Почетна Коментар Нова мисија на Свети Јован Владимир
Нова мисија на Свети Јован Владимир

Нова мисија на Свети Јован Владимир

253
0

Македонските владици треба да имаат само една дилема за одлуката за тоа дали да ја прифатат желбата на српскиот митрополит Амфилохие да му отстапат мало парче од моштите на светиот Јован Владимир. А таа е содржана во прашањето каков третман ќе има македонска црковна делегација која би го однела делот од моштите на септемвриското осветување на храмот посветен на овој голем светител во црногорскиот град Бар. Ако намерата на српскиот митрополит му е само да му дојдат епископи од Македонија и да му го донесат ковчежето, а потоа само да стојат настрана и да гледаат како се одржува службата на осветувањето на храмот, тогаш големо прашање е дали барањето треба да се прифати.

Уште поголема дилема за давањето согласност треба да се јави ако владиката Амфилохие на таа свеченост го покани и Јован Вранишкоски да учествува во службата, а македонските владици ги стави во редот на набљудувачите.

Значи, синодските дилеми треба да се врзуваат само за тоа каков ќе биде третманот на македонските достоинственици. Доколку тој биде соодветен на тоа што е црковната реалност, но и на желбите и плановите како натаму да се развиваат односите меѓу двете цркви, тогаш одговорот за давањето на честичката од моштите треба да биде позитивен.

МПЦ-ОА пред осум години веќе донесе одлука да и отстапи честичка од моштите на нејзин патрон свети Kлимент Охридски на Бугарската православна црква. И таа одлука прво беше дочекана со изненадување, но потоа се виде дека тоа е само во функција на унапредувањето на меѓуцрковните односи. Дали поради тоа или поради севкупните фактори, македонскиот архиепископ г.г. Стефан пред две години на чествувањето на светите Kирил и Методиј беше пречекан и третиран како вистински поглавар на една православна црква. Точно, не учествуваше во службата во централниот софиски храм, но заедно со бугарскиот патријарх Неофит седеше во олтарот и на крајот од службата му беше дозволено да ги благослови верниците. Зошто такво нешто да не се повтори и во Бар од страна на домаќинот, владиката Амфилохие.

Реалноста е таа, никој не може да очекува дека на македонските достоинственици ќе им се овозможи да учествуваат во богослужбата бидејќи сегашниот статус ги попречува во тоа, но има многу начини домаќинот да го удостои гостинот што му носи вреден подарок со чест и со чување на неговото достоинство.

Нема потреба да се зборува за тоа колку овој гест на отстапување на дел од моштите ќе придонесе за подобрување на атмосферата меѓу двете цркви во пресрет на очекуваното обновување на преговорите. Такво нешто досега најмногу недостигаше. Еве, поминува и втората година од ослободувањето на Вранишкоски од затвор, а не бевме сведоци на ниту една порака која би била во функција на затоплување на односите. Напротив, така важна работа како да им се оставила само на руските посредници кои, гледаме, се зафатени со многу поважни работи и свои интереси отколку што е македонско-српскиот црковен спор.

Со чинот на подарувањето на моштите МПЦ-ОА ќе покаже дека е отворена за соработка, контакти, средби, за подобрување на севкупните односи… Во една таква атмосфера полесно е и да се разговара и за најтешките прашања како што е нашето бидејќи ќе се отстранат причините за тешките зборови, ќе се смени вокабуларот, ќе се види дека двете цркви можат да имаат пријателски и вистински христијански односи. Со тоа и ќе се префрли топката за убавите гестови кај СПЦ.

Може ли да се замисли како би била дочекана, на пример, одлуката на СПЦ да и отстапи на МПЦ-ОА дел од некои мошти од светителите што тие ги имаат во своите цркви? Сигурно уште попозитивно и гестови од ваков вид се еден од добрите патишта по кои треба да се унапредуваат црковните односи, особено меѓу оние цркви кои имаат наталожени проблеми. Светителите, кои во секоја црква уживаат висока почит поради она што го дале за христијанството, и на тој начин ќе помагаат за единственото на христијаните кои сега ги делат земските интереси. А свети Јован Владимир е токму еден таков пример бидејќи е почитуван во целиот овој балкански регион – од Црна Гора од која потекнува, Србија, па преку Албанија каде што му е најголемиот дел од моштите, па преку Македонија каде што станал зет на цар Самуил и доживеал љубов со неговата ќерка Kосара, па преку Грција каде што му е черепот и Бугарија… Значи, моштите на овој светител треба да послужат и денеска како порака за зближување на православните христијани и внесување нов дух во односите.

BrankoНа сето ова треба да биде свесен српскиот митрополит Амфилохие кога наскоро ќе почне да го пишува писмото до македонските владици за да му отстапат дел од моштите. Тој ја има најголемата одговорност за оваа идеја да помине во знакот на христијанската љубов и на чувањето на честа и на достоинството на оние што ги повикува да му дојдат во септември во Бар.

Во тоа име не смее да дозволи ни трошка сомнежи дека намерата му била да добие вредна реликвија, а на тоа со ништо добро да не возврати.

Пишува: Бранко Ѓорѓевски (ДНЕВНИК)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *