Папата изрази длабока загриженост поради најновиот бран смртоносни напади во Нигерија, во кои загинаа десетици луѓе. Тој упати молитви за сите жртви на насилството и тероризмот и ја изрази својата надеж дека надлежните власти ќе продолжат решително да работат за заштита на животот и безбедноста на секој граѓанин.
„Со тага и загриженост дознав за неодамнешните напади врз различни заедници во Нигерија, кои доведоа до голема загуба на човечки животи“, изјави папата Лав. Тој нагласи дека Црквата стои духовно блиску до сите погодени од насилството.
Според информациите, на 3 февруари во селото Воро, во централно-западниот дел на Нигерија, биле убиени најмалку 160 лица. Во изминатите денови, нов бран напади довел и до киднапирање на најмалку 51 лице и убиство на уште шестмина во четири села во сојузната држава Кадуна, регион со претежно христијанско население.
Посебно тешко е погодена католичката заедница во областа Каџуру, каде вооружени лица киднапирале 11 луѓе, меѓу кои и католички свештеник, и убиле тројца други. Католичката надбискупија во Кафанчан го потврди киднапирањето на отец Натаниел Асувеје, парох на храмот „Света Троица“ во селото Карку. Нападот се случил во раните утрински часови и бил опишан од очевидци како упад на терористичка група.
Поради ескалацијата на насилството, кое опфаќа напади од џихадистички групи како Боко Харам, но и акции на вооружени банди, нигериската влада распореди армиски баталјон во областа Кајама.
Покрај Нигерија, Папата се помоли и за жртвите на трговијата со луѓе, како и за настраданите од поплавите и свлечиштата во Шпанија, Мароко, Португалија и Сицилија.

