Почетна Анализа Последниот голем државотворен испит
Последниот голем државотворен испит

Последниот голем државотворен испит

1.70K
0

На 10 јуни 2022 година висока црковно-државна делегација ќе отпатува во историска посета на Константинопол. Членовите на Синодот на МПЦ-ОА предводени од Архиепископот Стефан, претставници на државната власт и илјадници верници ќе го запоседнат градот на Вселенската Патријаршија учестувајќи во многу важни настани што ќе ги пополнат најсветлите страници на нашата најнова државна и црковна историја.

На 12 јуни, недела, во раните утрински часови, во патријаршискиот храм на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец на Фанар ќе продолжат да се испишуваат најсветелите историски страници од заедничката литургија на која ќе биде ставен и духовниот печат на признавањето на каноничноста на црквата наследничка на славната Охридска Архиепископија. Во овој храм во кој одѕвонуваат вековите, великодостојниците на нашата црква, политичкиот врв на државата и верниците со радост и благодарност ќе го посведочат и формалниот крај на шестдеценискиот период во кој бевме отфрлени, но и во кој трпеливо развивајќи се, го сонувавме овој ден. Во духот на ваквата радост, на крајот од литургијата православните верници од целиот свет ќе ги слушнат татковските проповеди на Вселенскиот патријарх Вартоломеј и на Архиепископот Стефан кои ќе испратат заедничка порака на радост и на единство која ќе одѕвонува во годините пред нас.

Велат дека историјата им дава одговори само на оние што знаат да ги постават вистинските прашања. Така, одговорот на прашањето за тоа кои беа настаните што доведоа до овој чин, не е воопшто едноставен бидејќи во него треба да се опфатат големиот број помали и поголеми чекори во временски распон од повеќе години кои со пожртвуваност и трпение ги преземаа дел од нашите духовници. Секако, историчарите ќе ни дадат детални одговори во времето пред нас, но во овој момент, повеќе од јасно е дека финалето на овој процес започна со Барањето за еклитон на Синодот на МПЦ-ОА до Вселенската патријаршија која единствена има историски и канонски права да прифаќа апелација и да доделува автокефалност, од април 2018 година. На ова, пак, се надоврзаа повеќе настани кои кулминираа во средината на декември 2021 година со посетата на повеќе монаси од македонските манастири предводени од епископот Партениј на Фанар и средбата со Вселенскиот Патријарх Вартолемеј кој тогаш за прв пат јавно потврди дека Вселенската Патријаршија ќе ја прими во канонско единство нашата црква, чин кој и формално се случи пет месеци подоцна, на историскиот 9 мај 2022 година.

Во очекување на настаните од 12 јуни 2022 година, дел од граѓаните со право се обидуваат да ја согледаат вистинската големина и значење на потегот на Вселенската Патријаршија за признавање на канонскиот статус на Охридската Архиепископија заради што во продолжение ќе изнесеме четири поважни групи на аргументи во прилог на ставот дека станува збор за настан со историска големина и значење кој има позитивен одраз врз приликите во Црквата и во државата.

Зајакнување на столбовите на Црквата

После половина век од возобновувањето на МПЦ во лицето на Охридската Архиепископија, врз нашата црква е тргната шизмата и таа влегува во единство со целата православна екумена. Со тоа, клирот и верниците во полн капацитет и без никакви пречки ќе можат да ги искористат овие нови околности. Архиепископот Стефан ќе може да сослужува со поглаварите на останатите православни цркви. Митрополитите, епископите, монаштвото и свештенството на нашата Црква ќе воспостават нови и подобри мостови на соработка со митрополитите, епископите, монаштвото и свештенството на остантите помесни православни цркви. Верниците, пак, ќе имаат можност во целост да го живеат соборниот карактер на црквата, како и сите други верници во целата православна екумена. Ова во годините пред нас извесно е дека ќе доведе до голем број помали и поголеми успеси за нашата црква кои неминовно ќе влијаат во насока на натамошно зацврстување на нејзините темели и интегритет.

Зајакнување на столбовите на државата

Црквата е еден од столбовите на државата. Силна и интегрирана црква значи и посилна и поинтегрирана држава. Признавањето на канонскиот статус на Охридската Архиепископија од страна на Вселенската Патријаршија е придонес во насока на натамошно зајакнување на столбовите на државата. Освен споменатото, решавањето на црковното прашање ќе значи и натамошно унапредување на посебноста на македонскиот народ и држава. Имено, после 260 години, за прв пат македонскиот јазик ќе оддекне во Храмот на Свети Георги Победоносец на Фанар, во Константинопол, а потоа рамноправно ќе оддекнува низ целиот свет и на сите следни заеднички сослужувања што великодостојниците на нашата црква ќе ги имаат со великодостојниците на останатите помесни православни цркви.

Јакнење на внатрешната кохезија во државата

Одлуката на Вселенската Патријаршија од 9 мај 2022 година со која беше признаен афтокефалниот статус на нашата црква наиде на широка поддршка од страна на сите сегменти во општеството по должината на целиот политички, етнички и верски спектар. Граѓаните и нивните водачи независно од меѓусебните разлики по други основи, едногласно го поздравија овој чин, оценувајќи го како голем и како многу значаен. На тој начин, освен што се испрати силна поддршка за Црквата, беше демонстрирано и толку посакувано внатрешно единство кое многу пати во минатото недостасувало. Оттаму, ваквата демонстрирана зрелост може да претставува дополнителен фактор кој натамошно ќе ја зајакне кохезијата по должината на етничките и верските линии, но и ќе придонесе во насока на намалување на политичката тензија која во континуитет го обременува општеството и институциите на државата.

Зајакнување на позицијата на државата во регионалните и во меѓународните односи

Република Македонија со решавањето на црковното прашање од својот грб тргнува еден тежок проблем кој децении наназад ги оптоваруваше регионалните односи. Денес, пак, растоварени од тоа, извесно е дека уште повеќе ќе се намали инфлацијата на лошите вести за сметка на позитивните информации што ќе се однесуваат на теми поврзани со унапредувањето на меѓусебната соработка. Истовремено, во светло на глобалните поместувања, овој чекор означува и натамошно етаблирање на земјата во организациите во кои членува и кон кои се стреми да се зачлени бидејќи решавањето на црковното прашање е целосно комплементарно со евроатлантската ориентација на нашата држава, како и со декларираните интереси на САД во оваа насока.

Решавањето на црковното прашање е последниот голем државотворен испит што го положивме. Со тоа, натамошно се зајакнувааат темелите на црквата и на државата, а граѓаните, со оглед на декларираното единство, уште повеќе меѓусебно се обединија. Во меѓународни рамки, Црквата и државата уште повеќе ќе се вмрежуваат натамошно афирмирајќи ги македонскиот јазик, култура и посебност. Истовремено, тие на тој пат ќе се инспирираат од најдобрите примери на другите цркви во православната екумена, како и од нивните државни власти. Вселенскиот Патријарх Вартоломеј својата тридецениска служба ја крунисува со уште едно колосално дело достојно за голема почит и слава. И архиепископит Стефан кој внимателно го управуваше кормилото на Црквата одигра важна улога која е предмет на широка народна благодарност. Впрочем, заради ова, делото на двајцата поглавари преставува голем благослов и за сите нас бидејќи ја имаме ретката прилика да го посведочиме чинот на вклучувањето на наследничката на славната Охридската Архиепископија во заедницата со останатите православни цркви чија глава е Вселенската Патријаршија.

За многу години!

Пишува: Александар Спасеновски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *