Археолошки ископувања под Западниот ѕид во Ерусалим открија карпесто изработена ритуална бања, која датира од последните денови на периодот на Вториот храм, односно околу 70 година по Хр. Откритието, според истражувачите, нуди редок увид во животот во Ерусалим непосредно пред римското уништување на градот и палењето на Храмот.
Ископувањата ги спроведоа Israel Antiquities Authority и Western Wall Heritage Foundation. Бањата била запечатена под слој од периодот на Вториот храм и содржи траги од пепел, што сведочи за катастрофалното уништување на Ерусалим од страна на Римјаните.
Локацијата на наодот се наоѓа меѓу Големиот мост на север и Робинсоновиот свод на југ – делови што пред околу две илјади години служеле како главни пристапи кон Храмот. Римското разорување го означило крајот на жртвениот систем во јудаизмот и предизвикало масовни жртви и раселување на еврејските заедници.
Според директорот на Фондацијата за наследство на Западниот ѕид, Мордехај (Сули) Елиав, откривањето на бањата со пепел од уништувањето „како илјада сведоци говори за способноста на израелскиот народ да премине од нечистота кон чистота, од разорување кон обновување“.
Ритуалната бања е правоаголна, со должина од 3,05 метри, ширина од 1,35 метри и висина од 1,85 метри. Во неа водат четири камени скали врежани во карпата, а ѕидовите се малтерисани. Археолозите наведуваат дека ваквите објекти биле составен дел од секојдневниот живот во Ерусалим, град кој функционирал како храмски центар, со строго почитување на законите за ритуална чистота.
Дополнителните наоди од истата област вклучуваат и други бањи и камени садови, што, според археолозите, ја потврдуваат централната улога на ритуалната чистота. Камените садови биле широко користени затоа што, според верското право, за разлика од керамичките и металните, не апсорбираат ритуална нечистотија и можеле долго време да се употребуваат.
Министерот за наследство, раби Амихај Елијаху, оцени дека откритието ја продлабочува свеста за тоа колку биле испреплетени верскиот и секојдневниот живот во Ерусалим во храмскиот период, и ја нагласува важноста од продолжување на археолошките истражувања и зачувување на историската меморија за идните генерации.

