Секој празник на Црквата, не е само просто сеќавање на нешто што некогаш се случило, туку реално и лично учество во чествуваниот настан. Токму ова ни го овозможува благодатта на Светиот Дух Господ во литургиските време и простор на Црквата. Од нас се бара само еден минимален услов – единство во верата и заедница на Светиот Дух. Значи, нашето единство е услов за учество. Самото единство е учество: „Спомнувајќи си ја Пресветата, Пречиста, Преблагословена, Славна Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија, со сите светии, самите себеси, еден со друг и сиот наш живот на Христос Бог да го предадеме.“ Совршено учество би била меѓусебната љубов.
Пишува: Митрополит Струмички Наум
И замислете сега, сите ние – православни христијани од т.н. Балкан и пошироко, пристапуваме кон одарот на Пресвета Богородица, Мајката на сите нас – симболот на нашето единство, да Ѝ побараме прошка и да земеме благослов од Неа, а ние самите сме раскарани меѓусебно – па дури се наоѓаме и во разни видови на војна; и тоа за, од чисто христијански и теолошки аспект, небитни прашања. (Го давам примерот на ереста – етнофилетизам, како прв забележан и јавно осуден од Црквата, иако неговите корени се индивидуални – се наоѓаат во растројството на личноста, и можат јасно да се забележат при конфликтите во рамките на исто семејство, ист народ, во иста држава и со иста вера).
Од пастирски аспект, тие прашања стануваат многу битни, заради трикратниот пад на христијаните: поистоветување со државата, со нацијата и со партијата; што не значи дека не можат и да се решат.
Но, кога и црковниот пастир и неговата паства на овие социјални феномени им даваат предимство пред Бог и единството на Црквата, т.е. кога се поистоветуваат со нив и од нив прават идол – заради своето самољубие и сигурност во овоземното, во таков случај, тие се исклучуваат самите себеси од животворната заедница со Бог и проблемите поврзани со овие феномени многу тешко ги решаваат; и најжално, сето она со кое што се поистоветени, го предавааат на демоните, т.е. на пропаѓање, смрт и распад. Самите сме сведоци на регресот што се случува околу нас.
Затоа, нема и не може да има победник во нашите меѓусебни војни, освен ѓаволот. Сите ние ќе изгубиме, ќе пропаднеме, бидејќи исклучени од несоздадената енергија и благодат Божја, се исклучуваме и од секаква Божја помош, како и надеж за опстанок – таков е духовниот закон. Ние сите бараме само човечка правда, а ја заборавивме Божјата, т.е Богочовечката правда, што во нашиов случај значи, подвиг и грижа, пред сѐ, за спасение на сите православни, па и на сите луѓе.
Најубав пример за овој подвиг ни даде светиот Апостол Павле кој вели: „На сите им станав сѐ, само некого да придобијам за Христос“. Секој нека си го разработи во себе – што би значело, на пример, ова на идентитетски план – во најекстремен за нас случај; иако овде се работи за прилагодување на секој план – освен гревот; се работи за љубовно поистоветување, а не за губење на својот идентитет.
Значи, Апостолот Павле, не само што го прифаќа секој еден – така како што тој самиот себеси си се доживува, туку и станува истото што и другиот, та другиот чувствувајќи го како потполно свој, да може со доверба да ја прифати неговата проповед за Богочовекот Христос. Неговата христоликост, му овозможува потполно да го возљуби и сфати својот брат, како и да изнајде пастирски пристап и решение за неговиот проблем, прифатлив и за братот. Оваа способност ја имаат само пастири со христијански идентитет – оние на кои Бог им е пред сѐ.
Евангелскиот пример што Апостолот ни го дава е сосема спротивен на лудилото што денес очигледно владее во православниот свет.
Само христијанскиот идентитет ни овозможува да го спроведеме во дело пастирскиот идеал на светиот Апостол Павле. Пастир со христијански идентитет не може да биде корумпиран, не може да биде предавник на својата пастирска должност. Таквиот е сигурен заштитник и на овоземниот идентитет на својата паства. Додека оној што се поистоветил со овоземниот идентитет и го предал Бог од самољубие, таквиот може сѐ да предаде, прашање е само – дали има „доволна мотивација“ тоа да го направи предвреме, инаку – штетата од предавството на поистоветувањето е сигурна.
И, на крај, кога знаеме каква е првосвештеничката Христова молитва за нас: „Да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил“, а ние тоа не сакаме да го оствариме, тогаш, се поставува прашањето: дали ние, воопшто, имаме денес својство, образ и легитимитет – како деца на Богородица да застанеме пред нејзиниот одар, а камоли и благодат – да учествуваме во нејзиното Воскресение?
Пресвета Богородице, спаси нас!

