Почетна Вести Европа Грузиската црква ја одбележува својата автокефалност
Грузиската црква ја одбележува својата автокефалност

Грузиската црква ја одбележува својата автокефалност

1.55K
0

На 25 март Грузиската православна црква ја слави својата автокефалност, која ја прогласува во 1917 година, кога се ослободува од зависноста кон Руската Црква. Секоја година, на овој ден, грузиските црковни власти го одбележуваат овој историски настан со молебен, потсетувајќи во своите јавни настапи дека Руската Империја ја користела црквата во своите политички цели, за да го потчини и асимилира грузискиот народ. Автокефалноста на Грузиската црква не била допуштана, со цел да го држи грузискиот народ не само во верска, туку и во културна и политичка потчинетост.

И оваа година, викарот на Грузиската патријаршиска столица, митрополитот Шио Муџири, се потсети на овие настани во својот говор, одржан по молебенот во катедралниот храм на Тбилиси, „Света Троица“:

„Кога во почетокот на 19. век Руската Империја ја присоедини кон себе Грузија и ние ја изгубивме политичката независност, набргу дојде и до поништување на автокефалноста на нашата црква и до губење на нашата црковна независност, што беше незаконски чин од аспект на црковното право. Оваа страшна состојба траеше повеќе од сто години. Но и покрај тоа, истакнати грузиски свештеници и лаици не престануваа да вложуваат напори за враќање на нашата автокефалност. На почетокот на 20. век, нашето свештенство одржа собор на кој го покрена прашањето за враќање на автокефалноста, а во 1906 година ова прашање беше покренато и на состанокот на рускиот синод во Санкт Петербург, но, како што е познато, и покрај овие дискусии, царската власт и црковната управа се трудеа да го спречат обновување на автокефалноста во Грузија.

Овие настани многу добро се опишани во писмото на католикос-патријархот Леонид Окропиридзе (1918-1921) до рускиот патријарх Тихон. Денеска сакам да ви прочитам извадок од ова извонредно писмо, во кое католикос-патријархот потсетува на ставот на последните руски егзарси во Грузија во однос на обновувањето на нашата автокефалност. Еве што му напиша на рускиот патријарх: „Егзархот  архиепископ Никон му напишал на 20 јануари 1908 година на првиот член на Светиот синод, митрополитот Антон: Грузиското свештенство го воведе на грузискиот јазик во семинарите и на богословските училиштата, но тоа дефинитивно не треба да се дозволи… Ако дозволиме настава на грузиски јазик по теологија, ќе мора да одиме уште подалеку за да ги зачуваме основите на државноста, а можеби ќе треба … да се лиши Богословијата, како училиште на национален јазик, од издршката од  државната каса и од оние права, што им ги обезбедува на своите ученици, додека не стане целосно руска… Тогаш со извинување за стореното и со плачење за прошка, Грузијците ќе се откажат од своите национални аспирации и ќе побараат од нас да им го вратиме тоа што го имале. Дали е можно, брате, авторот на овие зборови позитивно да го реши прашањето за автокефалните права на Грузиската црква?“.

Грузискиот патријарх Леонид се потсети и на исклучително негативниот став и на следните руски егзарси Инокентиј, Алексиј и Платон: „И наследникот на архиепископот Никон, архиепископот Инокентиј, изјави дека не ја признава Грузиската црква… Архиепископот Алексиј, пак, стремежот на Грузијците да ја возобноват својата црковна независност го нарече е фантазерска заблуда на грузиската автокефалистичка интелигенција“.

Ова писмо прекрасно го отсликува огромниот отпор под кој раководството на нашата Црква морало да се бори за автокефалноста. И тоа продолжи до почетокот на 1917 година, кога во Русија се случија настаните од Февруарската револуција. Нашите архиереи го искористија тоа и на 12 март најавија возобновување на автокефалноста во Патријаршиската катедрала Светицховели. Тоа беше величествен празник и радост за нашата земја.

Како што е познато, во 1990 година, на празникот на торжеството на православието, кој го одбележавме вчера, Цариградскиот патријарх Димитриј ѝ врачи на Грузиската црква две грамоти кои ја потврдуваат нашата историска автокефалност и го признаваат патријаршиското достоинство на нашата Црква. Тоа се настаните што ги празнуваме денес, браќа и сестри, и кои од овој аспект, повеќе од кога било, треба да ги цениме како голема милост Божја“, истакна викар митрополитот Шио.

/dveri.bg

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *