На 14 декември 1975 година, на самиот праг од затворањето на Светата година и точно десет години по укинувањето на меѓусебните анатеми меѓу Римокатоличката и Православната црква, папата Павле VI направилнеочекуван и длабоко симболичен гест што трајно се вградил во историјата на икуменските односи.
За време на свечената литургија во Сикстинската капела, на која присуствувал митрополитот Мелитон од Халкидон, претставник на Вселенскиот патријарх Димитриј I, папата по завршувањето на богослужбата слегол од олтарот, му пришол на православниот јерарх, клекнал пред него и ги бакнал неговите нозе. Гестот бил познат однапред само на личниот секретар на папата, кој подоцна сведочел дека сите присутни биле затечени и длабоко трогнати, а тишината била прекината со долг и искрен аплауз.
Овој чин на папата Павле VI бил инспириран од Христовиот гест на миењето на нозете, но и од историското сеќавање на Соборот во Фиренца од 1439 година, кога православните патријарси одбиле да го направат токму тој чин пред папата Евгениј IV. Според сведоштвата на присутни црковни великодостојници, овој гест не бил само израз на лична смиреност, туку пред сè чин на помирување меѓу двете Цркви – помирување што било договарано низ историјата, но никогаш целосно остварено.
Митрополитот Мелитон подоцна изјавил дека „само светител може да направи такво нешто“, додека Вселенскиот патријарх Димитриј го опишал гестот како сведоштво за тоа каков треба да биде христијанскиот епископ – служител на помирувањето, единството и мирот.
Педесет години подоцна, овој настан повторно се актуализира во контекст на современите икуменски напори. Неодамнешното заедничко одбележување на Првиот вселенски собор во Никеја (денешен Изник) и погледот на христијанските цркви кон јубилејот во 2033 година ја потсетуваат христијанската заедница на мисијата за единство и кон тоа враќање во Ерусалим за да се потсетат на потеклото на нашата вера. Гестот на папата Павле VI останува нем сведок, зачуван на избледена фотографија, но со порака што и денес има сила: дека вистинското црковно водство започнува со смирение и завршува со помирување.

