодатно-мистичен, во надворешен делокруг, а таа разводенета популистичка форма на христијанство на крајот би водела и кон многу поблуткави плодови (кои всушност можеме да ги сретнеме како рецидиви во Римокатоличката црква).
    Ако граѓаните ја користат Црквата во Нејзината примарна дејност (како жив духовен огранизам возглавен од Богочовекот Исус Христос, организам во кој живеат силата, Духот и Умот Божји, способен да им помогне да се избават од демонските влијанија во овој свет, во нивниот личен живот, да ги преобразат нивните погубни страсти и да ги надминат нивните духовни слабости, тогаш и социјалната неправда ќе биде минимизирана, бидејќи ќе живеат според совеста, според заповедите Божји, според Евангелието). И тука треба да биде фокусот на јавноста, не во некакви милиони од кои ни се крева косата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img