Во зградата на Советот на Федерацијата во Москва, се одржа пленарната седница на XIV Божикни парламентарни средби под наслов „Просвета и морал: формирање на личноста и предизвиците на времето“. На настанот учествуваше и Рускиот патријарх Кирил, како и пратеници, претставници на државната администрација, Руската православна црква, други традиционални вероисповеди, претставници од образовни, научни и културни институции итн.
Пред почетокот на пленарната седница беа организирани неколку тематски тркалезни маси, посветени на воспитувањето и образованието, соработката меѓу државата и верските институции, како и поддршката за учесниците во специјалната воена операција и нивните семејства. Од нивната работа беше заклучлено дека парламентарните средби претставуваат важна платформа за соработка меѓу државата и Црквата. Истовремено се извлече заклучок дека прашањата за просвета и морално воспитување се од стратешко значење и се изедначуваатсо темите за суверенитет и безбедност на државата. Исто така и дека зачувувањето на традиционалните вредности е основа на националниот идентитет, а семејството има клучна улога во пренесувањето на моралните норми.
Патријарх Кирил во својот главен говор нагласи дека Црквата и законодавната власт имаат заедничка одговорност за духовната и моралната состојба на народот. Тој истакна дека развојот на Русија не се мери само преку државниот суверенитет, туку и преку зачувувањето на духовниот суверенитет, заснован на христијанската вера и православната традиција. Според него, моралната јасност и разликувањето меѓу доброто и злото се предуслов за лична и општествена стабилност.
На седницата се обратија повеќе претставници на законодавната и извршната власт, како и воени и црковни претставници, кои говореа за значењето на историската меморија, воспитувањето на младите и улогата на духовната поддршка во современите општествени услови.
На крајот од настанот беа доделени награди на победниците на конкурсите „Убавината на Божјиот свет“ и „За морален подвиг на учителот“, со што беше заокружена програмата на годинешните Божикни парламентарни средби.
