Почетна Коментар Понављачи…
Понављачи…

Понављачи…

2.79K
0

Народски се вели „повторувањето е мајка на знаеењето“. Тоа значи, дека ако нешто го повторуваш неколку пати, тогаш мора и да го научиш. Нема шанси да не го научиш. Повторуваш и учиш.

Е да, ама оваа народска мудрост (во суштина латинска) во пракса не е така. Напротив. Оние кои обично повторувале (понављале по нашки), особено во основното, или средното образование, никогаш ништо не научиле. Што значи праксата ја побива мудроста. Колку и да повторуваш, де трето, де осмо, де први, втори клас, реално ти знаеш исто, а честопати и помалку.

Но реалноста и ова го демантира. На пример многу луѓе од оние кои повторувале, иако не научиле, станале „големи“, „важни“ луѓе. Затоа заклучокот за народната мудрост би можел да биде дека „повторувањето нема да те научи, ама може да те направи „голем“ и „важен“ човек“. А, „големите и важните луѓе“ треба да се слушаат, тие знаат се, особено кога од позицијата што ја имаат, ја манипулираат јавноста.

Но, ние сепак да се држиме до народната мудрост и да се обидеме со повторување нешто да научиме… ако сакаме…

„Големиот и важен“ лик од нашата приказна е повторно Архијерјот.

Како тој денес ја разбира црквата?

Никако… идентично како во 18 век по принципот „попска дума не се порекнува“. По истиот принцип „големиот и важен“ Архијереј од МПЦ-ОА се обиде да реплицира на анализата на религија.мк, „Слово за просечните“, тврдејќи и дека јас сум му ја земал работата… па вели: Се виде од каде дува ветерот. Не сакам да ја работам неговата новинарска работа, како што тој од петни жили се обидува да ја работи нашата…“

Уште на почетокото да расчиситиме, нека биде спокоен Архијерејот, јас кандилото не сум му го земал, за да му ја земам работата, а немам ниту намера…

Но, еве тој решил да биде аналитичар. Па како од шведска маса си зел што си сака и што на вкус му е мило од мојата анализа „Слово за просечните“, па со по некоја ракија и винце, составил, а можеби и му составиле, свое слово одговор.

Клучните прашања од мојата анализа ги изоставил. Но во духот на народската мудрост ќе ги преповториме.

„Големиот и важен“ Архијереј во своето писание вели: Е, сега е време да ги претресеме црковните прашања, кои директно ми ги упати во неговиот коментар. Најпрво, лага и манипулација е дека СПЦ ни дала нецелосна автокефалност и нè упатила кон Цариград – ова е брутална невистина!“.

Во ред. Да ги претресеме црковните прашања.

Архијерејот вели дека тоа е невистина. А, Томосот на СПЦ вели дека е вистина. Во духот на повторувањето, уште еднаш што пишува во Томосот на СПЦ: прашањето за своето официјално име (името на МПЦ-ОА, самата МПЦ-ОА) да го реши во непосреден братски дијалог со гркојазичните и останатите помесни Православни цркви.“ А пишува и дека „Патријархот српски официјално и јавно ќе ја соопшти горната соборска одлука, ќе го потпише соодветниот Томос и ќе го достави на сите сестрински автокефални Цркви на усвојување. Бидејќи Српската Православна Црква не е единствен фактор за автокефалноста, туку тоа е полнотата на Православната Црква, за што е потребна и рецепција (прифаќање (заб. на прев.)) од страна на другите Православни Цркви.“.

Согласно текстот на Томосот на СПЦ, повторно го прашувам. Дали МПЦ-ОА доби целосна автокефалност? Одговорот е НЕ!, бидејќи самата СПЦ кажува дека ова не е целосна автокефалност. Не е целосна автокефалност затоа што Томосот на СПЦ не е затворен документ, туку документ кој отвара две прашања. Името на Црквата и сеправославна согласност за нејзин статус за автокефалност.

Еве уште еден факт, за кој се надевам архијереот го знае. Тоа е одлуката на БПЦ во однос на македонското прашање, која беше објавена некаде, а во која се вели: „го разгледа писмото бр. … на Српскиот патријарх Порфириј, со кое известува за решението на Архијерејскиот собор на Српската православна црква, донесено на 16 мај оваа година, во врска со повторното вклучување на Православната црква на Р. Северна Македонија во каноснки поредок и по спроведеното гласење одлучи: БПЦ… ги поздравува решенијата (пред писмото на Порфириј се спомнува писмо од Вартоломеј, м.заб.) за кревање на шизмата и  влегува во канонско и евхаристисско општење со Православната Црква на Северна Македонија, додека прашањето за името… претстои да биде разгледано“. Подоцна БПЦ го реафирмира овој свој став, откако е повторно известена од СПЦ за даден Томос од нејзина страна, велејќи дека до „сеправославно решение за прашањето за името“, ќе го спомнува Архиепископот Стефан како Северномакедонски. Што значи ова „голем и важен“ Архијереју? Значи дека ние имаме безимена автокефалност. Која е адресата на автокефалноста? Од друга страна се бара сеправославно решение. Што значи тоа „голем и важен“ Архијереју?  Каде се многумина, уште што ќе испадне на штета на МПЦ?

Канони       

Архијерејот потоа продолжув: Авторот во продолжение вели: „по кој канон сме ја добиле ние автокефалноста?“, што беше упатено како контра прашање на моето прашање. Гледам и самиот си се чудам, па зар е можно како „експерт“ да го нема прочитано томосот што го издаде патријархот г. Порфириј. Таму, уште во првата реченица стои дека „автокефалноста се дава во согласност со канонскиот поредок на Најсветата Православна Црква Христова, а посебно врз основа на 34-то правило од Соборот на Светите Апостоли…“. Во ова апостолско правило е буквално напишано дека: „секој народ треба да си го познава првиот меѓу себе и да си го признае како поглавар. Никој да не се меша во туѓа епархија, а првиот епископ ништо да не прави на своја рака и своеволно, туку да биде во содејство и консултации со своите епископи, бидејќи така ќе биде зачувано едномислието“. Еве, ова е дефиниција за автокефалност, искажана лично од устите на самите Свети Апостоли“.

Гледате како човек кој има само површи познавања од нештата спинувачки прави манипулација со јавноста, мислејќи дека „попска дума не се враќа назад“, па се ова јавноста како догма треба да го проголта.

Прво, јас не го прашав „големиот и важен“ Архијереј по кој Канон е дадена автокефалноста на МПЦ-ОА, туку го прашав кој Канон на СПЦ и дава право да дава автокефалност? А тоа се две различни прашања. Но, бидејќи мижејќи пред другите факти од мојата анализа, налетал на нешто што му се видео интересно и гордо заклучил дека јас не сум го прочитал ниту Томосот од СПЦ, а таму нели во правата реченица е цитиран канонот, и веднаш се затрчал да скове своја теза за канонот по кој се давала автокефалност и готово тоа е тоа, чесно е да му одговориме, но и да ја растераме и оваа, нова магла.

Добро е што „големиот и важен“ Архијереј го цитира 34-ото правило од Светите Апостоли, но страшно е што манипулира.

Зошто?

Ако „големиот и важен“ Архијереј, или оној што му го пишувал писанието, малку повеќе е упатен во состојбите ќе знае дека тоа исто правило, во таа иста прва реченица од Томосот е цитирани и во Томосот за автонимија на ПОА, што во 2005 година го потпиша тогашниот српски Патријарх Павле. (Впрочем ако се поголеднат текстовите на Томосите на ПОА од 2005 за автономија и на МПЦ-ОА од 2022 за автокефалија, ќе се забележи дека станува збор за речиси идентичен текст во над 90 проценти, особено во клучните и суштински моменти, но тоа е друга тема)

Томосот на СПЦ за автономната ПОА почнува токму така… „Т О М О С за црковна автономија на Православната Охридска Архиепископија. П А В Л Е, по милоста Божја, Архиепископ пекќи, Митрополит белградско-карловачки и Патријарх српски, заедно со светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква, На Архиепископот охридски и Митрополит скопски господин господин Ј О В А Н, Претстоител на автономната Охридска Архиепископија. Согласно востановеното канонско Предание на Светата Црква Божја, посебно во согласност со 34. правило на Светите Апостоли…“

Како сега СПЦ истото канонско правило еднаш го толкува како правило за автономија, а втор пат како правило за автокефалнија?

Логично е да следува прашањето кога СПЦ точно го толкувала ова правило, а кога неточно? Сега или во 2005 година?

Но, која е суштината на толкувањето на ова правило? Ова е еден од темелните канони на раната црква кој повикува на Соборна организација на Црквата поврзувајќи ја со Светата Тројца, бидејќи црквата е создадена како образ на Божествената Троица. Канонот повикува на тоа архијереите, епископите на една територија да бидат еднодушни и поврзани со љубов и да бидат пример за љубовта и слогата меѓу клирот и народот. Ова не е Канон кој се однесува на поглаварите на различни цркви, туку Канон кој се однесува на епископите на една територија. Овој Канон воопшто не имплицира дека е Канон за автокефалност, туку Канон за устројство на една црква. И затоа СПЦ еднаш го толкува како Канон за автономија, а еднаш како Канон за автокефалија. Таа практично цитира Канон по кој се уредува една црква со повеќе епископи, а таа може да биде од денешна гледна точка и автономна и автокефална.

Историјата на Црквата од времето кога се пишувани овие канони не препознава автокефалност во денешната смисла. Тогаш секој епископски центар имал некоја форма на своја самостојност. Црковната организација настанува со здружувањето на различни епископски центри.

А, како „големиот и важен“ Архијереј го толкува овој канон? Како на пазар, па вели: Еве, ова е дефиниција за автокефалност, искажана лично од устите на самите Свети Апостоли“. Која декаденција човече? Архијереј на црква, ректор на Богословија, толкува Канони како таксист во два по полноќ, кога му е досадно, па првиот патник до дома ќе го угњави со своите „велелепни“ познавања од нуклеарна физика до светска геополитика. Замислете по логиката и канонското толкување на нашиот Архијереј, Светите апостоли (на кои патем само им се препишуваат овие правила, а не дека тие ги напишале), уште во времето кога Христијанството е на жесток прогон, кога крвта Христова е на земјата свежа, наместо за единство, правиле канони кои ќе ја делат и распарчуваа црквата по државни и етно граници… фали уште да каже дека ова е Канон што одредува право за национална црква и да завршиме работа.  Замислете ова да го прочитаат светските теолози, какво ли мислење ќе имаат за нашата црква и за нашиот клир.

Дополнително, Архијереј прави или свесна, или несвесна, но прави погрешна интерпретација на 34 апостолско правило, па дури и во преводот зборот „глава“ го заменува со зборот „поглавар“. Во суштина тоа се сосема различни термини по значње. Да, глава може да биде и поглавар, но во Црквата на секое рамниште во нејзиното уредување има глава. Глава во храмот е старешината, во парохијата е парохискиот свештеник. На пример во епархијата, глава е епископот. На Соборот на епископи во една црква, глава е Архиепископот, или Патријархот. И сега следува логичното прашање. Кога ќе се соберат сите поглавари на помесните цркви, тогаш кој е прв? Кој е главата таму?  Токму тоа е суштинското прашање од кое бегаат современите ученици на руската „духовна“ школа…

Но нејсе…

Одиме понатаму…

Архијерејот потаму во текстот продолжува: Подолу во томосот патријархот г. Порфириј повикувајќи се на содржината од ова правило, ја признава, објаснува и објавува нашата полна автокефалија. Тоа е цитат од самиот томос. Ништо не додавам, ниту измислувам. Во томосот, новата автокефална црква го носи името Македонска православна црква, наследничка на древната и славна Охридската архиепископија, а нашиот прв епископ е поглавар со титулата „архиепископ охридски и македонски“. Е, токму ова е шокантно за фанариотите и нивните домашни измеќари. Како тоа наеднаш „македонска“, како тоа титула „македонски“? Е, така, не ве прашавме, ама постапивме, и тоа (замислете!) во интерес на македонскиот народ. Ова ли треба да биде спорно, за ова ли треба да им се лутиме и да ги критикуваме собраќата архијереи од СПЦ. Секој што ова го критикува, омаловажува или не му е драго е промотор на туѓи интереси. Имало во Норвешка еден со чие име се опишуваат ваквите плитки души. На норвешки се вика Квислинг, а преведено на македонски… не знам, кај нас се полиномни овие полковници од петтата колона!“.

Колку мудро заклучил „големиот и важен“ Архијереј. Во Томосот на СПЦ пишувало дека Порфириј објавил полна автокефалност, а црквата носи име „македонска“ и титула на Архиепископот со македонски. Фино тоа што така пипшува во Томосот на СПЦ. Но, што пишува во Томосот на СПЦ два реда подолу Архијерејот на чита… или не му се чита… е токму од суштината на тоа што го пишува во тие две реченици подолу, следува суштинското прашање од реалноста. А, каде денеска Стефан е Архиепископ Охридски и Македонски? Кој поглавар на помесните цркви го спомнува под таа титула? Под таа титула не го споменува ниту тој, кој ставил потпис на тој исти Томос.

Но, еве, заради надежта дека повторувањето може да биде мајка на знаењњето, еве уште еднаш за фактичката состојба пред која упорно мижи нашиот Архијереј. Од четирите помесни цркви кои во своите диптиси го впишаа Архиепископот Стефан и кои го спомнуваат на лиругиите сите четири му дадоа различни титули, а на црквата различни имиња. Српскиот патријарх Порфириј во литургиите Стефан го споменува само како Охридски, без македонскиБугарскиот Неофит (сега покоен) го споменуваше како „Архиепископ Северномакедонски“Романскиот Данаил пак го споменува Стефан како „Охридски и Скопски и на Северна Македонија“. Рускиот Кирил и така не споменува никој,  Останатите поглавари на помесните цркви воопшто не го спомнуваат, односно сите тие цркви сметаат дека МПЦ-ОА не е автокефална црква. Тоа значи дека „големата“ победа за која зборува Архиерејот е мртво слово на хартија…

Но, поради сомнежот дека се ова до овде е разбрано, чинам дека е дополнително потребно повторно да се потсети и на писмото од Иринеј Буловиќ (еден од архереите на СПЦ со разумните братски постапки, што би забележал Архиерејот) напишано за грчката јавност непосредно по издавањето на Томсот и на фанфари дочеканата вест дека е извојувана битката за името Македонска црква. Подетално меѓу другото еве што пишува Буловиќ:

„Следствено, што се однесува до конкретнава тема со името, ниту го воведува, ниту настојува на употребата на името „Македонска Православна Црква“, или на името „Охридска Архиепископија и на Северна Македонија“, или на некое друго слично име, но ниту е во положба да им ја забрани неговата употреба на оние кои сè уште го носат истото. Темата се смета за отворена, а треба одговорно да биде решена преку непосреден и со добра волја братски дијалог помеѓу гркојазичните братски Цркви и Црквата на соседната земја, без вмешување и интервенција на другите помесни Цркви. Во одлуката на Свештениот Синод на Јерархијата на Српската Православна Црква за тоа, донесена на 16-ти изминатиов месец, недвосмислено пишува, меѓу другото, дека „се препорача …, прашањето со нејзиното официјално именување“ да биде решено „со непосреден братски дијалог меѓу гркојазичните и останатите помесни Православни Цркви“. Не постои документ или официјален текст на нашата Црква, во кој не се соочува одговорно и со должно внимание со оваа тема. Значајно е да се спомне дека многумина денес се незадоволни поради дискутабилното име, не само во Грција, ами и во Србија, каде што сè уште живее споменот за стара Јужна Србија, како и во самата Северна Македонија, каде што не се малцина оние на кои им пречи составната придавка ’северен‘. Значи, неправедно е обвинувана Српската Православна Црква „за користењето на називот Македонска Православна Црква, даден од Црквата на Србија на Црквата на Охрид“. Нашата Црква официјално не го употребува тој назив. Со докази разјаснивме кога, како и зошто, благовремено и помирително беше употребен овој назив, како единствен официјално постоечки. Прашањето на името, од српска црковна гледна точка, лежи во дијалогот и во споразумението помеѓу гркојазичните Цркви – и тоа најпрвин Црквата на Грција – со „Црквата на Охрид“, имајќи предвид, згора на тоа, дека и името „Охридска Архиепископија“ е дискутабилно, дури и оспорувано од не малку црковни кругови во и вон Грција, објаснива Буловиќ во писмото.“

И сега како вели „големиот и важен“ Архијереј: Секој што ова го критикува, омаловажува или не му е драго е промотор на туѓи интереси. Не бе пријатељу… Секој што пред ова молчи, а јавноста ја убедува во спортивното и ја лаже дека МПЦ-ОА го зачувала името „македонска“ и дека е со полна автокефалност, одработува за туѓи црковни интереси.

Јас не ги критикувам српските архијереи затоа што ги мразам, јас нив воопшто не ги критимувам, бидејќи тие си ги штитат своите црковни интереси. Јас Ве критикувам вас, затоа што слепо молчите и ја лажете јавноста. Ги критикувам Вашите непринципиелни принципи, Вашата неспособност да ги заштитите соствените црковни интереси, Вашиот комформизам кој Ве заслепил.

Цврсто држи го ништото…

Архијереј понатаму во текстот се впуштил во коментиорање на заклучоците од Шамбези. Повторно не разбирајќи што јас сум му напишал, одлучил да ме куди, ама индиректно ги потврдил тезите.  Па напишал: Авторот манипулантски го забошотува фактот дека тоа е само формална согласност, која чека конечно решение на идниот собор. Тоа моментално не е правило, туку е изразено во форма на идеја што дури ќе треба да се дискутира и усвои. Како и во која форма ќе се усвои, ќе видиме во иднина. Сега, во овој момент, таа форма не може да се користи како аргумент во интерес на Цариград. Таму во цитатот, на еден црковен јазик (неразбирлив за новинарот!), полн со љубов и меѓусебна почит, е кажано дека таа комисија предлага принципот за добивање автокефалност да биде во согласност на мајката црква и на сите помесни цркви. На вселенскиот патријарх му е дадена честа што канонски му припаѓа, а тоа е да биде прв меѓу еднаквите. Никаде не му е дадена власт самиот да одлучува. Ако веќе ја имал власта, како што тврдат нашиве приучени фанариоти, зошто му била потребна соборна согласност и од другите за овој предложен принцип (предложен, а не усвоен!).

Ете зошто е важно повторување и зошто повторувањето може да биде мајка на знаењето. Жално е што „големиот и важен“ Архијереј не разбрал што јас сум напишал. Не сум јас Хегел, за да не може еден великодостијник да разбере што сум напишал. Јас сум новинар и со прости зборови му објаснив дека и заклучоците од Шамбези не го спорат историското право на Вселенскиот патријарх да издава Томос за автокефалност. А тоа значи дека СПЦ не може да издава Томос за автокефалност, туку само Вселенскиот патријарх. Тоа што „големиот и важен“ Архијереј се впуштил во толкувања за нешто што не го разбирал, е негов проблем, исто како што е проблем на брзојазичните декор мајстори пред кооперација, на кои кога во момент во нивниот ум ќе им се види нешто непознато, одма земаат збор и тоа го објаснуваат како новооткрите.. Еурека…

Но, добро е што „големиот и важен“ Архијереј успеал барем да разбере дека заклучокот од Шамбези од 2009 годинна не е на сила. Але луја… Браво.. Точно така, Владаико…

Е, ама ако разбрал дека не е на сила овој заклучок, како можел да не изведе логичен заклучок, на пример по кој основ СПЦ ја праќа МПЦ-ОА на сецрковна согласност од другите цркви, или референдум за нејзината автокефаност? Бидејќи во Томосот на СПЦ децидно пишува:  „Патријархот српски официјално и јавно ќе ја соопшти горната соборска одлука, ќе го потпише соодветниот Томос и ќе го достави на сите сестрински автокефални Цркви на усвојување. Бидејќи Српската Православна Црква не е единствен фактор за автокефалноста, туку тоа е полнотата на Православната Црква, за што е потребна и рецепција (прифаќање (заб. на прев.)) од страна на другите Православни Цркви.“.

Јас знам дека ова вака тешко му паѓа на Архијереј за разбирање, иако е просто како два и два. Но еве пак да повториме. Томос за автокефалност не може да издаде СПЦ, може да издаде само Вселенската Патријаршија. Проблемот кој сега постои во православието е во две работи. Првата е согласноста од мајката црква (МПЦ-ОА ја доби од СПЦ), и таа работа не е спорна веројатно за сите. И втората е „сопоптпишување“ како израз на единство, или „поптишување“ како израз на одлука по консензус на сите помесни цркви“.

Драг владико, спорно остана уште она второто. И заклучокот не е усвоен, не како што Вие толкувате дека „Цариград сакал ца царува“, ами поради руската страна која инсистира на принцип на вето, а сите останати цркви не се согласуваат со тоа. Еве да упростам.. Верувам ќе бидам разбран. Значи сите цркви, вклучувајќи ја и руската се согласуваат дека идната автокефалност ќе се додели на онаа црква, за која Мајката црква ќе се согласи да се додели, а Томосот ќе ги потпише Вселенскиот патријарх. На Тој настан ќе бидат повикани сите поглавари на автокефални цркви да сопотпишат како израз на единство. Ова е ставот со кој се согласува Царигард и 99% од автокњфалните цркви.

Разликата со црквата на Русија е во делот дали поглаварите на автокефалните цркви треба претходно да се согласат на таа автокефалност, или имаат забелешки за одредени прашања, па потоа да се потпишат на истиот Томос, што го издавата Вселенскиот патријарх. И уште попросто. Во пракса, тоа што РПЦ го заговара и дава право на пример на БПЦ да не се согласи проради на пример името Охридска Архиепископија и да не стави потпис, со што практично ќе стави вето. Со првиот концепт со кој се согласува Цариград, но не и Москва, БПЦ ставаи сопотпис без да има право да одлучува, бидејќи клучна е одлуката на Мајката Црква (во случајот СПЦ), бидејќи од нејзината канонска територија се одделила новата автиокефална црква. И кој овде работи против интересот на МПЦ-ОА, Цариград или Москва?

Но, штом и ова личи вака непознато, еве јас ќе се обидам да подразјаснам со еден друг конкретен пример.

Верувам дека за „Големиот и важен“ Архијереј не е спорен теолошкиот, интелектуалниот, па и дипломатски капацитет на сега покојниот митриполит во Црна Гора Амфилохиј. Е тој Амфилохиј(кој патем беше дел од делегацијата на СПЦ во Шамбези) во февруари 2014 година, во македонскиот дневен весник Слободен печат има едно од ретките интервјуа за македонски медиуми. Исклучително важна црковна фигура во СПЦ, со години дел од комисијата на СПЦ за преговори со МПЦ-ОА. Во тоа интервју, Амфилохиј објаснува неколку суштински аспекти од македонско-српскиот црковен проблем. Еден од тие аспекти е токму автокефалноста на МПЦ-ОА и начинот како до нејзе се доаѓа.

На прашањето од тогашниот главен уредник на Слободен печат, кој го прави интервјуто, „Што ја спречува СПЦ едноставно да ја прифати реалноста каква што е сега и на тој начин да ја повика МПЦ во канонско единство“, (алудирајќи токму на моментот зошто СПЦ не признае автокефалност), Амфилохиј одговара доста прецизно, објаснувајќи дека СПЦ нема канонско право да признава автокефалност, туку едноставно таквата автокефалност да ја претстави пред Вселенската патријаршија.

-Се надевам дека еднаш, на сите во Македонија, ќе им стане јасно дека Православната црква на Србија не дава и не може да даде автокефалност. Таа единствено може да му предложи на Цариград и на сите останати православни цркви конечно добивање на автокефалност, но тогаш кога МПЦ-ОА ќе се врати во канонско единство.… Ајде пак да повториме… Амфилохиј вели: Се надевам дека еднаш, на сите во Македонија, ќе им стане јасно дека Православната црква на Србија не дава и не може да даде автокефалност. Таа единствено може да му предложи на Цариград и на сите останати православни цркви конечно добивање на автокефалност, но тогаш кога МПЦ-ОА ќе се врати во канонско единство. Па продолжува: Архиепископот Стефан и сите епископи тоа добро го знаат, за тоа со нив не еднаш сме разговарале. Тоа во разговорите им го потврдија, како Цариградскиот, така и Московскиот патријарх (овој последниот при неодамнешните разговори со г. Иванов, претседателот на Р. Македонија). Тоа всушност беше основа и на Нишкиот договор.(…) (…)Ако Синодот на МПЦ останеше на ставот за прифаќање на Нишкиот договор (со него практично Охридската Архиепископија – МПЦ доби „самостојност“) немаше да дојде до основање на Православната Охридска Архиепископија на чело со сега затворениот Архиепископ Јован, дотогашен член на истиот Синод. Со тоа сигурно е дека би и се дала можност на Православната црква српска да го исполни и своето ветување и да го покрене прашањето преку Вселенската патријаршија за добивање автокефалност на Охридската Архиепископија со согласност на сите помесни цркви, исклучиво меродавни за тој чин, пат на кој укажува и самиот Московски патријарх Кирил. Наместо да тргнат по тој единствен канонски пат, тие за жал упорно се држат до својот самопрогласен статус „на автокефалност“, останувајќи во раскол, надвор од полнотата на Православната црква, согласно она што им го кажа Сава, епископот Шумадијски (сега покоен) за време на средбата во манастирот Свети Наум: „Еве ти ништо, држи го цврсто“, вели Амфилохиј во интервјуто за Слободен печат од 2014 година, кое сè уште стои на интернет страницата на Црногорско-приморската епархија на СПЦ.

Разбирливо ли е „голем и важен“ Архијереју?

Чудно, но Архијерејот, кој важи за голем патриот во Македонија, толку голем што ако не е тој во МПЦ-ОА, „фанариотите“ ќе ја распродат, наеднаш од толку голем патриот, денес е поголем Србин од самите Срби. Ако, Амфилохиј вика СПЦ не може да дава автокефалност, зошто „големиот и важен“ Архијереј упорно и го дава тоа прав на СПЦ? Ако е од незнзење простено… ако е од намера… е за тоа си има ред…

Диптиси, ли се диптиси, архијерејски маки големи…

„Големиот и важен“ Архијереј во продолжение на духот на великоруски хвалоспев, во писанието реди ли реди погрди зборови за Цариград и за Вселенската патреијаршија… и оп во еден момент паѓа во сопствена замка… па од желба да омаловажува напишал: „На овие собори во Шамбези е расправано и за усогласување на диптисите на помесните цркви, што докажува дека кај сите се различни. Ако веќе се усогласуваат диптисите, како тоа за нас да биде единствено важен и валиден само цариградскиот?! Цариград сака така да биде, ама желбите се едно, а реалноста друго. Затоа да не потпаѓаме на евтини манипулации од домашните батлери во бели ракавици. Не одлучува само Цариград, има и некои други што треба да се прашаат.

Што е Диптихот? Просто преведено книга со две страници. На едната страница е запишано името на Црквата, а на другата титулата на поглаварот… Вака лаички објаснето. Значи во црковниот диптих меѓу другото запишани се Црквите и нејзините претстојатели кои го чинат единството на Едната Света Соборна и Апостолска Црква. Најчесо запишани по редот на признавањето на нивната автокефалност и по тој ред помесните православни поглавари го изразуваат единството, спомнувајќи ги претстојателоите на тие цркви за време на Големиот Вход од Литургијата. И точно е дека има различни, но не се сите различни како што Архијерејот на тој начин сака да го релативизира рускиот упад во оваа проблематика.

Ако, Диптихот на Цариград е обично слово на хартија, тогаш може ли „големиот и важен“ Архијереј да објасни дали на Архиепископот Стефан на литургиите му држат обична хартија со неважно слово кога излегува пред олтар на Големиот вход со путирот в раце? Кој Диптих користи МПЦ-ОА, а и речиси сите помесни правосавни цркви, меѓу нив вклучувајќи ја и СПЦ? На Цриград, или на Москва? Кои се имињата на поглаварите што ги споменува Архиепископт на МПЦ-ОА? (овде ја исклучуваме Украина). Оние запишани во Диптихот на Цариград, или оние запишани во Диптихот на Москва?

Второ, ако за МПЦ-ОА е неважно дали Вселенската патријаршија издава томос за автокефалност, тогаш зошто Стефан на литургиите не го споменува Тихон, поглаварот на Американската православна црква, која доби Томос од Руската црква во 1970 година за автокефалност? Кој тоа во МПЦ-ОА со децении претходно извршил фанариотски упад? Кој извршил фанариотски упад во Диптихот на СПЦ, бидејќи и Порфириј не го споменува Тихон.

Нели не се прашува Царигард само? Зошто на пример „големиот и важен„ Архијереј не подготви нов Диптих на МПЦ-ОА, баш онака македонски, па да си ги наброи црквите што си сака, како на пример може оние старокалендарците од Грција, (тие што ги милува неговиот идеолошки метор) зилотите, може и Коптите.. кој сака и милува нека го впише и да му го даде на Архиепископот Стефан да го прочита на следната Литургија?

Еве и една задача за „големиот и важен“ Архијереј. Бидејќи тој има пристап до архивите на МПЦ-ОА, јас секако како новинар немам, но може тој да побара и да најдеме одговор на едно многу важно прашање. Да видиме дали поранешниот архиепископи на МПЦ-ОА, Доситеј, Ангелариј, па и Гаврил го спомувале во своите литургии Грузискиот патријарх до пред 1990 година, или Архиепископот на Чешка и Словачка до 1998? Еве јас не знам, а баш сакам да знам… ама да побарам од Синодот увид во архивите на МПЦ-ОА е исто како да сум им влегол во спална соба на некои од владиците.. Затоа еве „големиот и важен“ Архијереј, нека провери, па во следното писание нека го достави овој податок на увид на јавноста.

Еве уште едно прашање за Архијерејот? Кога Грузиската црква ја одбележува својата автокефалност на што се сеќава? На денот кога Цариград и го врачи Томосот за својата возобновена автокефалност, што Русија преку својот црковен и политички империјализам и ја одзеде на крајот од 18 век. Токму овие денови беше тоа во 1990 година. „Како што е познато, во 1990 година, на празникот на торжеството на православието, кој го одбележавме вчера, Цариградскиот патријарх Димитриј ѝ врачи на Грузиската црква две грамоти кои ја потврдуваат нашата историска автокефалност и го признаваат патријаршиското достоинство на нашата Црква. Тоа се настаните што ги празнуваме денес, браќа и сестри, и кои од овој аспект, повеќе од кога било, треба да ги цениме како голема милост Божја“, истакна викар митрополитот на Грузиската црква Шио, на прославата годинава. Нека оди Архијерејот и нека им каже на Грузијците дека се фанариоти и дека маршираат во фанарски строј, затоа што достоинствено го почитуваат она што Фанар го направи за нивната црква. Може на Грузијциите и да им раскаже за тоа колку руската црква го љуби православието, колку е таа исправна во својата црковна политика. Нека оди и нека им објасни…

На личното со лично…

Гледам дека „големиот и важен“ Архијереј одлучил ова свое писение доследно да ми го посвети мене, не бирајќи начин на составување. Има таму многу работи за кои ако лично Архијерејот ги пишувал, веројатно при чиста свест би се преиспитувал дали да ги напише… но бидејќи многу нешта укажуваат дека текстовите друг му ги пипшувал, логично е и да тие делови ги има.. Но, тоа не го оправдува фактот дека ако некој нешто ти поттурил, ти треба дословно да ставиш потпис на него…

И од тие причини, а водејќи се по онаа култна реплика од еден култен македонски филм „На личното со лично“, овој пат решив така и да му одговорам.

Во првото писание одлучив да не го таргетирам делот во кој Архијерејот ме повикува за моите пишувања за Изгрев, но еве тој се охрабрил и повторно ја отвара оваа тема, па меѓу другото пишува: „морам да го спомнам и дежурниот адвокат на фанариотите, кој преку едно катил-писмо, полно со лични навреди, лицемерство и извртување на фактите, се обиде да парира на моите аргументи, без притоа да каже нешто конкретно и издржано за она што директно и индиректно беше прашан и повикан. Еве, ќе му повторам уште еднаш: ќе покаже ли лична чест и доблест, па да ги врати наградите што му ја создадоа и обликуваа кариерата додека клеветеше и ширеше лаги за нашиот архиепископ? Ќе се извини ли, ќе побара ли прошка од нашиот добар поглавар, која сум сигурен дека ќе му биде дадена како татко што ја дава на синот?“.

Прво, благодарение на моите пишувања Изгрев денеска е се уште сопсптвеност на МПЦ-ОА и место каде владиците можат и да уживаат во охридското езеро, а тогаш беше речиси изгубен имот. Орден не барам, фала не ми треба…

Второ, дали Архијерејот му кажал на Архиепископот за нашата тогашна интензивна комунукација? Знае ли Архиепископот дека после секој прилог Архијерејот се воодушевуваше на тоа како сум го соголил? Му ги каажал ли Архриерејот на Архиепископот неговите погледи и ставови за него? Знае ли Архиепископот за охрабрувањата од Архијерејот да се истрае во пишувањата? Едно време потоа го снема, за да го видам на една литургија во Скопје, на која во проповед со траорен глас изјави дека „Црквата е во прогон, се бара нејзината Глава“. Знае ли Архиепископот дека потоа Архијерејот се правдаше дека „морално било“ да излезе со ваква изјава. Ако не знае, нека му каже. Јaс сум сигирен дека Архиепископот ќе му прости, како татко на син…

Не дека беше некој фактор за брифирање, но беше добар сеирџија, исто како и еден друг Архијереј, кој дури на тацна главата на Архиепоископот ја нудеше, кога на селфетка во е едно култно место во градскиот парк ги броеше Владиците кои би кренале рака за разрешување на Архиепископот, по примерот на судбината на поранешниот Ерусалимски Патријарх Иринеј. Знае ли Архијерејот на кој список беше неговото име од салфекта-тефтерот на другиот Архијереј?

Тогаш за моите пишувања курбан отиода невини луѓе кои немаа врска со тоа, додека оние нои ја гледаа својата шанас во се ова, се уште гравитираат околу Архиепископијата… И сега ли треба да одат курбан пак невини луѓе? Јас тогаш бев наивен и млад, сега сум само млад…

И затоа, добар новинар на пример би го прашал Архијерејот и зошто е разрешен секретарот на Епархијата и подоцна под кои услови и зошто е вратен?

Добар новинар би го прашал Архијерејот и за денационализираните имоти и обврзници.

Легитимно е да се праша и за манастирот позади Тиквешко езеро…

Добар новинар би го прашал Архијерејот што се случи со пријателите од политиката, со кои едно време интензивно комуницираше? Каде се тие? Зошто не се во негов круг и сега? Разбрале ли нешто па се повлекле… ?

Добар новинар има многу прашања за Архијерејот…

Но, бидејќи Архијерејот одлучил да прашува, а не да одговара, чесно е да му се одговори по истиот принцип. На пример нека не биде загрижен за мојот црковен живот, треба да биде загрижен зошто нему му се празни црквите кога е на служба.

Јас би сакал на се поединечно да му одговорам на Архијерејот, ама нависнита под ниво е да полемизирам со човек кој мисли дека руските класици завршиле по логори поради крдење цреши, а не поради отпор кон вечните руски режими.

Но, што друго може да му се одговори на човек кој гордо себе се споредува со Григориј Богослов, освен да покренеме иницијатива да го канонизираме како четвриот Богослов на Црквата.

Јас се чудам, зошто „големиот и важен“ наш архијереј и уште еден, или двајца други, Архијереи не ги соблечат мантиите, па да си направат една голема и важна политичка партија и бујрум на избори… Гледам по социјалните мрежи имаат и доста попчиња за листи да направат. Зошто се мачат со кандилото, кога можат лесно да ја освојат власта, па да легитимно ја моделират и креираат државната политика…

Ама, нив им е полесно под мантијата и одеждата, пошто таа им служи за да народ чест и почест во нив препознава… а тие така чесни и почестени патриотизам да ни продаваат нас, кои одбравнме да останеме овде да живееме, наместо да заминеме по земјите на злобниот запад, каде веќе нивните одамна удобно се сместија… И на се тоа овде да викаме Амин Оче…

Пишува: Марјан Николовски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *