Почетна Интервју Ова е искушение од кое треба да излеземе како победници
Ова е искушение од кое треба да излеземе како победници

Ова е искушение од кое треба да излеземе како победници

140
0

Разговор со дон Давор Топиќ, катедрален парох,

Верниците на Католичката црква во Македонија што се дел од грегоријанскиот календар овој викенд ќе го одбележат најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Ова е првиот католички Велигден што ќе се слави во услови на пандемија.

Дон Давор Топиќ, катедралниот парох на Католичката црква во Скопје, во интервју за Нова Македонија, вели дека откако на 18 март годинава беше прогласена вонредна состојба во земјава, поради заразниот вирус ковид-19, скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, монс. Киро Стојанов веќе следниот ден упатил соопштение до верниците, во кое нагласил дека поради ширењето на вирусот, принудени се, водејќи грижа за здравјето и животите, како и за доброто на секој верник и граѓанин, да донесат одлука во наредниот период светите литургии да се служат без народ.

Како ќе се организира прославата на Велигден во католичките цркви низ земјава?
– Како црква што е организирана во два обреда, во кое со гордост гледаме на ова единство на богатствата во нашата различност на обредите, во ова време на подготовка за Велигден (по грегоријанскиот и јулијанскиот календар) настојуваме да живееме во поврзаност со нашите верници, односно со куќната црква преку нашите медиуми www.katolici.mk и Радио Марија Македонија, како и парохиските социјални мрежи, кои секојдневно во живо пренесуваат литургиски и други содржини.

Овој Велигден, во кој поради оваа ситуација е запрен редовниот тек на животот, ќе бидеме без физичка присутност на верниците во црквите, но тие ќе бидат поврзани со нас преку медиумите. Поради оваа ситуација добивме конкретни литургиски упатства од надлежната Конгрегација од Ватикан за обредите во деновите пред Велигден, како и самото славење на Велигден. Во ова време на пустина, сведоци сме на убави сведоштва за заеднички молитви и животот на куќната црква, која во оваа ситуација настојува да гледа предизвик за својот раст во верата и заедништвото, за кои сведочат свештениците од терен, кои се во секојдневен телефонски контакт со своите верници.

Како воопшто Католичката црква гледа на овој светски проблем? Дали светот соодветно одговара на пандемијата, со оглед на тоа дека оваа здравствена криза истовремено станува и економска криза?
– Папата Франциск со својата молитва и пригодно слово на празниот плоштад „Св. Петар“ на 27 март годинава, а каде што во суштина беше присутен целиот свет, покажа со каков дух Католичката црква ја живее оваа ситуација. Прво, сите се наоѓаме во ист брод, потоа даде сериозна дијагноза: „Сакавме да останеме здрави во болен свет што го изградивме“. А потоа папата ги потсети верниците на словото што многупати сме го слушнале во црквата: „Зошто се плашите? Зарем немате вера? Не плашете се, јас сум со вас!“ Се наоѓаме во Великата седмица, во која ние христијаните нурнуваме во најголемата мистерија: болката и љубовта.

Бог во Исус ги презеде на себе сета болка, секоја вознемиреност, секое разочарување, секој очај, за да нè научи дека секоја болка прифатена и преобразена во љубов станува неисцрпен извор на надеж и живот. И самата смрт ја победи со воскресението, кое ќе го славиме за некој ден. Мислам дека солидарноста што се разбуди меѓу многумина, вистинските вредности што ги препознаваме во ова болно искуство, разбудената свест за меѓусебна зависност и поврзаност за разлика од индивидуализмот што нè зафати… сето тоа укажува каков свет би требало да продолжиме да градиме по ова болно искуство. Уште повеќе, сега ги поставуваме темелите на она што ќе го имаме во иднина.

Дали оваа состојба со пандемијата може да ја загрози верата на луѓето или ќе придонесе да се зајакне?
– Библиски гледано на оваа ситуација, таа за нас е едно искушение во пустината, а искушението секогаш е за наш духовен раст, така што од оваа ситуација можеме да излеземе како победници. Да се сетиме на зборовите на пророкот Осија, каде што Бог му вели дека го одвел во пустината за да му зборува на неговото срце. И сега, додека се чувствуваме погодено, исто така чувствуваме повик да ја препознаеме новата близина со Бог во нашите семејства и меѓучовечки односи што се градат во неволјите.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *