Повик за национален ден на молитва и покајание: „Нашата земја е во опасност“

Date:

Share post:

Американскиот проповедник Френклин Греам ги повика граѓаните на САД да се приклучат во иницијативата „време на молитва и покајание“, предупредувајќи дека земјата се наоѓа во сериозна криза поради растечките тензии, насилството и длабоката општествена поделба.

Во објава на социјалните мрежи, Греам најави дека во среда, точно напладне по источноамериканско време, ќе се одржи заедничка молитва, оценувајќи дека состојбата во државата дополнително ќе се влоши доколку не дојде до духовно преиспитување. „Ако мислите дека земјата сега е во неволја, само почекајте“, напиша Греам. Тој укажа на, како што рече, улици исполнети со омраза, гнев, криминал, дрога и безнадежност, истакнувајќи дека постои решение – национално покајание и враќање кон Бога.

Според него, американското општество сè повеќе се оддалечува од христијанските вредности и прифаќа, како што ја нарече, „безбожната секуларна идеологија“. „Нашите гревови се големи. Треба да побараме прошка од Бога и да го побараме Неговото лице“, порача Греам.

Неговата порака доаѓа во период на протести и немири по убиството на Рене Гуд во Минеаполис, која беше застрелана од агент на Службата за имиграција и царина. Додека федералните власти тврдат дека станувало збор за самоодбрана, критичарите ја оспоруваат таа верзија и сметаат дека употребата на сила била неопправдана.

Во овој контекст, Греам ги повика Американците да се молат за политичките лидери и за смирување на состојбите. Тој предупреди дека постојат групи кои, според него, намерно поттикнуваат хаос и сакаат да ја уништат државата, додавајќи дека Црквата треба да биде инструмент на мирот во време на голема неизвесност.

Греам повтори дека масовна молитва и покајание можат да направат разлика, доколку милиони луѓе застанат, се помолат и побараат прошка.

Неговите изјави следуваат по неодамнешна објава во која протестите против имиграциските операции ги поврза со радикални левичарски структури, тврдејќи дека нивната цел е трансформација на САД во земја слична на Венецуела. Тој остро ги осуди и пораките извикувани на протестите, вклучително и повици за насилство против федерални институции. Осврнувајќи се конкретно на случајот со Рене Гуд, Греам изрази сочувство до нејзиното семејство, но истовремено порача дека граѓаните мора да ги почитуваат наредбите на органите на редот и евентуалните спорови да ги решаваат по судски пат, а не на улица.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img