По години тензии, преминување на парохии од една во друга јурисдикција и меѓусебни обвинувања, меѓу двете православни митрополии во Молдавија се појави прв посериозен сигнал за можно смирување на односите.
Бесарабискиот митрополит Антониј од Романската православна црква и Кишиневскиот и на цела Молдавија митрополит Владимир, чија митрополија е автономен дел од Руската православна црква – Московската патријаршија, изразиле подготвеност за воспоставување директен и постојан институционален дијалог.
Разговорот меѓу двајцата архиереи се одржал на 26 август во претседателската палата во Молдавија, каде што учествувале на свечената седница по повод 35-годишнината од прогласувањето на независноста на земјата.
Според соопштението на Бесарабиската митрополија, двајцата митрополити разговарале за потребата од „директна и постојана комуникација“ меѓу двете православни структури кои дејствуваат на територијата на Молдавија.
Засега не е договорен конкретен формат на идните средби, ниту се прецизирани темите што би биле предмет на разговор или можните области на соработка.
Од Бесарабиската митрополија оценуваат дека самата подготвеност за дијалог претставува важен сигнал во црковната ситуација во која долгогодишните несогласувања ги засегнаа свештениците, парохиските заедници и односите меѓу верниците.
Според нив, „директната и одговорна комуникација“ би можела да придонесе за надминување на недоразбирањата и за зајакнување на црковниот и општествениот мир.
Од молк до повик за дијалог
Сепак, двете страни не го претставија настанот на ист начин.
Официјалната Кишиневска митрополија детално известила за учеството на митрополитот Владимир на одбележувањето на независноста, но не го споменала разговорот со митрополитот Антониј.
Ден подоцна, Владимир објавил порака по повод националниот празник во која повикува на мир, умереност и дијалог, како и на избегнување омраза и поделби во молдавското општество.
Сегашниот сигнал за приближување, сепак, не доаѓа целосно неочекувано.
Уште на 13 јули, непосредно по устоличувањето на Антониј за Бесарабиски митрополит, Владимир во интервју за јавниот сервис „Moldova 1“ изразил надеж дека неговиот избор ќе отвори „нова страница“ во односите меѓу двете митрополии.
Тогаш Владимир изјавил дека во минатото приближувањето било попречувано од мешање на „одредени световни лица“, без притоа да прецизира на кого мисли.
Новиот Бесарабиски митрополит е роден во Молдавија
Митрополитот Антониј (Телембич) е роден во Молдавија, а богословие студирал во Јаш, Романија.
Светиот синод на Романската православна црква го избра за архиепископ Кишиневски, митрополит Бесарабиски и егзарх на териториите за кои Романската црква смета дека има канонско право, на 2 јули 2026 година.
На функцијата дојде по повлекувањето на долгогодишниот Бесарабиски митрополит Петар Педурару, по морален скандал.
Пред изборот за митрополит, Антониј ја раководеше епархијата во Балц.
Тој е и меѓу подносителите на жалбата во случајот пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој резултираше со признавање на правниот статус на Бесарабиската митрополија на Романската православна црква во Молдавија.
Црковен спор кој трае со децении
Бесарабиската митрополија е автономна митрополија во состав на Романската православна црква, додека Кишиневската и на цела Молдавија митрополија е автономна структура во рамките на Руската православна црква – Московската патријаршија.
Корените на спорот се во историските промени на територијата на Бесарабија. По влегувањето на регионот во состав на Романија во 1918 година, во црковен поглед таму била воспоставена јурисдикција на Романската православна црква.
По вклучувањето на Бесарабија во Советскиот Сојуз, црковната структура преминала под јурисдикција на Московската патријаршија.
По независноста на Молдавија, во 1992 година била обновена Бесарабиската митрополија во рамките на Романската православна црква, предводена од митрополитот Петар, што повторно го отвори прашањето за црковната јурисдикција над територијата.
Букурешт оттогаш обезбедува значајна поддршка за Бесарабиската митрополија, додека Кишиневската митрополија останува дел од Руската православна црква.
По почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, спорот доби и дополнителна политичка и геополитичка димензија.
Според податоците што во 2024 година ги објавил тогашниот Бесарабиски митрополит Петар во интервју за „Europa Liberă“, речиси 200 парохии ја напуштиле Молдавската митрополија и преминале во Бесарабиската митрополија по почетокот на руската инвазија.
Преминувањето на парохиите често било проследено со спорови околу црковните објекти, имотот и канонскиот статус на свештенството.
Тензиите продолжиле и во 2025 и 2026 година.
Во ноември 2025 година, Светиот синод на Молдавската православна црква лишил од свештенички чин 11 свештеници кои во претходните години преминале во Бесарабиската митрополија.
Од Бесарабиската митрополија тогаш ги оценија одлуките како неправедни и како обид за заплашување на свештенството.
Во таков контекст, средбата меѓу митрополитите Владимир и Антониј и најавата за воспоставување директна комуникација претставуваат значаен сигнал. Дали разговорот ќе прерасне во вистински институционален дијалог и ќе доведе до намалување на долгогодишните тензии, засега останува отворено прашање.

