Новата 67-годишна поглаварка на Англиканската црква на Велс, Чери Ван, која јавно се идентификува како лезбејка и живее во истополов „граѓански сојуз“, изјави дека по нејзиното неодамнешно назначување дел од верниците веќе ја напуштиле Црквата на Велс.
Во интервју за Би-би-си, Ван истакна дека ова го сфаќа „многу сериозно“. Таа нагласи дека и натаму постојат луѓе кои се противат на тоа жените да заземаат водечки позиции во Црквата и дека нивното мислење мора да се почитува. Истовремено, таа призна дека и покрај напорите на Црквата на Велс да не ги дискриминира припадниците на ЛГБТК+ заедницата, за дел од верниците овие промени се тешко прифатливи, поради што некои решиле да заминат.
Чери Ван, која минатата година го наследи Ендрју Џон, стана првиот архиепископ со јавно признаена хомосексуална ориентација во историјата на Велика Британија и на целата Англиканска заедница. Нејзиното назначување предизвика силни реакции кај англиканските традиционалисти ширум светот.
Од конзервативното англиканско движење Gafcon оценија дека овој чекор „го разнишува Англиканското заедништво“ и го нарекоа „уште еден клинец во ковчегот на англиканството“. Претседателот на Советот на епископи на Gafcon и поглавар на Англиканската црква во Руанда, Лоран Мбанда, изјави дека движењето е подготвено да стане „безбедно прибежиште“ за верниците од Велс кои, според него, со чиста совест треба да ја напуштат таа деноминација.
Мбанда нагласи дека Gafcon мора решително да се спротивстави на, како што рече, сериозните заблуди што го поткопуваат традиционалното библиско учење за сексуалноста, и дека движењето ќе продолжи да го брани она што го смета за вистинско христијанско предание.
Од своја страна, Чери Ван изјави дека мнозинството членови на Црквата на Велс го поддржале нејзиниот избор, иако дел од реакциите биле „прилично непријателски“. Таа нагласи дека нема намера да ги замолчи или да ги маргинализира оние кои не се согласуваат со неа, дури и кога нивните изјави се навредливи.
Во поширок контекст, дебатите во Англиканската заедница дополнително се заострија по одлуката британскиот крал Карл III да ја назначи Сара Мулали за нов архиепископ на Кентербери. Таа во март 2026 година треба официјално да стане првата жена на оваа позиција и духовен поглавар на англиканците во светот, што уште повеќе ги продлабочи поделбите околу прашањата за бракот, сексуалната ориентација и идентитетот во рамки на оваа црковна заедница.

