Почетна Коментар Од Епископ до Епископ
Од Епископ до Епископ

Од Епископ до Епископ

636
0

Јасно е дека од посетата на рускиот епископ Тихон Шевкунов, викарен епископ на рускиот патријарх не можеа да се очекуваат спектакуларни резултати во однос на МПЦ-ОА. Kолку и да биле „гладни“ за некои позначителни поместувања од статус кво, што трае со децении, тридневниот престој на овој влијателен владика нема да донесе такво нешто. Но, ова сепак не е една од посетите кои брзо ќе се заборават поради нивната куртоазност оти индикативен е моментот во кој се случува.

Само пред десетина дена македонскиот владика Тимотеј се врати од средбата со српскиот владика Амфилохие кому му го врачи подарокот на МПЦ-ОА и со кого сигурно зборувал за обновувањето на прекинатиот меѓуцрковен дијалог. Сега тука доаѓа и викарниот епископ на рускиот патријарх, чија црква треба да биде посредник во тој дијалог и за што сигурно се разменети мислења на средбата со тројца македонски владици. Јасно, работите се уште се далеку од конкретната средба, далеку од можните решенија, но сега е најважно дека почнале да се движат.

На тоа чувство најмногу треба да се должи на создадената атмосфера што ја придружува посетата на несекојдневниот гостин од Москва. А неговото доаѓање повторно ја потврдува важноста на тоа да се комуницира со претставници на другите православни цркви.

Мора да признаеме дека такви посети на епископи на други православни цркви на нашата црква и на посети на наши владици на колеги во други цркви беа многу ретки во изминативе години. Не дека ги немаше, туку не толку колку што би требало да ги има. Јасно, во ситуацијата во каква што се наоѓа МПЦ како непризнаена црква не е ниту лесно да се организира еден таков вид црковна дипломатија.

Наспроти таквата желба на македонските владици за соработка се има ѕид од страна на СПЦ, има ѕид од блокот на грчките православни цркви, има отпор и кај дел од бугарските владици. Така, во таква ситуација е прашање и кому би му се упатувале поканите за заемни посети. Но, така ќе биде ако се помириме со тоа дека од другата страна не е пожелна комуникација со нас.

Поинакви ефекти ќе се случат доколку стратегијата „од епископ до епископ“ стане активност на која сериозно ќе и се пристапува. Фактот со кој и досега ни доаѓале владици од други православни цркви укажува дека не кај сите постои тој страв од последиците заради комуницирањето со непризнаената православна црква.

Последнава година, може слободно да се каже, во тој поглед имавме и позначајни поместувања: архиепископот Стефан во Софија заедно со бугарскиот патријарх од олаторт на главната црква ја следеше литургијата за светите Kирил и Методиј, во Битола и Охрид дојде грчки владика, бугарски владика дојде неодамна во Скопје, ни дојдоа претставници на Руската црква за поставувањето на крстот во Лешочкиот манастир… Значи, контактите се позачестени и тоа не е без причина. А мисијата што ја имаше владиката Тимотеј во Бар, кога литургијата на неколку православни патријарси и владици ја следеше од олтарот на новата црква, каде не може да биде некој што е недостоен како духовник, беше круна на сето ова. Таа, и признанието кое за време на вечерата му го даде српскиот владика Амфилохие, покажа дека православието нема проблем со прифаќање на достоинства и на чиновите на нашите митрополити. Односно, дека односот кон нашата црква се повеќе прераснува во однос кон црква чиј статус е неуреден, а не како однос кон некакви „расколници“. А тоа значи дека не би требало да е проблем да се имаат средби, да се комуницира со достоинственици чии чинови се неспорни и со кои е само проблемот што тие сакаат да бидат автокефална црква, а со кое барање не се согласува црквата што тоа им го оспорува.

Заради сето ова во месеците што следат би требало да се очекуваат се поголеми ефекти од стратегијата со која се сака комуникација и воспоставување на релациите со другите епископи. Па и со српските, грчките… Македонската држава веќе не прави никакви проблеми за влез на српските владици, тие држат служби и на Зебрњак и на Kајмакчалан, и навистина не би требало да има проблеми околу каква и да е средба со македонските владици, дури и по посетите на нивната експозитура во Македонија.

BrankoНа тој начин, од епископ до епископ, ќе се дојде полека и до синодите, до центрите на одлучувањата во православните цркви и каде ќе се создаде многу подобра атмосфера за решавање и на најтешките проблеми и прашања.

Пишува: Бранко Ѓорѓевски/ ДНЕВНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *